Marija Marija Marija

🧆 Тофу Ќофтиња 🧆

тофу ќофтиња - Хедер
тофу ќофтиња

Со моите тофу ќофтиња сега можете да јадете ќофтиња, но без месо. Слично како и моите ќофтиња од леќа, така и овие се прават брзо и лесно со многу едноставни, здрави и целосни состојки. Но поважно, многу се вкусни, здрави, задоволувачки и полни со растителни протеини.

Тофу во секое време

Тофу се трудам да јадам често, бидејќи е супер извор на растителни протеини. И како што неколку пати сум кажала: мааната на тофуто е што нема вкус, а предноста на тофуто е што нема вкус. Можеби звучи чудно, но, тофуто ќе ви биде онолку вкусно колку што ќе го зачините и приготвите. Еве некои од моите супер рецепти со тофу:

1️⃣ Тофу кајгана
2️⃣ Тофу омлет
3️⃣ Грчка салата со тофу и авокадо
4️⃣ Матено тофу намаз

Да се вратиме на моите тофу ќофтиња

Зошто да ги направите?

Затоа што се супер вкусни и супер здрави. Прво, тофуто е извор на антиоксиданси. Богато е со изофлавони, па игра улога во намалувањето на нивото на холестерол и го поддржува здравјето на срцето, односно може да придонесе во заштита од одредени срцеви заболувања. Од останатите придобивки на тофуто:

  1. може да помогне да се намали губењето на коскената маса или да се зголеми минералната густина во коските
  2. може да ја подобри меморијата, вниманието, брзината на обработка на податоците како и целокупната функција на мозокот кај некои возрасни
  3. може да помогне во намалување на симптомите на менопауза, како што се заморот, нарушувањето во расположението и топлите бранови
  4. може да го намали ризикот од развој на депресија за време на бременоста и до 28%

Како да ги направите?

Одговорот на ова прашање веќе го знаете. Како и повеќето од моите рецепти, така и овие тофу ќофтиња се прават многу брзо и лесно. Се што ви е потребно е процесор за храна или сецко за да можете убаво да ги сомелете состојките и да ги соедините.

Имаат вкупно 9 состојки, од кои 3 се зачини 😀 Дополнително, освен протеините во тофуто, овие тофу ќофтиња имаат протеини и од брашното од наут и од нутритивниот квасец. И практично, тоа се состојките.

Инаку, можете да ги печете во air-fryer, во рерна или пак доколку сакате можете да ги пропржите на маслиново. Можете да ги подготвите и сервирате со доматен (или маринара) сос, пире од компири или како во мојот случај со пире од морков (рецепт наскоро) Целиот рецепт и начинот на подготовка ви е напишан подолу, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Доколку сакаш ќофтиња, но не јадеш мелено месо или едноставно сакаш да пробаш нешто ново, пробај ги моите тофу ќофтиња. Те охрабрувам, бидејќи се супер вкусни и многу здрави. Плус, богати со протеин. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🧆 Тофу Ќофтиња 🧆

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • сецко / процесор за храна / вилушка

Состојки

  • 300 гр. Тофу
  • 2 с.л. Брашно од наут или овес, хељда
  • 2 с.л. Маслиново масло
  • 1 китка Магдонос
  • 2 с.л. Чиа семки, сомелени накиснати во 6 лажици вода
  • ½ к.л. Сол
  • 1 к.л. Куркума
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • ½ к.л. Оригано
  • 1 к.л. Димена пипер и други зачини по вкус

Инструкции

  • Најпрво направете го Чиа „јајцето“ со тоа што ќе го накиснете чиа семето во вода.
  • Во процесор за храна исцепкајте го и додадете го тофуто, зачините и магдоносот и пулсирајте неколку пати за да се соединат. Ова можете да го направите и во сецко, или еднставно се ситно да исецкате со нож, а тофуто да го издробите со вилушка.
  • Извадете го ножот од процесорот и додадете ја чиата, брашното и маслото и убаво промешајте.
  • Формирајте ќофтиња (топчиња) и наредете ги на тавче за печење обложено со хартија за печење.
  • Печете во претходно загреана рерна на 170, 20-тина миути,
  • Можете да ги печете и во air-fryer.
  • Послужете ги како додаток со пире од морков, интегрален ориз, хељда или во салата.

Вкупно парчиња: 12 ќофтиња
(препорачана порција: 6 парчиња)
Нутритивни вредности од порција (** без додатоци):
Калории: 352,5 kcal
Протеини: 22,1 гр.
Јаглехидрати: 13,2 гр.
Масти: 26,2 гр.
Влакна: 8,3 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** к.л. = кафно лажиче - ќе го користам како кратенка
***Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте да не ви загорат или пак да не случајно не се добро испечени

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .