Marija Marija Marija

🥣 Гранола со тиква 🥣

гранола со тиква - Хедер
гранола со тиква

Трендот дека секоја нова гранола што ќе ја направам, инстантно ми станува омилена – продолжува и со оваа гранола со тиква. Можеби е само поради златната есен и поради изобилството на тикви. Или поради прекрасниот мирис на цимет и печени јатки, не знам. Но знам дека оваа гранола со тиква, не само што е многу вкусна, туки е и многу здрава! Како и во претходните гранола објави, така и во оваа ќе нагласам дека (секогаш кога можете), без размислување правете си ја дома. Со гранолата направена дома секогаш имате увид што точно внесувате (и долколку сметате калориски внес) колку вашиот оброк ќе биде богат и балансиран со здрави масти, јаглехидрати и растителни протеини.

Зошто гранола од тиква?

А зошто да не? Зошто да правите една иста гранола, кога секој пат можете да експериментирате со вкусови и ароми и буквално секоја следна нарпавена гранола да ви биде ново кулирнарско искуство (подеднакво и за правење и за јадење)?

Плус, тиквата освен што е супер вкусна, исто е и многу здрава, а со оваа гранола со тиква, ќе можете лесно да „подметнете“ тиква дури и на оние што велат дека не се љубители на тиква (или на пребирливите јадачи, доколку имате такви).

Витамин А - бета каротенот е моќен растителен пигмент којшто и ја дава портокаловата боја на тиквата, и се претвора во витамин А којшто пак е супер важен за нашиот имунолошки систем, кожа и вид.
✨ Витамин Ц - тиквата е преполна со витамин Ц којшто е потребен за производство на колаген, подобрување на имунитетот и многу повеќе.
✨ Калиум - тиквата е одличен извор на овој минерал којшто е важен за функцијата на мускулите и нервите, како и за намалување на крвниот притисок.
✨ Диететски влакна - помагаат за добро варење, одржување на здавјето на дигестивниот систем како и даваат чувство на ситост. Тиквата е преполна со диететски влакна.
✨ Витамин Е - моќен антиоксиданс, витаминот Е е важен за намалување на оштетувањето предизвикано од слободните радикали, како и за здравјето на кожата.

Како да ја јадете оваа гранола?

Буквално КАКО САКАТЕ! За појадок, ужина, десерт па дури и за вечера. Еве неколку предлози како можете а ја искомбинирате:

  • Со растително млеко (без никакви додатоци)
  • Со јогурт (растителен или грчки), јаболко и цимет
  • Со овесна каша, боровници и путер од кикирики
  • Само како ужина – без ништо изгрицкајте ја

Целиот рецепт го имате подолу во овој пост додека видео со начинот на подготовка го имате кај мене на инстаграм во reels.

гранола со тиква
Доколку си љубител на гранола, не можам доволно да нагласам колку треба да си правиш гранола дома. Плус, те советувам да ја пробаш мојата гранола со тиква. Те охрабрувам, бидејќи е топла и есенска, тиквите се во сезона, многу е вкусна и навистина лесно се прави. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥣 Гранола со тиква 🥣

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење15 minutes
Вкупно време20 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • сад за мешање
  • тавче за печење обложено со хартија за печење

Состојки

  • ½ шоља Ореви исецкани
  • ½ шоља Пекани (или бадеми) исецкани
  • шоља Сончоглед семки
  • шоља Тиква семки
  • 2 шољи Овесни снегулки
  • шоља Тиква пире сварена или печена, испасирана
  • ¼ шоља Јаворов сируп или засладувач по желба
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • ¼ шоља Кокосово масло растопено
  • 1 к.л. Цимет
  • ½ к.л. Ѓумбир во прав
  • ½ к.л. Сол

Инструкции

  • Во длабок сад ги мешате сите состојки додека убаво да се соединат.
  • Ги префрлате на тавче за печење, обложено со хартија за печење.
  • Ја натапкувате и израмнувате смесата и ставате да се пече во претходно загреана рерна на 170, 12 минути.
  • Го вадите тавчето и ја промешувате гранолата.
  • Враќате и печете уште 3-5 минути, со внимание да не ја загорите.
  • Складирате и послужувате.

Вкупно парчиња: 35 лажици
(препорачана порција: 2 лажици)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 82,72 kcal.
Протеини: 3,74 гр.
Јаглехидрати: 12,7 гр.
Масти: 5,16 гр.
Влакна: 2,5 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .