Ова брауни од тиква нема никакво брашно и има вкус како да е од нутела. Не преувеличувам – но сепак ќе оставам на вас да го пробајте и да кажете! Инаку, доколку го следите мојот инстаграм профил од поодамна, сигурни ќе се сетите на мојот мини-проект здрави браунис од зеленчук овошје и цели зрна (рецептите за сите, наскоро и овде). Почнав со 10 здрави браунис:
– сладок компир,
– тиквичка,
– грашок,
– цвекло,
– спанаќ,
– киноа,
– малина,
– авокадо,
– црвен грав,
– урми…
За да колекцијата да продолжи со брауни од аквафаба и сега ова, брауни од тиква.
Океј, можеби почнувам по обратен редослед, но подобро е да започнам од некаде отколку од никаде, нели! Плус, сега е сезона на тикви и добро е да ги искористиме колку што може повеќе.
Богат чоколаден вкус
Пред се поради блажината на тиквата и путерот од лешник, ова брауни од тиква има неверојатно кремаст и чоколаден вкус. Буквално како да јадете чоколаден крем, а всушност, јадете целосна и здрава храна. Има само 7 состојки, се прави во еден сад и готово е само за 30 минути, што го прави ова брауни од тиква совршен десерт кога немате време или кога имате остаток сварена тиква. Плус, доколку имате пребирливи јадачи дома – овој рецепт е полн погодок како да им „подметнете“ тиква без воопшто да приметат. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу, а кај мене во reels на инстаграм имате и видео!
Есенската убавица – тиквата
Освен што е многу вкусна (печена, варена, во чорба, во палачинки, во мафини… Тиквата е богата со витамини, минерали и антиоксиданси, што ја прави навистина неверојатно здрава. Уште повеќе, тиквата има релативно малку калории, што ја прави погодна доколку сакате да изгубите или одржите тежина. Хранливите материи и антиоксидансите во тиквата го зајакнуваат имунолошкиот систем, помагаат во заштитата на видот, и можат да го подобрат здравјето на срцето и кожата.
10 причини зошто мора да го пробате ова брауни од тиква
До сега мислам дека ги набројав сите причини, но ајде да сумираме:
- Многу е вкусно. МНОГУ
- Чоколадно е, меко и кремасто
- Нема никакво брашно, значи нема глутен
- Се прави многу лесно, во 1 сад
- Брзо се подготвува и се пече за 30тина минути
- Здраво е и е супер начин да вметнете тиква во исхраната
- Има вкус на нутела и тиквата нема шанси да ја осетите
- Супер сезонски рецепт, за да ја искористите тиквата кога е во сезона
- Доколку му додадете протеин, многу лесно ќе го избалансирате и ќе го направите протеинско брауни од тиква
- Богато е со витамини, минерали, диететски влакна и антиоксиданси, нешто со што купечките десерти не можат да се пофалат.
Можам да набројувам уште, но мислам дека е време да скролнете до рецептот и да го направите. Чекам коментари!
Доколку си љубител на брауни, сакаш поздрава варијанта, не сакаш да поминуваш часови во кујна а сакаш длабок чоколаден вкус, тогаш ова брауни од тиква е дефинитивно за тебе. Нема никакво брашно, нема глутен, минимано е засладено а има вкус на нутела. Чоколадно и превкусно! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🥧 Брауни од тиква 🥧
Oпрема
- тавче за печење
Состојки
- 2 Ленени јајца 2 лажици мелено ленено семе, натопени и закиснати во 5 лажици вода
- ½ шоља Пире од тиква сварена или испечена тиква, испасирана
- ¼ шоља Јаворов сируп или засладувач по желба
- ½ шоља Путер од лешник или по вкус, ама путерот од лешник дава посебно добар вкус
- 1 с.л. Ванила екстракт
- ⅓ шоља Какао
- ⅓ к.л Сода бикарбона
- ⅓ шоља Чоколадни капки опционално
Инструкции
- Ги мешате сите состојки убаво во подлабок сад за да се соединат и да формираат еднолична смеса.
- Ја истурате смесата во тавче за печење обложено со хартија за печење.
- Печете 30тина минути во претходно загреана рерна на 170 степени.
- Оставате малку да се излади, сечете и јадете!
Вкупно парчиња: 6
(препорачана порција: 1 парчe)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 182,3 Kcal
Протеини: 4,4 гр.
Јаглехидрати: 13,6 гр.
Масти: 13,4 гр.
Влакна: 3,8 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .