Marija Marija Marija

Куркума и сите нејзини моќи – зошто мора да ја консумираме?

куркума - Хедер

Во овој водич ќе прочитате:

Што е куркума и зошто се користи

Зачинот познат како куркума е веројатно најдобриот и најефективниот додаток во исхраната. Куркумата има неверојатни придобивки за вашето тело и но и вашиот мозок.

Куркума е зачинот кој му ја дава препознатливата жолто-портокалова боја на карито. Во Индија се користи илјадници години и како зачин и како лековит корен. Неодамна, и современата наука почна да ги поткрепува традиционалните тврдења дека куркумата содржи соединенија со лековити својства. Овие соединенија се нарекуваат куркуминоиди, од нив, најважен е куркуминот. Куркуминот е главната активна состојка во куркумата. Има моќни антиинфламаторни ефекти и е многу силен антиоксиданс.

Придобивки од консумирање куркума

Листата на придобивки од куркуминот, многу слично како што е тоа случај и со ѓумбирот, е навистина долга, и опсежна, но ајде да се задржиме на најзначајните:

1. Куркумата содржи биоактивни соединенија со лековити својства

Но, поради тоа што куркуминот слабо се апсорбира во вашиот крвоток, за да го добиете целосниот ефект, треба да се појача. Пожелно е да се консумира со црн бибер кој содржи пиперин. Пиперинот е природна супстанца која ја подобрува апсорпцијата на куркумин за 2.000%. Куркуминот е исто така растворлив во масти. Ова значи дека веројатно е добра идеја да консумирате куркума во оброк богат со масти.

куркума
2. Куркумата е природно антиинфламаторно соединение

Хроничните воспалувања влијаат во предизвикување здравствени состојби и болести како: срцеви заболувања, Алцхајмер, рани дегенеративни состојби, ракови итн… Затоа, сè што може да помогне во намалувањето на хроничното воспаление е важно за спречување или лекување на овие состојби.

3. Куркумата може да го зголеми антиоксидативниот капацитет на телото

Оксидативното оштетување е еден од причинителите на стареењето, како и причинител на многу болести. Слободните радикали имаат тенденција да реагираат со важни органски супстанции, како што се ДНК, масните киселини и протеините. Главната причина зошто антиоксидансите се толку корисни е тоа што го штитат телото од слободните радикали. Куркумата е моќен антиоксиданс кој може да ги неутрализира слободните радикали.

куркума
4. Куркумата може да го намали ризикот од срцеви заболувања

Веројатно главната придобивка од куркумата кога станува збор за срцеви заболувања е подобрувањето на функцијата на ендотелот. Куркуминот исто така се верува дека помага во спречувањето на развојот на срцева хипертрофија, срцева слабост, кардиотоксичност индуцирана од лекови, миокарден инфаркт, атеросклероза, аортна аневризма, мозочен удар и кардиоваскуларни компликации со дијабетес.

5. Куркумата може да помогне во спречување на некои типови на рак

Ракот е болест која се карактеризира со неконтролиран раст на клетките. Постојат многу различни форми на рак, а куркуминот се смета за доста корисен во лекувањето и третманот на одредени ракови. Пред се, влијае на растот и развојот на клетките. Исто така може да придонесе кон уништување на канцерогените клетки. Дополнително, може да ја намали ангиогенезата (растот на нови крвни садови кај туморите), како и намалување на метастазите (ширењето на ракот низ останатите органи).

6. Куркумата може да биде корисна во лекувањето на Алцхајмерова болест

За жал, како и за ракот, така и за Алцхајмеровата болест, сè уште нема лек. Поради тоа, многу е важно да се влијае на спречување на појава на болеста. Во голема мера ова не може да се контролира, но воспалението и оксидативното оштетување играат улога во Алцхајмерова болест, а куркуминот има позитивни ефекти и на двете. Па одовде, консумирањето е еден вид на превенција.

7. Помага во артритис и остеопороза

Пациентите со артритис одлично реагираат на куркумин. Артритисот е често нарушување што се карактеризира со воспаление на зглобовите. Многу студии покажуваат дека куркуминот може да помогне во лекувањето на симптомите на артритис, а дури во некои случаи, е поефикасен од антиинфламаторните лекови.

8. Куркумата може да помогне во борбата со депресијата

Има голем број на студии што ја поврзуваат депресијата со хроничното воспаление. Иако, сè уште не е јасно дали воспалението предизвикува депресија или обратно, сепак, истражувањата сугерираат дека хроничното воспаление и депресијата влијаат едно на друго. Одовде, антиоксидансите како куркуминот можат да помогнат во ублажување на симптомите на депресија преку борба против хроничното воспаление.

9. Куркумата може да помогне во пролонгирање стареењето

Научниците веруваат дека куркумата може да се справи со хроничните болести поврзани со стареењето. Долговечноста во последно време е доста актуелна тема, па допрва ќе читаме за кинички студии што ќе ги докажуваат ефектите од куркумата врз стареењето и долговечноста.


Златно млеко: лате од куркума

Ова златно млеко (лате од куркума) е супер начин за да внесете куркума (иако за мене е пречудно на вкус). Потребните состојки за ова лате и начинот на којшто јас го приготвувам се во продолжение.

  • 1 шоља растително млеко (јас користев домашно овесно млеко)
  • ½ лажиче мелена куркума
  • ¼ лажиче мелен ѓумбир
  • ⅛ лажиче цимет
  • 1 лажиче ванила
  • Малку бибер (веќе објаснив дека го појачува дејството на куркумата)
  • 1 лажица јаворов сируп (можете и помалку)

Ставете ги сите состојки во тенџерче на оган и оставате да зоврие. Потоа варете на тивок оган уште 2-3 минути со постојано мешање. Ставете во чаша и пробајте да уживате 😆 (или како мене, мислете на бенефитите а не и на вкусот)

Што можеме да заклучиме

Неодамна, и современата наука почна да ги поткрепува традиционалните тврдења дека куркумата содржи соединенија со лековити својства. Овие соединенија се нарекуваат куркуминоиди, од нив, најважен е куркуминот. Куркуминот е главната активна состојка во куркумата. Има моќни антиинфламаторни ефекти и е многу силен антиоксиданс. Листата на придобивки од куркуминот е навистина долга. Куркумата содржи биоактивни соединенија со лековити својства; e природно антиинфламаторно соединение; може да го зголеми антиоксидативниот капацитет на телото, може да го намали ризикот од срцеви заболувања; може да помогне во спречување на некои типови на рак; може да биде корисна во лекувањето на Алцхајмерова болест; помага во артритис и остеопороза; може да помогне во борбата со депресијата и може да помогне во пролонгирање стареењето. Моето златно млеко е уште еден супер начин за да внесете куркума.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .