Пред да добијам коментари како не може да има месо од кино и леќа – апсолутно се сложувам. Затоа се наводниците. Ова „месо“ од киноа и леќа, не е месо, но дефинитивно потсеќа и е ОДЛИЧНО особено за во такоси, бурито и останати врапови. Јас го јадев и со рижото а може да се јаде со печен или варен компир или едноставно само со салата. Практично – на ист начин како што би јаделе мелено месо.
Ситните и моќни зрнца
И леќата и киноата спаѓаат во групата храна богата со растителни протеини. И за двете имам пишувано во неколку наврати, па сега може само малку да сумирам:
Леќа
Кај нас има два вида – зелена (кафена) и црвена. Двете подеднакво здрави и вкусни и без некоја позначајна разлика во начинот на подготовка.
Во однос на нутритивни вредности
Во 100 грама леќа има 116 калории, 0,4 грама масти, 20 грама јаглехидрати, од кои 8 грама диететски влакна и 9 грама протеин. Плус, содржи многу витамини и минерали.
Во однос на здравствени придобивки
Поради тоа што е богата со влакна, фолат и калиум леќата помага во справување со крвниот притисок и холестеролот. Одличен извор е на железо и витамин Б1 којшо помага за здравјето на срцето.
Останати рецепти со Леќа
Киноа
Иако постојат неколку видови киноа (бела, црна, црвена, шарена) кај нас е најзастапена белата киноа. Јас ја употребувам многу често (пред се поради нејзините нутритивни вредности).
Останати рецепти со Киноа
Зошто да го направите ова „месо“ од киноа и леќа
Освен поради многуте здравствени придобивки и одличните нутритивни вредности? 🤨🤔 Океј, дефинитивно не е најбрзиот рецепт (бидејќи захтева претходно варење на леќата и киноата) ама е многу вкусна алтернатива на меленото месо – коешто знаеме дека воопшто не е здраво, нели? Плус, моето „месо“ од киноа и леќа е супер за сите што постат (можете да го ставите во мусака, во петок) и за сите оние што сакаат малку да намалат со јадење на месо. Мене и првите две причини ми се сосем доволни, но знам дека има некои на кои им треба повеќе убедување. Оставам на вас да одлучите…
Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка ги имате подолу во рецептот, а имате и видео кај мене во reels на инстаграм.
Ова е една одлична замена за мелено месо. Моето „месо“ од киноа и леќа е супер здраво, така што навистина ве охрабрувам да го пробате. Плус, супер е што може да ви биде додаток во еден куп оброци, коишто вообичаено ги правите со мелено месо. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🥙 „Месо“ од Киноа и Леќа 🥙
Oпрема
- Подлабок сад за мешање
- тенџерче
- Тава за печење обложена со хартија за печење Бонус
Состојки
Смеса за „месо“
- ⅓ шоља Киноа претходно сварена
- ⅓ шоља Леќа, зелена претходно сварена
- 1 с.л. Томато паста или погуст сос
- 1 с.л. Сенф
- 2 с.л. Нутритивен квасец
- 1-2 к.л. Зеленчуков зачин
- 1 к.л. Димена пипер
- 1 к.л. Кумин во прав опционално
За готвење
- 1 Црвен кромид
- 3 месечинки Лук
- 2 Моркови средно големи
- 1 с.л. Маслиново масло или вода
Инструкции
- Сварете ги засебно леќата и киноата додека да се убаво сварени и без течност.
- Во подлабок сад додадете ги сите состојки за „месото“ и убаво промешајте.
- Во тенџере на оган пропржете го кромидот, лукот и морковите додека да омекнат (на масло или вода).
- Додадете ја смесата за „месото“ и гответе неколку минути.
- Опционално: Наредете ја смесата на тавче за печење обложено со хартија за печење, и печете 15тина минути додека да стане крцкаво.
- Овој чекор е опционален, доколку смесата ја користите за мусака или други готвени рецепти (бургери итн.) не ја печете.
Вкупно парчиња: 4 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција: (**без додатоци, само „месо“)
Калории: 104,5 kcal.
Протеини: 5 гр.
Јаглехидрати: 13,5 гр.
Масти: 4,35 гр.
Влакна: 4 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .