Marija Marija Marija

🥦 „Ориз“ од Брокула 🥦

ориз брокула - Хедер

Зошто баш „Ориз“ од Брокула

Затоа што за да направите „ориз“ од брокула, треба ситно да ја изрендате брокулата на парченца што наликуваат на ориз. Потоа, подготовката не е иста како за ориз, но изгледот дефинитивно многу потсеќа.

И всушност рендањето е веројатно најкомплицираниот дел од овој оброк. Потоа само динстате зеленчук и додатоци по желба и тоа е тоа. Имате супер лесен и МНОГУ здрав оброк што дефинитивно е добра замена за оризот, доколку имате потреба да смените.

Одлична е за „бранч“, ручек или вечера или едноставно како додаток со оброк. Брзо се прави, здрава е и со помалку јаглехидрати (за сите што бројат нето количини) 👌🏻🥦

Плус, секој пат можете да го менувате зеленчукот што ќе го ставите и секој пат да добиете различен оброк – или скратено „брижото“ 🤣

„Ориз“ од Брокула
„Ориз“ од Брокула

Моќницата Брокула

Брокулата е богата со многу хранливи материи, вклучувајќи влакна, витамин Ц, витамин К, железо и калиум. Исто така, содржи повеќе протеини од повеќето зеленчуци. Има ниска количина на сварливи јаглехидрати, но обезбедува одлична количина на влакна, кои го поттикнуваат здравјето на цревата. Оваа мала зелена витаминска бомба, содржи:
Витамин Ц – антиоксиданс, особено важен за функцијата на имунолошкиот систем и здравјето на кожата. Порција од 1/2 шоља брокула обезбедува речиси 70% од дневните потребни вредности на витамин Ц.

Витамин К1 – особено е важен за згрутчување на крвта и може да го поттикне здравјето на коските.

Железо – неопходен минерал, што има многу важни функции во телото, како што е транспортот на кислород во црвените крвни зрнца.

Фолат (витамин Б9) – собено важно за бремените жени, бидејќи фолатите се потребни за нормален раст на ткивото и функцијата на клетките.

Калиум – суштински минерал, корисен за контрола на крвниот притисок и спречување на срцеви заболувања.

Доколку си љубител на брокула, а сакаш да пробаш некоја нова варијанта, тогаш пробај го овој „ориз“ од брокула. Те охрабрувам, бидејќи се прави многу лесно и брзо а е многу вкусен и супер здрав! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥦 „Ориз“ од Брокула 🥦

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна / ренде
  • тавче за пржење малку подлабоко

Состојки

  • ½ главица Брокула
  • 1 мал Кромид
  • 2 месечинки Лук
  • 1 Бабура (жолта) може и обична пиперка или каков било друг зеленук
  • 1 шоља Печурки исецкани
  • 2 с.л. Маслиново масло
  • 2 с.л. Нутритивен квасец за екстра протеин и вкус на сирење
  • ½ к.л. Сол
  • ½ к.л. Димена пипер
  • ½ к.л. Чили или други зачини по желба

Инструкции

  • Започнете со убаво миење на брокулата. Исцедете ја и ставете ја во процесор за храна (можете и да ја рендате доколку немате процесор) и пулсирајте додека да добиете смеса налик ориз.
  • Во тавче на оган пропржете ги кромидот и лукот.
  • Додадете ја пиперката, печурките и зачините и динстајте додека печурките да пуштат вода. Исто така, можете да користите и друг зеленчук.
  • Додадете го оризот од брокула и нутритивниот квасец и динстајте неколку минути.
  • Послужете со свежа салата и димено тофу (или протеин по желба).

Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 232,5 kcal.
Протеини: 8,7 гр.
Јаглехидрати: 21 гр.
Масти: 31 гр.
Влакна: 7,9 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .