Marija Marija Marija

🍋 Здраво колаче со лимон 🍋

Здраво колаче со лимон - Хедер

Здраво колаче со лимон или здраво нов брз летен десерт! Ова колаче е меко, сочно и доста освежително! Минимално е засладено, но може да го направите и без никаков засладувач за уште помалку јаглехидрати. Се прави во еден сад без никаква опрема – буквално може да го направи секој.

Има вкупно 9 состојки но можете да го модифицирате и да го направите без засладувач и без кокосово брашно – така ќе биде уште помеко и посочно. Одлично оди како ужина со кафе или голема шоља чај.

Состојките се лесни и многу здрави, па освен што ќе се заблажите и освежите, ќе внесете и многу витамин Ц, калциум, магнезиум, цинк, селен, Омега 3… Иако е здраво, сепак едно парче има 138,9 калории, па мојата препорака е да се обидете да не изедете повеќе од две.

Здраво колаче со лимон

За да го направите „фенси“ додадете му глазура

Јас се трудам моите десерти да ги правам без глазура, од причина што за да биде успешна, глазурата треба да содржи шеќер во прав. Јас шеќер не консумирам, па се обидов да направам некоја „алтернативна“ глазура за ова здраво колаче со лимон, и морам да бидам искрена – беше тотален неуспех. Поради тоа, се додека не ја усовршам, нема да ви ја препорачам.

zdravo kolache so limon

… and just like that низата десерти со лимон, покрај тартот и чизкејкот, се збогати за уште едно колаче. Па додека да ги средам и објавам и останатите десерти со лимон, можете да да бирате помеѓу овие три.

(‼️) Бидејќи колачето е меко и сочно, важно е да го оставите комплетно да се излади пред да го извадите од тавчето и да го пресечете

Ова е дефинитивно знакот дека треба да го направиш моето здраво колаче со лимон. Лесно се прави, здраво е и навистина превкусно! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🍋 Здраво колаче со лимон 🍋

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење50 minutes
Вкупно време1 hour
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • тавче/калап за леб и хартија за печење

Состојки

  • 1 шоља Брашно од бадеми или мелени бадеми проресени низ сито
  • 1 с.л. Сируп од урми или друг засладувач. Може да се изостави
  • 1 с.л. Прашок за печиво
  • ¼ к.л. Сол
  • шоља Кокосова крема (од конзерва) може да се замени со кокосов јогурт или со грчки јогурт за не-веган опција
  • ¼ шоља Сок од лимон еден поголем лимон, исцеден
  • 1 с.л. Кора од лимон кора од два лимони
  • 3 Ленени јајца 3 с.л. ленено семе, натопено во 7 лажици вода
  • 2 с.л. (опционално) Кокосово брашно за да добиете посуво колаче

Инструкции

  • Ја загревате рерната на 170 и обложувате тавче/модла за леб со хартија за печење.
  • Во подлабок сад ги мешате сите состојки додека да добиете еднолично тесто.
  • Го истурате тестото во тавчето за печење.
  • Покријте го со фолија и печете го 45 минути покриено и уште 7-10 минути без фолијата (внимавајте да не ви изгори).
  • Оставете го колачето комплетно да се излади (важно, бидејќи е доста меко и сочно) пред да го исечете.

Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 277,8 Kcal
Протеини: 14,2 гр.
Јаглехидрати: 18,08 гр.
Масти: 38,08 гр.
Влакна: 11,04 гр.
Витамин Ц, Калциум, Магнезиум, Цинк, Селен, Омега 3

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .