Marija Marija Marija

🥞 Палачинки со Лимон и Мак 🥞

палачинки со лимон и мак - Хедер

Ми се чинеше дека одамна немав направено палачинки, па еве едни нови, овој пат слатко-кисели, освежителни палачинки со лимон и мак!

Како и повеќето мои рецепти, така и овие палачинки со лимон и мак се прават брзо и лесно (затоа што никој не сака да поминува часови во кујна), во еден сад (затоа што никој не сака да чисти неред после готвење) и може да се комбинираат со што ви душа сака (затоа што секој сака различни комбинации за палачинки).

Јас ги јадев во комбинација со јогурт од бадем и јагоди, боровници, јаворов сируп и кора од лимон. Но одлично одат и со путер од јатки, банана и малина. Или буквално што што ви се комбинира во моментот.

Имаат само 8 состојки и доколку сте љубител на комбинацијата лимон и мак – дефинитивно треба да ги пробате!

палачинки со лимон и мак

Палачинки од лимон и мак за појадок, ужина или вечера

Бидејќи се лесни и воздушести, со едноставни состојки, можете да ги јадете за појадок, ужина или за вечера. Дури, не мора да додавате топинзи – можете да си изедете една само така, без ништо. Киселата нота на лимонот и слатката нота на јаворовиот сируп се совршено балансирани и ви ги скокоткаат непцата. А семето од афион го дава специфичниот вкус и дополнително крцкање! Дефинитивно возбудлив и нетипичен вкус на палачинки што ќе го разигра вашето секојдневие.

А тоа дека се здрави, воопшто не е ни тема на дискусија! Можете да ги направите или со овесно или со хељдино брашно и да го снабдите телото со супер енергија, протеини и диететски влакна.

палачинки со лимон и мак
палачинки со лимон и мак

Доколку ги искомбинирате со мојот сладок протеински намаз, ќе ги избалансирате уште повеќе, и ќе внесете плус протеини.

Исто така, можете да си направите и протеински јогурт со додавање на дозерка протеин од грашок во јогуртот.

Комбинации има многу, оставам на вашата имагинација да ги пробате сите и секако, да споделите импресии, идеи, иновации!

(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче. 

Доколку недела е ден за палачинки, оваа недела искористи ја да ги пробаш моите палачинки од лимон и мак. Поинаков освеќителен вкус, а подеднакво лесни за подготовка. Плус, многу вкусни и исто толку здрави. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥞 Палачинки со Лимон и Мак 🥞

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење10 minutes
Вкупно време20 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • нелепливо тавче за палачинки

Состојки

  • 1 шоља Растително млеко
  • 1 с.л. Сок од лимон доколку сакате покисели, можете да ставите 2
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • 1 с.л. Јаворов сируп може да се изостави доколку сакате да доминира киселиот вкус или пак да употребите засладувач по вкус
  • Кора од 1 Лимон
  • 1 шоља Овесно / Хељдино брашно
  • 2 к.л. Прашок за печиво
  • 2 к.л. Семе афион (Мак)

Инструкции

  • Во подлабок сад ги додавате млекото, сокот и кората од лимон, ванилата и засладувачот.
  • Додадете го брашното, печивото и макот и убаво измешајте.
  • Печете на нелепливо тавче додека да се појават меурчиња, па превтете и печете уште минута од другата страна.
  • Послужете со топинзи по избор.

Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 4 парчиња)
Нутритивни вредности од порција: (** без топинзи, само палачинки)
Калории: 206,8 Kcal
Протеини: 5,9 гр.
Јаглехидрати: 32,9 гр.
Масти: 3,56 гр.
Влакна: 3 гр.
Витамин Ц, Калциум, Магнезиум, Цинк

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .