Marija Marija Marija

🍝 Шпагети во сос од спанаќ 🍝

шпагети во сос од спанаќ - Хедер

Овие шпагети во сос од спанаќ и индиски ореви ја имаат најзелената боја на светот! Вкусни се, здрави, богати со железо, протеини и здрави масти. Шпагетите што јас ги користам се од киноа. А сосот… Сосот е густ, кремаст, кадифен и освежителен. Нутритивниот квасец им ја зголемува протеинската вредност и дава вкус на сирење а лимонот дава свежина и го зголемува железото во спанаќот.

Како да ги направите овие шпагети во сос од спанаќ

Сите придобивки на спанаќот, веќе ги имам објавено и мислам дека нема потреба да повторно да ви објаснувам зошто да го направите овој сос од спанаќ и индиски ореви. Сепак, за да ви дадам причина плус ќе ви кажам дека се прави ултра лесно, и потребен ви е само блендер.

шпагети во сос од спанаќ
Шпагети во сос од спанаќ

Целата постапка ја имате во рецептот подолу, но всушност подготовката на овие шпагети во сос од спанаќ се одвива паралелно на три фронта:
1. варење на шпагети
2. динстање на зеленчук (со масло или вода)
3. блендање на сос

Доколку ви звучи долго и комплицирано – верувајте, воопшто не е. Се ќе биде готово за 20тина минути

Спакувајте си ги за на работа

Од останатите предности на ова јадење, ќе издвојам дека можете да си го спакувате и за на работа – особено ако имате метален или стаклен сад што добро се затвора со капак. Нема да пречи да ги изедете и малку подоладени – иако идеално е да ги јадете веднаш откако ќе ги подготвите.

Јас ги искомбинирав со маслинки но одлично одат со свеж домат.

Еден сос – повеќе намени

Инаку, иако рецептов е за шпагети, сепак овој сос можете да го направите независно, бидејќи одлично оди со печени компири, можете да го додадете во сварена киноа, леќа, па дури и ориз. Исто така, можете да си испечете коцки тофу и да си ги полиете со сосов – за одличен протеински оброк! Во секој случај, како и да го искомпбинирате, нема да погрешите.

За подобар баланс, препорачувам да користите тестенини од леќа или киноа а доколку имате свилено тофу, можете да го додадете во сосот за уште повеќе протеини.

Сумирано – брзо, лесно и здраво!

Шпагети во сос од спанаќ
Доколку си љубител на паста сосови, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш моите шпагети со сос од спанаќ и индиски ореви. Одлични на вкус, со јака зелена боја и многу здравствени бенефити. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍝 Шпагети во сос од спанаќ 🍝

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење15 minutes
Вкупно време25 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • тенџере за варење на тестенините
  • тава за подготовка на зеленчукот
  • блендер за подготовка на сосот

Состојки

Сос

  • шоља Индиски ореви накиснати во зовриена вода, 20тина минути
  • 300 гр Спанаќ свеж или смрзнат
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • ½ шоља Вода во којашто се вареа тестенините
  • ½ сок од лимон

Зеленчук

  • глава Брокула помала
  • 200 гр. Шампињони свежи, или печурки по желба
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин
  • 1 к.л. Димена пипер
  • 1 к.л. Микс зелени зачини
  • 1 с.л. Маслиново масло

Тестенини

  • 150 гр Шпагети од киноа или тестенини по вкус, за двајца
  • 1 к.л. Маслиново масло
  • 1 к.л. Сол
  • 500 мл. Вода

Инструкции

  • Сварете ги тестенините според упатството на пакувањето во посолена вода со маслиново.
  • Во меѓувреме, на тава загрејте маслиново масло и ставете ја брокулата, печурките и залините да се динстаат во маслото и водата што ќе ја пуштат печурките, на среден оган.
  • Во блендер ставете ги сите состојки за сосот и изблендајте.
  • Во тавата кадешто се готви зеленчукот, додајте го сосот, па потоа и тестенините.
  • Внимателно мешајте (најдобро со штипка) додека сосот еднакво да се распредели.
  • Доколку смесата е премногу густа, можете да додадете малку од водата во којашто се вареа тестенините.
  • Послужете со маслинки или свеж домат.

Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 455,5 kcal.
Протеини: 19,95 гр.
Јаглехидрати: 51,65 гр.
Масти: 27,4 гр.
Влакна: 15,16 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .