Еден од двата омилени лимон чизкејк рецепти
Веќе имам 2 добитни рецепти за лимон чизкејк барови. Двата се подеднакво здрави, едноставни, вкусни и освежителни, па не сум сигурна дека можам да одберам фаворит. Ова е рецептот за првите, а вториот рецепт ќе го оставам за следна објава.
Овие лимон чизкејк барови се неверојатно освежителни, имаат помалку од 10 состојки и се прават релативно брзо и едноставно. Се што ви треба е блендер или процесор за храна и тавче (дури не мора да е за чизкејк, овие ги правев во обично коцкасто, обложено со хартија за печење.)
Ги декорирав со чипс од кокос, боровница и мента и комбинацијава е СОН! Топло ви препорачувам да ја направите идентична.
Прв пат ги објавив на мојот инстаграм профил со видео, па потоа ги објавив и како пост ама ги направив толку многу пати затоа што се навистина МНОГУ вкусни!
Како и се што правам па така и овие лимон чизкејк барови се направени со здрави и целосни состојки, немаат глутен и се природно засладени со урми, сируп од урми и јаворов сируп Количината на засладувачите е минимална, бидејќи сакав да доминира вкусот на лимон. А за кремастата структура нема да коментирам, свеленкаста и мека, се топи – баш како што треба еден сиров чизкејк да биде.
Ова е дефинитивно одличен летен рецепт 🌼☀️
Доколку се уште го немаш пробано и направено овој лимон чизкејк, еве совршена прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина освежителен и вкусен. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🍋 Лимон чизкејк 🍋
Oпрема
- блендер / процесор за храна
- тавче за чизкејк
- хартија за печење
Состојки
База
- 1 шоља лешници печени (го појачуваат вкусот)
- 1 шоља лешници непечени
- 2 с.л. мелен кокос
- 20 свежи и сочни урми без семки
- 2 с.л. сируп од урми или засладувач по желба
- 1 с.л. ванила екстракт
Чизкејк
- 1 шољи индиски ореви, сирови накиснати во вода преку ноќ
- 1 конзерва кокосов крем (млеко) чувано во фрижидер
- 1 кора и сок од лимон
- ½ сок од лимета
- 2 с.л. јаворов сируп или засладувач по желба
- 1 с.л. екстракт од ванила
Инструкции
- Сомелете ги лешниците. Додадете ги останатите состојќи и мелете, додека не добиете хомогена смеса.
- Натапкајте ја смесата во тавче за чизкејк или какво било тавче за колачи, обложено со хартија за печење.
- Сомелете ги индиските ореви. Додадете ги останатите состојќи за чизкејк смесата и блендајте додека не добиете кремаста смеса – ова најчесто трае подолго.
- Истурете ја смесата врз базата и израмнете. Ставете ја во замрзнувач најмалку 3 часа, или најдобро преку ноќ.
- Пред да ја исечете, ставете ја во фрижидер неколку часа за да се отпушти.
Вкупно парчиња: 9
(препорачана порција: 1 парчe)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .