Marija Marija Marija

🍩 Бомбици од наут 🍩

бомбици од наут

Овие бомбици од наут јас почнав да ги правам кога почнав да дојам, затоа што сите состојки се верува дека можат да помогнат во лактацијата. Иако нема прецизни научни сознанија околу ова, сепак многу ми беа вкусни и немаше причина зошто да не ги правам.

Инаку, наутот е супер извор на растителни протеини и поради тоа јас доста често го користам во моите оброци. Во моите програми имам неколку ВРВНИ рецепти со наут а неколку рецепти можете и да најдете објавени овде, на сајтот. За да не лутате, еве за потсетување 👇🏻

🍪 Протеинско Брауни
🥦 Крокети (едни од моите омилени)
🍕 Протеинска Пица
🍲 Хранлива чорба (уште еден мој фаворит)

Рака на срце, многу наут десерти не сум правела, па така овие бомбици од наут достојно ќе се вбројат во низата здрави десерти или рецепти од наут.

Зошто овие бомбици од наут?

Освен поради тоа што се супер вкусни и се прават многу лесно, овие бомбици од наут се исто така и супер здрави и супер хранливи. И на толку честа употреба на зборот супер, мислам дека нема потреба повеќе да објаснувам, нели? 😁

Сите придобивки од наутот

Наутот е особено добар извор на манган и витаминот Б9 (фолат). Исто така, е одличен извор на влакна и растителни протеини, коишто заедно со неговата релативно ниска калориска вредност, може да ви помогне во губењето на тежината, односно да се чувствувате сити и да го намалат внесот на калории. Исто така, 1 шоља (164 грама) наут обезбедува околу 14,5 грама протеини, што го прави наутот еден од подобрите извори заедно со грав и леќа.

Дополнително, наутот имаа прилично низок гликемиски индекс (ГИ), што е индикатор за тоа колку брзо се зголемува шеќерот во крвта после јадење. А, влакната и протеините на наутот може да помогнат во регулирањето на нивото на шеќер во крвта, како резултат на тоа што влакната ја забавуваат апсорпцијата на јаглехидрати, и помагаат во постепен раст на нивото на шеќер во крвта наместо скок.

бомбици од наут
bombici od naut

Инаку, растителните влакна во наутот се претежно растворливи, што значи дека се спојуваат со вода за да формираат супстанца слична на гел во вашиот дигестивен тракт. Растворливите влакна може да помогнат во зголемувањето на бројот на здрави бактерии во цревата и во спречување на прекумерен раст на нездрави бактерии. Сето ова може да доведе до намален ризик од некои дигестивни состојби, како што е синдром на нервозно дебело црево (IBS). Исто така, благодарение на импресивниот профил на хранливи материи што го содржи, наутот може да ја подобри функцијата на мозокот и менталното здравје – пред се поради тоа што е одличен извор на холин, којшто игра важна улога во функцијата на мозокот. Дополнително, наутот е добар извор на железо и може да помогне да се заштитите од недостаток на железо.

Да се вратиме на моите бомбици со наут

Инаку, првично причината зошто употребив само половина конзерва (и отк тогаш некако тоа ми стана мерката) беше бидејќи правев кари (наскоро рецепт и за него – фантастичен беше), па ми остана наут и незнаејќи што да му направам, го направив десерт. И сега, откако ве убедив колку се здрави и вкусни, ќе се обидам да ви доловам и колку лесно се прават. Се што ви треба е блендер или процесор за храна, 6/7 состојки (со опционалните додатоци) и 5 минути од вашиот ден. Нема чекори, буквално само се мелат, се формираат топчиња и се валкаат во чоколадо (најомилениот дел, нели). Целиот рецепт го имате подолу во постов а кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео од подготовката.

  • Мојата доза е со половина конзерва, но слободно можете да ги дуплирате количините и да направите подолема доза.
бомбици од наут
Доколку сакаш здрави а брзи и едноставни бомбици, моите бомбици од наут се одлични за тебе. Те охрабрувам да ги направиш, бидејќи се little pieces of heaven! А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍩 Бомбици од Наут 🍩

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • ½ конзерва Наут процеден и исплакнат
  • ¼ шоља Овесни снегулки
  • 3 с.л. Растопено црно чоколадо + уште за валкање/преливање
  • 2 с.л. Сируп од урми или јаворов сируп/засладувач по желба
  • 2 с.л. Путер од кикирики
  • ½ к.л Сол опционално
  • 1 к.л. Ванила екстракт

Инструкции

  • Ставете ги сите состојки во процесор за храна и блендајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Формирајте топчиња и ставете ги во ладилник да се стегнат.
  • Откако ќе се стегнат, извалкајте ги во стопено црно чоколадо, оставете ги уште малку да се стегнат и уживајте!

Вкупно порции: 12
(препорачана порција: 2 бомбици)
Нутритивни вредности од порција:

* к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .