Marija Marija Marija

🍉Мозаик салата со тофу и авокадо 🍉

мозаик салата - Хедер

Што е мозаик салата?

Мозаик салата најчесто се прави со лубеница, краставица и фета сирење (плус босилек). Но во принцип нема да погрешите каква комбинација и да направите – важно да имате повеќе бои на чинијата со овошје и зеленчук исецкани на коцки и наредени како мозаик.

Оваа мозаик салата можете да ја јадете како оброк или како прилог со друго јадење – во зависност од содржината што ќе ја употребите. Мојата верзија со тофу и авокадо е оброк – бидејќи ги содржи сите макронутриенти:

  • Масти: авокадо и маслиново масло
  • Јаглехидрати: лубеница, краставица, диња, домат
  • Протеини: тофу

И тоа се состојките на мојата салата. Вашата, секако може да има и други варијации.

мозаик салата
mozaik salata

Како да ја направите?

Е тоа е предизвикот! А јас лично, многу сакам предизвици! Предизвиците не мотивираат, не менуваат, прават да поместуваме граници. Па така, предизвикот за денес, беше оваа мозаик салата. Навидум едноставна, но, потребно е малку подолго време на подготовка. Сепак, иако е покомплицирана од којабило друга салата, не се обесхрабрувајте, сепак е еден многу, многу забавен предизвик!

Целата „мака“ е сецкањето на коцките. Мене референтна коцка ми беше тофуто – бидејќи веќе беше исецкано. Потоа по него ги сечев сите овошја и зеленчуци. Мислам дека најтешко беше да се исецка авокадото и доматот.

А после следи забавниот дел – редењето! Овде редете како сакате, за да добиете шарен можзаик на вашата чинија!

Зошто да ја направите?

Затоа што е многу забавна за подготовка и сервирање, и бидејќи изгледа многу поинаку од обична салата. Лубеницата и краставицата се навистина освежувачки спој на вкусови – крцкав и лесен. Тофуто е тука за растителен протеин а авокадото за здрави масти. А дилемата и понатаму останува – дали доматот е овошје или зеленчук 🤣

Доколку се уште немаш пробано и направено мозаик салата, еве го твојот предизвик за денес. Те предизвикувам да ја направиш, бидејќи е забавна, вкусна, освежувачка, крцкава и здрава. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍉 Мозаик салата со тофу и авокадо 🍉

Време на подготовка30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

Салата

  • 1 поголем Домат или 2 помали
  • 1 средна Краставица
  • 150 гр Тофу на коцки
  • ½ мала Диња
  • 2 резанки Лубеница
  • ½ Авокадо

Прелив

  • 1 с.л. Маслиново масло
  • ½ Лимон (сок)
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Јаворов сируп
  • 1 к.л. Микс зачини

Инструкции

  • Доколку тофуто ви е веќе исецкано на коцки, тогаш тоа нека ви биде референтна големина за сите останаи коцки.
  • Исечете го внимателно зеленчукот и овошјето, мерејќи ја големината на коцките за да бидат отприлика еднакви.
  • На рамна чинија (или даска за послужување) ги редите коцките по ваша желба, за да добиете мозаик
  • Состојките за преливот ги ставате во тегличка, добро го затворате капакот и убаво промешувате.
  • Со лажица полевате од дресингот (посебно на тофуто) за убаво да упие.
  • Оставате да отстои 10тина минути (може и повеќе) и спремни сте за ручек!

Вкупно парчиња: 1 голема салата
(препорачана порција: 1 голема салата)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 590,4 kcal.
Протеини: 23 гр.
Јаглехидрати: 98 гр.
Масти: 37,5 гр.
Влакна: 12,9 гр.

* с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .