Неодамна ме исконтактираа од Убавина и Здравје, со прашање дали би сакала да подготвам некој медитерански рецепт, прво нешто што ми падна на памет беше оваа грчка салата со авокадо и тофу а веднаш потоа, ова томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси.
Рижото инаку, многу сакам и често пати експериментирам со варијанти и вкусови. Но ова томато рижото со медитерански шмек е совршено во летниов период. А за мене нема помедитерански шмек од комбинацијата домат, маслинки и каперси. Плус многу зеленчук и леќа за нутритивно богат оброк. Се надевам дека ќе ви се допадне!
Како да го подготвите моето томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси
Како и секое друго рижото, па така и ова, се прави релативно лесно, само е потребно време и внимание (поради постепеното додавање на течност). Потребни ви се 10 состојки (плус зачини) и едно тенџере. Целата постапка ја имате во рецептот подолу.
Медитерански шмек
Мислам дека поради солта што ја имаат каперсите, комбинацијата домат, маслинки и каперси ме потсетува на Грција и на море. Ова е една од оние комбинации што се карактеристични за Медитеранската кујна. А и да не се, дефинитивно потсетуваат!
Нутритивен и освежителен, а сепак лесен и здрав оброк
Освен што е многу вкусно, моето томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси е нутритивно и освежително, а сепак лесно и здраво.
🥦 Брокула: содржи антиоксиданси коишто го штитат имунитетот и соединенија што придонесуваат за намалување на воспалението.
🫘 Леќа: богатa e со растителни влакна, протеини, фолати и калиум што ja прави одличнa за срцето и за управување со крвниот притисок и холестеролот.
🫒 Маслинки: имаат многу витамин Е и други моќни антиоксиданси, добри се за срцето и можат да штитат од остеопороза.
🍅 Домат: одличен извор на ликопен, антиоксиданс кој е поврзан со многу здравствени придобивки, вклучително и намален ризик од срцеви заболувања. Одличен извор и на витамин Ц, калиум, фолат и витамин К.
🍚 Ориз: лесен e за дигестивниот систем, дава енергија и нема глутен.
🥒 Тиквичка: богата со витамин Б6 – витамин кој може да помогне во регулирањето на гликозата во крвта. Тој нуди неколку здравствени придобивки – од подобрено варење до помал ризик од срцеви заболувања. Тиквичката исто така може да им помогне на коските, тироидната жлезда и простатата.
🧄 Лук: го зајакнува имунолошкиот систем, помага во намалување на високиот крвен притисок, во намалување на нивото на холестерол и има антибиотски својства.
🧅 Кромид: содржи антиоксиданси и анти-инфламаторни соединенија кои ги намалуваат триглицеридите и го намалуваат нивото на холестерол – што може да го намали ризикот од срцеви заболувања.
Доколку си љубител на рижото, тогаш дефинитивно треба да го направиш ова томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси. Едноставно, потсеќа на море! Многу е вкусно и се прави многу лесно. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍅 Томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси 🍅
Oпрема
- сецко опционално
- тенџере
Состојки
- 1 помал Кромид или ½ голем
- 3 месечинки Лук
- ½ дршка Праз
- 1 Тиквичка
- 1 шоља Ситни цветови брокула
- 1 Домат ситно исецкан
- 2 с.л. Црвена леќа
- ½ шоља Ориз
- 500 мл. Доматен сос едно пакување
- 1 с.л. Маслиново масло
- ½ к.л. Сол
- ½ к.л. Димена пипер
- ½ к.л. Оригано
- 1 к.л. Зачин сув зеленчук
Инструкции
- Ситно исечкајте го целиот зеленчук и оставете го на страна.
- Во поголемо тенџере на оган ставете маслиново масло
- Додадете го празот, кромидот и лукот и гответе додека да омекнат.
- Додадете ги тиквичката, брокулата и зачините и гответе неколку минути.
- Потоа додајте ги леќата, оризот и доматот. Гответе на среден оган додека да испари течноста.
- Потоа, намалете го огнот и постепено додавајте од доматниот сос и повремено мешајте.
- Варете додека да се свари оризот – 20тина минути со повремено мешање.
- Сосем на крај, додадете ги маслинките, убаво промешајте и тргнете од оган.
- Ставете во чинија, наросете со капари и ситно сецкан магдонос.
- Оставете го малку да се подолади пред да о јадете – многу е вкусно!
Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 276,6 kcal.
Протеини: 9,05 гр.
Јаглехидрати: 38,9 гр.
Масти: 8,625 гр.
Влакна: 8,275 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .