Нудли од тиквичка или „Зудли“ (од zucchini noodles) се всушност поздравото братче на нудлите. 😂
Одлични се затоа што се прават многу брзо, имаат многу малку калории (само 17 на 100гр.), имаат малку јаглехидрати (3гр. на 100гр.), скоро и да немаат масти (0,3 гр. на 100 гр.) и содржат многу витамин Б6. Плус, се одличен начин да ги замените нудлите и да внесете повеќе зеленчук, и со тоа и диететски влакна 😍
Океј, знам дека ќе кажете „исто е ама не е исто“ и не викам дека овие нудли од тиквичка се исто како и пченични или оризови нудли, но се СУПЕР алртернатива. Јас често ги правам (на различни начини, дел набројани во следниот параграф) па во рецептот подолу ќе ја објаснам само основната постапка. Потоа, ваше е да ја разбудите креативноста и да го модификувате вкусот.
Инаку, тиквичките се преполни со многу важни витамини, минерали и антиоксиданси. Богати се со влакна, коишто играат важна улога во варењето помагаат при различни проблеми со гастроинтестиналниот тракт. Тиквичките содржат зеаксантин и неколку други соединенија кои играат улога во спречувањето на оксидативниот стрес и можат да го намалат ризикот од катаракта или други проблеми со очите.
Нудли од тиквичка на повеќе начини
Нудлите од тиквичка може да ги третирате како салата и да ги јадете свежи или пак минимално да ги зготвите. Јас најчесто ги правам на следниве начини:
🍅 Со пропржен млад кромид, печурки, домашно песто и чери патлиџани.
🧄 Пропржени со многу лукче, буковец, маслиново и крцкаво тофу.
🥬 Со сос од свеж спанаќ, лук, индиски ореви и нутритивен квасец.
🫑 Со сос од печена пиперка, печен патлиџан, печен кромид и авокадо.
🥜 Во сос од кикирики, со тофу, брокула и млад кромид.
🥦 Со пропржен зеленчук, маслинки и веганско сирење.
🍶 Со павлака од индиски ореви, печурки, сушени чери домати, каперси.
Како и да решите да ги направите, супер се. Буквално само изрендани и свежи во комбинација цо многу зеленчук. Или пак, малце пропржени со маслиново. Во вок или обично тавче, печени, буквално СЕКАКО!
Доколку се уште немаш пробано нудли од тиквичка (зудли), еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се лесни, вкусни, здрави и одлични за зравјето и фигурата. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍜 Нудли од тиквичка (Зудли) 🍜
Oпрема
- спирализатор за зеленчук
- тавче за пржење опционално
Состојки
- 2 поголеми тиквички
- зеленчук и печурки по избор
- тофу или друг извор на протеин
- маслиново или сос по избор
Инструкции
- За да ги исечете тиквичките и да ги направите во зудли, потребно ви е спирализатор за зеленчук – ренде коешто го сече зеленчукот во форма на нудли.
- Откако ќе ја исечете тиквичката, ставете ја во сад и посолете ја, за да ја испушти водата. Пред да ја готвите, натапкајте ја убаво со кујнска хартија.
- Во зависност од начинот на којшто ќе решите да ја приготвите, можете да ја консумирате свежа или да ја пропржите со лукче, млад кромид, чери патлиџани.
- За повеќе идеи за подготовка, прочитајте го постот.
Вкупно парчиња: 1 порција
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција: *(без додатоци)
Калории: 51 kcal
Протеини: 3,6 гр.
Јаглехидрати: 9 гр.
Масти: 0,9 гр.
Влакна: 8 гр.
Фолна, Калиум, Витамин А, Витамин Б6
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .