Marija Marija Marija

🥬 Крокети од наут, спанаќ и дршки брокула 🥬

крокети од наут

Моите крокети од наут, спанаќ и дршки брокула (да, добро прочитавте) се малку поинакви од крокетите на коишто сме навикнати (од компир). Освен што се супер крцкави од надвор, а меки и сочни од внатре, богати се со растителен протеин, растителни влакна, антиоксиданси и железо. Плус, се многу, ама многу вкусни. Подготовката, освен што е забавна (ако имате тодлер, можете да ги правите заедно) е и навистина лесна – ви треба само процесор за храна и тавче за печење или air fryer.

Зошто дршки Брокула?

Затоа што како прво се стремам кон zero waste односно се трудам да не фрлам ништо од храната. Плус, нема ниту една причина зошто дршките од брокула да не ги изедете. Брокулата е еден волшебен зеленчук што има неверојатно многу придобивки за нашето тело.

Ја подобрува работата на срцето, го подобрува имунолошкиот систем, придонесува за хормонален баланс, помага при заштите од одредени ракови, добра е за очите и што уште не. Дршки од брокула одамна не фрлам, туку или ги ставам во чорба или пак ги правам чипс. Овој пат решив да ги искористам во овие крокети од наут. Овие крокети се многу здрави: преполни со протеини, железо, антиоксиданси. Плус, се превкусни, крцкави и многу лесни и едноставни за правење.

Мали залчиња, многу протеин

Една порција од 4 крокети од наут, содржи 13 гр протеин што е супер за почеток на еден протеински оброк. ако го искомбинирате со уште некој извор на протеин ќе биде уште пособро. Но, наутот, освен со протеин, исто така е преполн со диететски влакна. Го подобрува кардиоваскуларното здравје, помага во контролата на шеќерот во крвта, помага при констипација. Спанаќот веќе знаеме дека е добар за здравјето на кожата, косата и коските. Значи слободно може да се каже дека ова се супер-крокети и дека дефинитивно мора да се најдат на вашето мени.

Инаку, овие крокети од наут можете да ги јадете со хумус, песто, гвакамоле, веганска павлака, свежа салата или прилог по ваша желба. Дури се одлични и само така, како крцкава солена ужинка. Јас ги правам во air-fryer, но доколку немате, можете да ги печете и во рерна, на хартија за печење.

Доколку се уште ги немаш направено и пробано овие крокети од наут, те охрабрувам да го направиш уште денес (ќе се каеш ако не ги пробаш) и доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост

🥬 Крокети од наут, спанаќ и дршки брокула 🥬

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време27 minutes
Порции: 12
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна / блендер
  • air-fryer

Состојки

  • 1 конзерва наут исцеден (водата ја чувате)
  • 2 шољи свеж спанаќ
  • 2 с.л. нутритивен квасец
  • 2 млади кромитчиња
  • 1 дршка од брокула
  • 1 с.л. маслиново масло
  • 1 с.л. сок од лимон
  • сол и зачини по вкус и желба
  • 1 шоља корнфлекс искршен

Инструкции

  • Ставете ги сите состојки, освен корнфлексот, во процесор за храна или блендер и пулсирајте додека сите состојки да се соединат и да формираат хомогена смеса.
  • Со лажица земате од смесата и формирате крокети.
  • Ги валкате крокетите во издробениот корнфлекс и ги редите на хартија за печење што потоа ја ставате во air-fryer (можете да ги правите и во рерна, доколку немате air-fryer).
  • Печете 10 минути од едната страна, ги вадите, превртувате и печете уште 10 минути од другата страна.
  • Откако убаво ќе заруменат ги вадите и ги послужувате со хумус, песто од авокадо, салата или додаток по ваш избор.

Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 4 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 69,4
Протеини: 13 гр.
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .