Marija Marija Marija

Супи, чорби и манџи

🍲 Мусака со компири 🍲

мусака од компир - Хедер

Многу сакам мусака! Најмногу ја сакам со модар патлиџан, но и оваа со компири ми е високо на врвот. Вообичаено мусака правам со мојата смеса од леќа, печурки и ореви, но овој пат имав од веганското мелено, па решив да го искористам. И морам да признаам дека излезе превкусна! 13 состојки + зачини и отприлика час и половина за превкусен оброк. Знам, мусака не е од најбрзите оброци, но е дефинитивно многу вкусен и „cosy & comforting“ оброк.

Мене лично мусака секогаш ќе ме потсеќа на баба ми (правеше ненадминлива мусака со модри патлиџани) ама потајно се надевам дека така ќе викаат и за мојата мусака.

Мојата верзија е богата со зеленчук (секогаш може повеќе) и многу, ама многу убав вкус!

мусака со компири

Потеклото на мусака

Сигурна сум дека сите веќе добро знаете, но да се потсетиме. Мусака е јадење на база на модар патлиџан или компир, најчесто со мелено месо. Најмногу се прави (и е најтипична) на Балканот и на Блискиот Исток, но има многу многу локални и регионални варијации. Интересен е фактот дека модерната грчка мусака е создадена во 1920-тите од Николаос Целементес. Најчесто, завршниот слој се прави со крем од млеко и јајце или млеко и брашно (бешамел). Во Грција (а и кај нас) мусаката се прави во неколку слоеви и се служи топла, за ручек. Она што ми беше интересно е, кога ја креирал, Целементес предложил и веганска варијанта за деновите на православниот пост. Исто така, Романија, има веганска верзија и наместо со месо се прави со печурки или мешавина од пржен кромид и ориз.

Верзиите во Египет, Турција и остатокот од Блискиот Исток се сосема различни. Во Египет, messa’aa може да се направи веганска или вегетаријанска, но и со месо. Но, во сите варијанти, главната состојка е пржениот модар патлиџан. Исто ака, во Турција, мусака се состои од тенко исечен и пржен модар патлиџан во сос од месо и домати. А пак, во Саудиска Арабија muṣagga‘a се јаде топла, но во другите арапски земји често се јаде ладна.

А сега, мојата мусака со компири

Мојот завршен слој не е со јајца и брашно, туку крем и млеко од соја. Ја направив со компир и во помалку слоеви, односно компир, фил, компир, прелив и ја јадевме за ручек. Кога ја правам со модар патлиџан, го печам. Преполна е со зеленчук, зачини, а супер шмек и даде и сенфот. Инаку, кога ја правам со модар патлиџан, кратко го печам (не го пржам) но ајде тоа нека биде посебен рецепт, таман со филот од леќа, ореви и печурки.

мусака со компири

И ете така, доколку немате идеја што да зготвите, имате компири и зеленчук, направете си ја одаа мусака. Превкусен ручек што инстантно ќе ве врати во детството или пак ќе ве транспортира во грчка таверна. Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката. И секако, погледнете ја целата категорија ручек, сигурно ќе се инспирирате што да зготвите следно.

Доколку си љубител на мусака, оваа моја верзија навистина многу потсетува на оригиналот. Малку е поздрава бидејќи не е пржена и нема јајца и брашно и направена е со комплетно растителни состојки (месото го заменив со веганско). Вкусна е и дефинитивно вреди да се проба (посебно за време на пости. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍲 Мусака со компири 🍲 Read More »

🍲 Минестроне супа 🍲

Минестроне супа - Хедер

Оваа минестроне супа е совршена за секој период од годината. Затоа што, супа е секогаш добра идеја, нели? Богата е со многу зеленчук и мешунки, а за нив знаеме дека се супер извор на растителен протеин. Плус, се прави во едно тенџере, за 20-тина минути. Многу е вкусна и е супер здрава. Во мојата верзија употребив навистина многу малку масло, што ја прави ниско калорична и одлична и за оние што внимаваат на калорискиот внес.

Од состојките во овој рецепт се добиваат две порции, а една порција има само 371,8 калории и 13 гр. протеин.

Но поважно, одлична е за да изедете многу зеленчук во еден навистина „cosy & comforting“ оброк. А со тоа воедно ќе направите и чистка на зеленчукот во фрижидер, затоа што треба да се направи место за свеж!

минестроне супа

Нешто повеќе за минестроне супа

Минестроне е густа супа што потекнува од Италија, и вообичаено се прави со многу зеленчук, мешунки, месо и тестетнини. Состојките вклучуваат грав, кромид, целер, моркови, лиснат зеленчук, супа, домати, и секако во Италија – пармезан. Интересно е тоа што не постои одреден рецепт за минестроне супа, бидејќи она што е карактеристично за оваа супа е што најчесто се прави од кое било месо и зеленчук што се на располагање.

Фактот што мене ми беше најинтересен е дека веројатно најраното потекло на минестроне супа датира уште од пред ширењето на латинските племиња од Рим, односно уште пред Римско Кралство (подоцна Римска Република и Империја). Тогаш локалната исхрана беила „во главно и по потреба вегетаријанска“ состоејќи се претежно од зеленчук, како што се како кромид, леќа, зелка, лук, грав, печурки, моркови, аспарагус и репа.

Fast-forward до денес

Ми текна дека последен пат минестроне супа јадев лани во Верона, и ми пројави толку убаво чувство што морав да ја направам за да си се присетам на тоа прекрасно патување. И вистина, ем ми испадна превкусна, ем мноогу слична на италијанската, ем ме врати на патувањето, што нели, ми беше и целта.

минестроне супа

И ете така, доколку дома имате многу зеленчук и малку паста, ова е знакот да си направите минестроне супа. Ќе ве најаде, ќе ве стопли и ќе ви ги исполни срцата со италијански дух. Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката. А доколку сакате да се инспирирате со уште вкусни супи, погледнете ги сите што ги имам објавено овде.

Доколку си љубител на супи и доколку дома имаш МНОГУ зеленчук и МАЛКУ паста, тогаш дефинитивно треба да си ја направиш мојата минестроне супа. Многу е вкусна, преполна со зеленчук и супер здрава. Плус, ќе те однесе на мини патување до Италија. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍲 Минестроне супа 🍲 Read More »

🍅 Чорба од Домати 🍅

чорба од домати

Оваа чорба од домати ме потсетува на далматинската juha od rajčica, доматна супа што далматинците ја прават со ориз. Верувале или не, на еден од одморите во Хрватска, ја јадев можеби секој ден. Од тогаш наваму, ја правам оваа моја верзија, исто така превкусна, и дури и уште поздрава. Плус, мојата љубов кон супи, чорби и манџички е вечна, како што можете да видите од она што го готвам.

Збор два за доматот

Доматите се богати со ликопен – којшто им ја дава црвената боја и ги штити од ултравиолетовите зраци на сонцето. Па така, ликопенот помага во заштита на клетките од оштетување. Доматите се богати и со калиум, витамини Б и Е и други хранливи материи.

Инаку ликопенот е антиоксидант што се бори со слободните радикали што ги оштетуваат клетките и влијаат на имунолошки систем.

Поради тоа, храната богата со ликопен, како што се доматите, ја намалува можноста од многу заболувања како што се рак на белите дробови, желудникот или простатата, заболувања на панкреасот, дебелото црево, грлото, устата, градите и грлото на матката.

Мало, црвено и многу моќно!

Збор два и не се баш доволни, па еве се што треба да знаете пред да ја подготвите мојата чорба од домати (и секако, зошто треба редовно да си ја правите).

За здраво срце

Ликопенот, исто така, може да помогне во намалувањето на нивото на ЛДЛ, или „лошиот“ холестерол, како и за подобрување на крвниот притисок. Содржи витамини Б и Е и антиоксидансите наречени флавоноиди, што можат да го зајакнат здравјето на вашето срце.

домати, морков, кромид, лук, овес, интегрален ориз, пелати

За подобар вид

Мојата чорба од домат содржи и морков па комбинацијата е одлична за здравјето на вашите очи. Лутеинот и зеаксантинот помагаат при заштитата на очите од сината светлина (или природни „Барнерки“). Го намалуваат уморот во очите и ја намалуваат главоболката што е последица од напрегање на очите.

За подобар проток на крв

Внесувањето повеќе домати во исхраната може да ги намали шансите од мозочен удар, бидејќи доматите го намалуваат воспалението, го зајакнуваат имунолошкиот систем, го намалуваат нивото на холестерол и ја штитат крвта од згрутчување. Фактори што можат да помогнат да се спречи мозочниен удар.

чорба од домати

За здрава и чиста кожа

Ликопенот ги штити доматите од сончевите зраци и истото може да го направи и за вашата кожа. Секако, не треба да се мачкате со домати, продолжете со употреба на заштитните креми, плус, јадете многу свежи домати и секако, оваа вкусна. издрава чорба од домати!

За здрави бели дробови

Некои студии покажуваат дека доматите може да им помогнат на луѓето со астма како и да помогнат во спречување на емфизем, состојба која полека ги оштетува воздушните кеси во белите дробови. Ова доаѓа како резултат на тоа што ликопенот, лутеинот и зеаксантинот, меѓу другите антиоксиданси, се борат со штетните материи во чадот од тутунот, (инаку водечка причина за емфизем).

Ете… Сега откако научивме некои од најважните придобивки од доматите, мислам дека нема потреба да ве убадувам зошто треба да си ја направите мојата чорба со домати. Плус, ја правам со интегрален ориз и цело зрно овес за уште повеќе нутриенти, диететски влакна и ситост. Ова е навистина прекрасен ручек, што задолжително треба да си го искомбинирате со свежа салата (препорачувам свеж спанаќ, авокадо и тофу). Инаку, целиот рецепт е подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа чорба од домати, те охрабрувам да ја направиш уште денес. Многу е вкусна, здрава, густа и сочна. Плус богата со витамини, минерали и диететски влакна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍅 Чорба од Домати 🍅 Read More »

🍛 Чили Леќа 🍛

Чили леќа - Хедер

Кога ќе ја пробате мојата чили леќа, нема да сакате да правите каква било друга леќа. Плус, ако сте љубител на пикантен вкус – тогаш овој ручек е полн погодок за вас. Секако, доколку не јадете луто, едноставно изоставете го во зачините – вкусот и понатаму ќе биде предобат.

Тајната состојка

Ја крстив чили леќа, затоа што е пикантна – односно и ставам неколку зачини што дават лут вкус. Секако, како што напоменав погоре, слободно изоставете ги доколку не јадете луто. Но, тајната состојка во ова јадење, сепак, е томато сосот. Односно, јас леќата не ја варам во вода, туку во доматен сос, што совршено се вклопува со црвената леќа што ја користам за ова јадење, морковот, лукчето и кромидот. И тоа е тоа, нема комплицирани состојки, нема голема филозофија. Брз, лесен и здрав ручек готов за 20-тина минути

чили леќа
чили леќа

Чили леќа без чили?

Нека не ве плаши името, веќе неколку пати нагласив дека поеднакво е вкусна и доколку не ставите чили и хариса. Чилито е добро да се јаде, но не и да се претерува – како впрочем и се останато. Слободно ставете ги зачините што ги сакате (одлично оди со босилек, или нане, и секако, свеж магдонос.

Леќата е инаку уште еден одличен извор на растителен протеин и добро е да ја консумирате често. Уште подобро е ако ја искомбинирате со упте некој извор на протеин како тофу, плус грав и грашок. Јас често ја користам, и од леќа правам се:
– тортиљи/врапови
– ќофтиња
– ролат

А, наскоро ќе го објавам и рецептот за протеинско лепче од леќа 😍🤩

Доколку си љубител на манџички како мене, плус ако сакаш пикантен вкус, тогаш дефинитивно треба да ја пробаш мојата чили леќа. Откако еднаш ќе ја направиш, нема да правиш друга леќа - толку е вкусна. Дури и ако не сакаш луто, изостави го и повторно ќе биде вкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍛 Чили Леќа 🍛 Read More »

🍲 Богата зеленчукова тава 🍲

езленчукова тава - Хедер

Ова е една могу вкусна и богата зеленчукова тава (може да се каже и варијација на нашата „турли-тава“, плус минус некој зеленчук). Велам богата затоа што има еден куп зеленчук, а велам варијација на турли тава, затоа што нема бамји ама има наут и пченка. Наутот е уште еден извор на растителен протеин а во комбинацијава оди совршено!

Како да ја подготвите оваа богата зеленчукова тава

Јас прво ги пропржив/издинстав зеленчуците, па потоа ги ставив во тава, ги полив со доматен сос (најдобро е домашен, без шеќер), додадов пченка и маслинки, убаво промешав и ставив да се пече. Целата постапка инаку ја имате во рецептот подолу. Доста важно е дека стои и во фрижидер (погодна е за meal-prep) и вкусна е и по два/три дена!

Богата зеленчукова тава
Богата зеленчукова тава

Медитерански шмек или добро познат Македонски вкус

Несомнено, сè што има модар патлиџан потсетува на македонската традиционална кујна но, пред сè поради маслинките, го има и препознатливиот медитерански шмек. Како сакате класифицирајте ја, оваа богата зеленчукова тава ќе биде вашиот одличен семеен ручек!

Нутритивно богат и здрав оброк

Јас многу сакам „манџи“ и секаков тип на готвени јадења, печени зеленчуци и сите варијации на темата. Така и оваа тава ми беше толку вкусна, но освен што е вкусна е и супер здрава!

🫘 Наут: помага во контрола на шеќерот во крвта, варењето и можe да помогнe во намалување на холестеролот. Наутот ги зајакнува коските и може позитивно да влијае во јакнење на менталното здравје поради холинот – состојка што помага за подобра меморија, расположение, контрола на мускулите и други активности на мозокот и нервниот систем.

🍆 Модар Патлиџан:

содржи антиоксиданси како витамините А и Ц, кои помагаат во заштитата на клетките. Богат е со полифеноли, коишто помогнат во обработката на шеќерот кај лицата со дијабет.

🥕 Морков:

полни се со витамин А и бета-каротен, и можат да го намалат ризикот од дијабетес. Можат да ги зајакнат коските поради тоа што содржат калциум и витамин К. Влакната во морковот помагаат во контрола на нивото на шеќер во крвта.

🌽 Пченка:

богата со витамин Ц, антиоксиданс којшто ги штити клетките од оштетување. Жолтата пченка е добар извор на каротеноидите лутеин и зеаксантин, коишто се добри за здравјето на очите и помагаат да се спречи оштетување на леќите што доведува до катаракта.

🍅 Домат:

одличен извор на ликопен, антиоксиданс кој е поврзан со многу здравствени придобивки, вклучително и намален ризик од срцеви заболувања. Одличен извор и на витамин Ц, калиум, фолат и витамин К.

🫒 Маслинки: имаат многу витамин Е и други моќни антиоксиданси, добри се за срцето и можат да штитат од остеопороза.
🧄 Лук: го зајакнува имунолошкиот систем, помага во намалување на високиот крвен притисок, во намалување на нивото на холестерол и има антибиотски својства.
🧅 Кромид: содржи антиоксиданси и анти-инфламаторни соединенија кои ги намалуваат триглицеридите и го намалуваат нивото на холестерол – што може да го намали ризикот од срцеви заболувања.

Доколку си љубител на манџи и запечени тави, тогаш дефинитивно треба да ја пробаш мојата богата зеленчукова тава. Вкус на традиционалната македонска кујна, со медитерански шмек. Вкусна е, здрава и се прави релативно лесно. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍲 Богата зеленчукова тава 🍲 Read More »

🥦 Чорба од Брокула 🥦

Чорба од брокула - Хедер
Чорба од Брокула

Океј, веќе сите знаеме – Марија многу сака супи и чорби! А, оваа чорба од брокула е совршен оброк, утеха, лек! Зошто? Затоа што брокулата е еден од најмоќните зеленчуци на планетата! Плус, јас најчесто ја правам во комбинација со грашок и спанаќ или блитва за уште побогата нутритивна вредност!

Но, комбинациите за чорба со брокула се бескрајни! Направете ја со морков или со компир. Па дури и во комбинација со карфиол е одлична. Како и да се решите да ја искомбинирате и приготвите, нема да погрешите! Ве уверувам дека мојата чорба од брокула ќе биде еден од оние задолжителни оброци. Еве и зошто:

Брокула: колку повеќе, толку подобро

Освен што има малку калории а многу витамини и минерали, брокулата е еден од оние зеленчуци што има моќ да ви помогне буквално во сè!

Богата е со многу хранливи материи, вклучувајќи диететски влакна, витамин Ц, витамин К, железо и калиум. Исто така, може да се пофали со фактот дека содржи повеќе растителни протеини од повеќето други зеленчуци.

Зелено пакетче од витамини и минерали

Богата е со Витамин Ц, антиоксиданс важен за функцијата на имунолошкиот систем и здравјето на кожата. Само 1/2 шоља (45 грама) сирова брокула обезбедува речиси 70% од потребните дневни вредности. Содржи високи количини на Витамин К1, којшто е важен за згрутчување на крвта и може да го подобри здравјето на коските. Содржи Фолат (витамин Б9), што е особено важен за бремените жени. Фолатите се потребни за нормален раст на ткивото и функцијата на клетките. Богата е и со Калиумот којшто е корисен за контрола на крвниот притисок и спречување на срцеви заболувања. Содржи Манган како и Железо – што е неопходен минерал, којшто има многу важни функции во телото, како што е транспортот на кислород во црвените крвни зрнца.

Чорба од Брокула

Добра е за здравјето на срцето

Редовното консумирање обарена брокула го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести, бидејќи ја намалува вкупната количина на холестерол во телото. Плус, може да го намали ризикот од срцеви заболувања.

Добра е за здравјето на очите

Брокулата содржи каротеноиди, лутеин и зеаксантин, кои можат да го намалат ризикот од очни нарушувања (особено оние поврзани со стареењето), како што се катаракта и макуларна дегенерација. Брокулата содржи и бета-каротен, кој телото го претвора во витамин А, чиј недостаток е поврзан со ноќно слепило.

Го поддржува хормоналниот баланс

Содржи растително соединение наречено индол-3-карбинол (I3C), кое делува како растителен естроген и може да помогне во балансирање на хормоните со регулирање на нивото на естроген. I3C, исто така, се покажа и како средство за намалување на ризикот од естроген-индуциран рак на дојка и репродуктивен карцином и кај мажите и кај жените. Сепак, за ова се потребни уште клинички истражувања.

Го подобрува имунитетот

Бидејќи е богата со сулфур, брокулата може да го подобри здравјето на цревата и како резултат на тоа, да ја подобри целокупната одбрана од инфекции. Сулфурот го поддржува производството на глутатион којшто е важен за одржување и рефенерирање на цревната обвивка. Како силен антиоксиданс, глутатионот делува низ телото и ги штити клетките од воспалително оштетување.

Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа чорба од брокула, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е навистина многу здрава, густа и сочна, кремаста и превкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥦 Чорба од Брокула 🥦 Read More »

🍲 Богата чорба со хељда и зеленчук 🍲

чорба од хељда
чорба со хељда и зеленчук

Се уште тврдам дека “Што ќе ручаме денес” – е едно од најчесто поставуваните прашања во едно домаќинство. И често пати, доколку се нема направено барем ориентационен план од претходниот ден, се завршува со јадење нешто „на брзинка“, „од нога“ или купечко… Токму затоа и покрај што ја имам објавено и на мојот иснтаграм профил, сепак сакам да ја оставам и овде оваа превкусна и нутритивно богата чорба со хељда и зеленчук. Ова е уште една идеја за брз, домашно зготвен, безглутенски и здрав оброк.

Како и поголемиот дел на чорби, супи и манџички, така и оваа можеби не е нај фотогенчна за сликање ама е многу, многу вкусна и здрава. Со овој оброк внесувате многу важни витамини и минерали и што е најважно, хељдата долго ќе ве држи сити.

За хељдата имам напишано по некој збор во неколку различни рецепти, но еве уште една прилика да спомнеме уште некој факт.

Супер храна за супер здравје

Хељдата се смета за „псевдожитарка“ бидејќи има многу слични својства со житарките, но не доаѓа од трева, како што е случајот со повеќето други житарки. Се смета за супер-храна поради нејзината нутритина вредност и моќни бенефити. Плус, хељдата е многу едноставна да се инкорпорира во секаков тип на оброци, нема глутен и е погодна за сите. Одличен извор е на растителен протеин а исто така содржи и многу витамини како тиамин, рибофлавин, ниацин, фолат, витамин К, витамин Б6…

Хељдата треба да ја консумирате, затоа што има многу придобивки за вашето здравје. Може да ја подобри работата на срцето, дигестијата (варењето на храната), може да помогне во контрола (и губење) на тежина. Хељдата исто така е погодна и за луѓе со дијабетес, бидејќи како комплексен јаглехидрат, на телото му треба повеќе време да ја претвори во едноставен јаглехидрат. Ова придонесува кон успорување на дигестијата и одржување на ниско (и стабилно) ниво на шеќер во крвта подолг временски период.

Зошто баш оваа чорба со хељда и зеленчук

Затоа што се прави брзо, лесно и едноставно. Но, и затоа што е превкусен и прездрав оброк. Ама пред сè, затоа што е избалансирана, ќе ве најаде и ќе ве наполни со одлични нутриенти. Мислам дека ова се дволно причини. Доколку ви требаат уште, без грижи, можам да дополнам, само побарајте! 🤣

Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа богата чорба со хељда и зеленчук, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е супер здрава, нутритивно богата и многу вкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍲 Богата чорба со хељда и зеленчук 🍲 Read More »

🫘Хранлива чорба од наут 🫘

чорба од наут - хедер

Многу сум среќна кога ја дополнувам категоријата супи и чорби со вакви прекрасни, нутритивни и „новокомпонирани“ чорбички како оваа хранлива чорба од наут. Всушност, оваа чорба повеќе спаѓа во категорија „манџички“ но да не навлегуваме во технички детаљи, сите оброци слични на оваа ќе ги најдете заедно со супите и чорбите.

Зошто наут?

Наутот е вид на мешункаст зеленчук којшто спаѓа во исто семејство како и гравот и кикириките. Наутот е познат под повеќе „псевдоними“ како „гарбанзо грав“, „бенгалски грам“, „египетски грашок“ или едноставно – леблебија (кога е во печена форма). Вкусот му е јаткаст, а структурата кремаста. Карактеристично за наутот е што е една од мешунките со доста голем процент на растителен протеин. Но, сепак, наутот е најпознат по тоа што е клучната состојка во хумусот.

Сите придобивки од наутот

Го контролира нивото на шеќер во крвта

Наутот една моќна мешунка којашто помага при контрола на шеќерот во крвта, поради нискиот гликемиски индекс. Ова значи дека телото полека го апсорбира и вари, што помага да се задржи шеќерот во крвта и инсулинот да не се зголеми пребрзо. Ова го прави наутот погоден за дијабетичари.

Помага во варењето

Поради тоа што е богат со диететски влакна (особено растворливи), добрите бактерии во цревата лесно го разградуваат, па дебелото црево може полека да го вари. Плус, јадењето повеќе наут може да помогне да за полесно и поредовно празнење на дебелото црево.

Може да помогнат во намалувањето на холестеролот.

Нутот може да го намали вкупниот холестерол и пред се LDL („лошиот“) холестерол. Ова го намалува ризикот од срцеви заболувања.

чорба од наут

Ова се секако, само дел од придобивките на наутот. Мојата хранлива чорба од наут е збогатена и со целер, но за целерот мислам дека е добро да напишам засебен пост. Во меѓувреме, направете си ја чорбава за следниот ручек, нема да погрешите.

Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа хранлива чорба од наут, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е многу здрава, многу хранлива и многу вкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘Хранлива чорба од наут 🫘 Read More »

🍅 Чорба од цвекло 🍅

чорба од цвекло - Хедер
Чорба од цвекло

Мене чорбите ми се храна за душа или “ultimate comfort food” и чорби правам од сè, па така настана и оваа чорба од цвекло. Има преубава јака розово-црвена боја (баш е christmas-friendly, може да оди и во категоријата Празнични рецепти). Плус, е супер вкусна и многу здрава. Јас ја правам само со три состојки: цвекло, црвен кромид и лук. Мојата тајна е печењето на зеленчукот. Количината на зеленчук и вода и зачините се по сопствен вкус.

Неговото височество: цвекло

Освен по препознатливата темно црвена боја, цвеклото е преполно со есенцијални хранливи материи. Извор е на влакна, фолат (витамин Б9), манган, калиум, железо и витамин Ц. Сето ова има бројни здравствени придобивки, вклучително и подобрување на протокот на крв, намалување на крвниот притисок и зголемени перформанси при вежбање.

Во 100 грама има само 43 калории, а количината на влакна што ја содржи помага да се чувстувате сити подолго време. Вкусно е свежо, во салата, закиселено, испечено како додаток со друг зеленчук или како во овој случај – во чорба!

Чинија љубов

Оваа чорба од цвекло е чинија љубов во вистинската смисла на зборот. Убава на око, убава на вкус и неверојатно можна за здравјето! Буквално не постои причина да не ја направите. Истово го кажав и кога прв пат ја објавив на мојот инстаграм профил.

Ова инаку го напоменувам во секој објавен рецепт за супа или чорба – густината ја регулирате со додавање на вода. Односно, доколку сакате чорбата да е погуста, ставете помалку вода.

Чорба од цвекло
Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа чорба од цвекло, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи има неверојатна боја и одличен вкус. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍅 Чорба од цвекло 🍅 Read More »

🥕 Чорба од морков и ѓумбир 🥕

чорба од мореков и ѓумбир - Хедер
чорба од морков и ѓумбир

Оваа чорба од морков и ѓумбир е она што ви недостасува во вашиот следен оброк! Мислам дека веќе сите сме свесни за здравствените придобивки на ѓумбирот, но ајде да повториме некои: има анти-инфламаторско дејство и ги намалува болките при артритис, го намалува нивото на шеќер во крвта, го намалува нивото на холестерол, го забрзува варењето и го намалува гадењето, односно го стабилизира стомакот.

А во комбинација со морков, лук и куркума како во оваа чорба од морков и ѓумбир, станува еден прекрасен и хранлив ручек.

Морков: сите придобивки

Освен што е крцкав, вкусен и многу хранлив, морковот е особено добар извор на бета-каротен, влакна, витамин К1, калиум и антиоксиданси. Но тоа не е се!

Морковите го зајакнуваат имунитетот, бидејќи се богати со витамин Ц. Витаминот Ц исто така му помага на вашето тело да внесе и подобро да го искористи железото и да спречи инфекции.

Морковите се одлични против констипацијата (запекот). Исто така, можат да помогнат во контролата на дијабетесот, бидеји се богати со диететски влакна. Влакната помагаат во одржување на нивото на шеќер во крвта. Плус, полни се со витамин А и бета-каротен. Помагаат во зајакнување на коските, бидејќи се богати и со калциум и витамин К.

Синтеза на вкусови

Оваа чорба од морков и ѓумбир е навистина неверојатна синтеза од вкусови. Куркумата (за неа во друга прилика) и дава посебен шмек.

Настана како една од моите комбинации на супи и чорби и веднаш ја објавив на мојот инстаграм профил. Инаку, како и за сите чорби, густината ја регулирате со додавање на вода. Односно, доколку сакате чорбата да е погуста, ставете помалку вода.

чорба од морков и ѓумбир
Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа чорба од морков и ѓумбир, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е навистина густа, кремаста и превкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥕 Чорба од морков и ѓумбир 🥕 Read More »

🍜 Чорба од карфиол 🍜

чорба карфиол - Хедер
чорба од карфиол

Колку што е летото убаво за свежи салати, толку е зимата убава за чорби, супи и манџички, а оваа чорба од карфиол е уште една потврда за ова. Карфиол МНОГУ сакам а оваа супа е толку едноставна, вкусна и здрава, што ќе сакате да си ја правите секој ден, не само во зима.

Зошто Карфиол?

Затоа што карфиолот е еден многу моќен зеленчук со многу малку калории а многу витамини. Всушност, карфиолот ги содржи сите витамини и минерали што ви се потребни. Богат е со: диететски влакна, витамин Ц, витамин К, витамин Б6, фолат, калиум, магнезиум, фозфор… И сето ова со само 25 калории на 100 грама. Ова значи дека можете да изедете поголема количина што ќе ве најаде а да бидете во калориски дефицит. Интересно, нели 😊

Исто така, карфиолот може да се користи како замена на житарките и мешунките во вашата исхрана. И уште една примена – доколку минимално го обарите и замрзнете, можете да го користите како замена за банана во вашето смути. Ја дава истата кремаста структура а има значително помалку калории. А сега малку за мојата чорба од карфиол. Прв пат ја правев зимава, кога ја објавив на мојот инстаграм профил, и некако многу брзо ми стана фаворит. Јас лично често правам чорби и супи од се и сешто, и голем дел ќе се најдат овде на сајтов.

Доколку сакате да биде погуста, ставете помалку вода. Моја препорака е задолжително да додадете куркума – и поради придобивките и поради вкусот.

чорба од карфиол
Доколку си љубител на супи и чорби а се уште ја немаш направено оваа чорба од карфиол, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е навистина густа, кадифена и вкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍜 Чорба од карфиол 🍜 Read More »

🍄 Густа и кремаста супа од печурки 🍄

mushroom-soup-header

Многу сакам супи и чорби и се трудам да ги правам често и секогаш со различни комбинации. Иако оваа не е комбинација, туку едноставна и класична густа и кремаста супа од печурки, сепак вкусот е толку кадифен и нежен. Печурките имаат многу малку калории а се многу богати со растителни влакна, антиоксиданси и протеини. Го штитат организмот од различни заболувања а исто така се и добар извор на Селен. Супава инаку се прави многу лесно и ве уверувам дека добро ќе ви дојде во комбинација со многу свежа салата во следниот ручек. 

Секако дека оваа кремаста супа од печурки ја правам со додавање на мојата веганска павлака од индиски ореви со лук! Пред сè, затоа што е едноставно најдобра а и затоа што максимално го збогатува вкусот на оваа чорба (а и на многу други).

Инаку и на мојот инстаграм профил а и овде на сајтот имам објавено многу рецепти за супи, чорби и манџи. Секако, една по една сите ќе го најдат своето место и овде на сајтов. Се надевам дека ќе ги направите затоа што и останатите, како и оваа, се вкусни и се прават многу брзо и лесно!

Доколку си љубител на густи супи а се уште ја немаш направено оваа густа и кремаста супа од печурки, еве прилика да ја направиш. Те охрабрувам, бидејќи е навистина кремаста и вкусна. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍄 Густа и кремаста супа од печурки 🍄 Read More »