Кога животот ти дава лимони, направи го овој лимон тарт!
Освежителен, минимално природно засладен, со крцкава кора и меко полнење, ете таков е овој лимон тарт. Фантастичен!
Да почнам од базата. Ова е веројатно една од највкусните што ќе ги пробате – навистина! Планирам да ја развијам и во барови, ете толку ми е вкусна! Нема глутен а вкусот мислам дека е толку посебен поради комбинацијата од јатки, но и фактот што овој пат ги испеков.
А полнењето… Кисело, благо, меко, сочно и освежително. Мислам дека со овие зборови доволно се опишува, за се повеќе, треба да се проба!
Едноставни здрави состојки
Комбинацијата од овесни снегулки, печени бадеми и ореви, збогатена со урми, ванила и кора од лимон е навистина, навистина превкусна! Дополнета со комбинацијата од кокосов крем и лимон for the win!
Овој лимон тарт ќе биде вашиот омилен летен десерт
Најважно од се (освен што е превкусен) е што се прави релативно брзо и едноставно, не се пече и моќе долго да стои во замрзнувач. Пред да го послужите, извадете го кратко да се отпушти, но препорачувам да не стои долго, за да не испушти премногу вода.
Дефинитивно мислам дека сето ова го прави овој лемон тарт совршен десерт за пролетните и летните денови што престојат.
Доколку се уште го немаш пробано и направено овој лимон тарт, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина освежителен и сочен. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🍋 Лимон тарт 🍋
Oпрема
- блендер / процесор за храна
- тенџерче
- тавче за тарт идеално, со дно што се вади
Состојки
База
- ⅔ шоља овесни снегулки
- ⅔ шоља печени бадеми, несолени
- ⅓ шоља печени ореви
- 2 с.л. сируп од урми
- 2 с.л. кокосово масло растопено
- 2 с.л. ванила екстракт
- кора од 1 лимон
- прстофат сол
Фил
- 400 мл. кокосов крем (1 конзерва)
- ½ шоља сок од лимон околу 3 исцедени лимони
- 3 с.л. тапиока брашно или густин/нишесте
- кора од 1 лимон
- ¼ к.л. куркума во прав опционално, за поинтензивна боја
- ¼ шоља капки бело веганско чоколадо опционално
Инструкции
- Испечете ги оревите и бадемите и сомелете ги заедно до овесните снегулки.
- Во длабок сад за мешање, додајте ги сомелените јатки, сирупот од урми, кокосовото масло, ванилата, солта и кората од лимон и добро измешајте. Месете со рака додака смесата добро да се соедини.
- Натапкајте ја смесата во тавче за тарт (со дно што се отстранува) или пак во тавче за чизкејк (со страни што се отстрануваат) и ставете го во фрижидер додека го подготвувате филот.
- Во тенџерче на среден оган ставете ги сите состојки за филот и мешајте додека да добиете густа еднолична смеса.
- Полијте го филот врз базата и вратете да стои во фрижидер и убаво да се стегне неколку часови или најдобро преку ноќ.
- Декорирајте со свеж лимон, свежи јагоди, сецкани бадеми.
Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 1 парчe)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
Антиоксиданси, магнезиум, калиум, железо
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .