Во овој водич ќе прочитате:
- Зошто замени за јајце?
- Каква улога играат јајцата во печењето?
- Зошто би имале потреба да ги замените јајцата во печењето?
- 10 замени што можете да ги користите место јајца во печење
- Што можеме да заклучиме
Зошто замени за јајце?
Снемавте јајца, следите растителна или веганска исхрана или пак имате интолеранција на јајца а сакате да знаете кои се најдобри замени за јајце во рецептите?
Јајцето е една од најчестите состојки за готвење и печење. Има свои придобивки и може да биде витален дел од некој рецепт или јадење. Сепак, постојат ситуации и причини каде јајцата не можат да бидат дел од исхраната.
И тогаш што?
Кога би ја знаеле најсоодветната замена за печење, би можеле правилно да го замените јајцето, притоа замената да не влијае на што и да планирате да печете!
Токму затоа, во оваа објава вклучив дури 10 најдобри замени за јајце, од растително потекло. За секоја замена напишав кратко како се прави и колкава количина е потребна за да замени едно јајце. Исто така, имате и забелешка каде која замена најдобро функционира.
Секако, ова се намирници што јас ги користам. Доколку користите уште нешто, пишете ми во коментар за да испробам! |
Каква улога играат јајцата во печењето?
Повеќето луѓе користат јајца за печење поради следните причини:
1️⃣ Влага: течниот дел од јајцата (белката) додава влага на финалниот производ при печењето.
2️⃣ Врзување: лепливата природа на јајцата помага да се држат заедно, особено во печива, како леб од банана.
3️⃣ Растење: јајцата се една од главните причини за волуменот и воздушната текстура (особено кога се комбинираат со прашок за пециво/сода).
4️⃣ Емулгирање: јајцата помагаат да се комбинираат состојки кои обично не би се мешале во нормални услови (како масло и вода).
5️⃣ Вкус и изглед: јајцата го подобруваат вкусот и изгледот на печениот производ. Тие, исто така, можат да дадат убав сјај/глазура на одредена храна, како на пример кај кифличките или лепчињата.
Зошто би имале потреба да ги замените јајцата во печењето?
Алергија или интолеранција на јајца: Многу доенчиња и мали деца имаат алергија на јајца. Во најголем број на случаи оваа алергија/интолеранција се надминува до 4-5 годишна возраст. Но, сепак, постојат случаи, кога алергијата останува и во текот на нивниот возрасен живот.
Растително-базирана / веганска исхрана: Некои луѓе (јас, меѓу нив) избираат да се хранат со храна од растително потекло или веганска исхрана, па затоа избегнуваат животински производи како млеко, месо или јајца.
Ограничен пристап: Често знае да се случи да немате јајца при рака, да сте заборавиле да купите или едноставно некој го изел последното, а баш сакате да испечете некое колаче.
10 замени што можете да ги користите место јајца во печење
1. Ленено „јајце“
Лененото „јајце“ е термин што често го среќавате во моите рецепти. Тоа е првата од моите 10 најдобри замени за јајце. И не знам колку пати до сега сум објаснувала што значи ленено јајце и како се прави – па од таму и појде целата идеја за овој пост! Лененото јајце се прави многу лесно! Потребно е да сомелете 1 лажица ленено семе и да ја накиснете во 2.5 лажици вода. Тоа е дозата за 1 ленено „јајце“. Сомелениот лен накиснат во вода формира гел кој потоа ја врши својата работа за влага, згуснување итн. Веројатно лененото јајце е и најчестата замена на обичното.
Најдобро функционира во: слатки лебови, колачиња и палачинки.
2. Пире од јаболка
Пирето од јаболка се прави многу лесно и едноставно со варење на јаболка и може да замени јајце во некои рецепти. Во повеќето рецепти, можете да замените едно јајце со ¼ шоља пире од јаболка. Јас секогаш си правам пире од јаболка дома, затоа што е многу лесно и затоа што сум сигурна дека нема да содржи додаден шеќер. Се прави многу лесно и потребни ви се: 250 гр. јаболки, 1/4 шоља вода, 1 к.л. сок од лимон, 1/8 к.л. цимет. Ставете се во тенџерче на оган и оставете да зоврие. Откако ќе зоврие, намалете и варете на тивко 10-тина минути или додека јаболката не омекнат. Потоа испасирајте и ставете во тегличка.
Најдобро функционира во: мафини и брз леб.
3. Банана
Слично на пирето од јаболка, пасираната банана е уште една супер замена за јајце на база на овошје. За едно големо јајце користете половина шолја испасирана банана.
Најдобро функционира во: браунис, торти и колачи
4. Свилено тофу
Доколку сте на сајтов подолго, знаете колку многу користам тофу. Рецепти имам многу, затоа што е одличен извор на растителен протеин. Инаку, тофуто е кондензирано млеко од соја преработено и притиснато за да формира цврсти коцки. Свиленото тофу е помеко поради неговата поголема содржина на вода. За да замените едно јајце, потребна ќе ви биде ¼ шоља свилено тофу.
Најдобро функционира во: француски тост, колачиња и брз леб
5. Аквафаба
Аквафабата е течноста којашто се добива од остатоците од варени гравови или мешунки. Наутот е вид на грав и аквафаба е всушност течноста во конзервата. Кога велам дека не треба да ја фрлата – еве уште една причина зошто. За да замените едно јајце, потребни ви се само 3 лажици аквафаба.
- 1 лажица аквафаба = 1 жолчка од јајце
- 2 лажици аквафаба = 1 белка од јајце
- 3 лажици аквафаба = 1 цело јајце.
Најдобро функционира во: Макарунс, пуслици, маренг крем и слични рецепти од белка.
6. Агар-Агар
Агар-агарот е алтернатива за желатин, бидејќи за разлика од желатинот што се добива од колаген од коски од крави и свињи, агар-агарот се добива од алга. Одличен е за сите кои сакаат да ги избегнат животинските протеини од желатинот. За да замените едно јајце со агар-агар, измешајте 1 лажица прашок од агар-агар со 1 лажица вода.
Најдобро функционира во: чизкејк, пудинг и мус.
7. Јогурт
Да, можете да користите и јогурт (најчесто грчки, од кокос или соја) како замена за јајце. 1/4 шоља јогурт заменува едно цело јајце. За да се осигурате дека вкусот на јадењето што го правите нема да се смени, секогаш користете јогурт без дополнителни вкусови..
Најдобро функционира во: бисквити, колачи и кекси и мафини.
8. Чиа „јајце“
Многу слично како и со лененото семе, така и чиа семето е една од 10те најдобри замени за јајце. Постапката за чиа-јајцето е идентична: 1 лажица чиа семе накиснета во 3 лажици вода = 1 чиа јајце.
Најдобро функционира во: брзи лепчиња, вафли, колачиња
9. Брашно од наут
Брашното од наут, штом ќе се измеша со вода, делува како одлично врзивно средство, како и средство за нараснување исто како јајцата, што го прави совршен додаток за рецепти. И, како што јајцата содржат протеини, така и брашното од наут е преполно со растителни протеини. За да замените едно јајце, едноставно измешајте 3 лажици брашно од наут со 3 лажици вода додека не добиете густа и кремаста смеса. Доколку сакате да замените екстра големо јајце, употребете по 4 лажици. А доколку сакате дополнително густа замена за јајца, брашното од наут наместо со вода, промешајте го со растително млеко.
Најдобро функционира во: колачиња, мафини, прќени лепчиња (француски тост)
10. Сода бикарбона + јаболков оцет
Доколку рецептот што го правите бара јајца за да нарасне, тогаш можете да се обидете јајцата да ги замените со мешавина од сода бикарбона и јаболков оцет. Кога ќе се спојат, тие предизвикуваат мала хемиска реакција која обезбедува лесна, воздушна текстура на колачите. Одовде, содата и оцетот спаѓаат во најдобри замени за јајце. Замената за 1 јајце е 1 кафена лажичка сода и 1 супена лажица јаболков оцет.
Што можеме да заклучиме?
Јајцето е една од најчестите состојки за готвење и печење. Има свои придобивки и може да биде витален дел од некој рецепт или јадење. Јајцата најчесто додаваат влага на финалниот производ при печењето, помагаат за врзување поради нивната лепливата природа, јајцата се една од главните причини за волуменот и воздушната текстура, помагаат да се комбинираат состојки кои обично не би се мешале во нормални услови (како масло и вода) и во некои рецепти го подобруваат вкусот и изгледот на печениот производ. Најчести причини поради кои јајцето треба да се изостави од исхраната е Алергија на јајца, растително базирана / веганска исхрана или пак недостапност. 10 најдобри замени за јајце се: Ленено „јајце“ - мелено ленено семе накиснато во вода, пире од јаболки, испасирана банана, свилено тофу, аквафаба, агар-агар-, јогурт, чиа „јајце“ или мелено чиа семе накиснато во вода, брашно од наут и сода бикарбона + јаболков оцет.
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .