Во мојата серија од здрави браунис од овошје, зеленчук и цели зрна тогаш не вклучив брауни од наут, па еве, пред да ги објавам останатите и на веб страната, почнувам токму со ова протеинско брауни од наут.
Протеинско – затоа што протеините се многу актуелни и буквално на секој рецепт со наслов протеински, му се посветува повеќе внимание.
Ова протеинско брауни од наут е навистина протеинско, со 8,2 грама протеин и 102 калории во едно парче. Има вкупно 6 состојки, се подготвува за буквално 5 минути и се пече за 30. Значи за 35 минути имате готов десерт (или ужина) со супер состав!
Ова, и останатите рецепти за брауни можете да ги најдете во категоријата брауни и сите се различно вкусни и здрави и дефинитивно вредат да се направат.
Како да го направите ова протеинско брауни од наут?
Најпрво, одберете си го омилениот чоколаден протеин во прав. Потоа, одберете убаво и квалитетно какао, вкусен и течен путер од бадем (колку потечен, толку подобро). Засладувачот е опционален, па доколку внимавате на внесот на јаглехидрати, можете да го направите и без него. Чоколадните капки се исто така опционални но, препорачливи (затоа што, зошто да не) 😀😆 Плус, антиоксидансите од какаото и црното чиколадо придонесуваат за уште поздрав десерт. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.
Зошто Наут?
Наутот е здрав и одличен извор на растителен протеин. Наутот е богат со диетални влакна, особено растворливи влакна наречени рафиноза. Со самото тоа што е богат со растворливи влакна, наутот го помага варењето и здравјето на цревата, а може да помогне и во намалувањето на холестеролот. Наутот е исто така добар за зацврстување на коските како и во намалување на ризикот од одредени ракови.
Доколку се уште го немаш направено моето протеинско брауни од наут, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина многу вкусно, чоколадно и богато со протеини и растителни влакна. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🫘 Протеинско Брауни од Наут 🫘
Oпрема
- процесор за храна или појак блендер
Состојки
- 1 конзерва Наут убаво исцеден
- ½ шоља Путер од бадем
- ¼ шоља Јаворов сируп или засладувач по желба
- 1 дозерка Вегански протеин од чоколадо
- 2 с.л. Какао
- ½ к.л. Сол
- 3 с.л. Чоколадни капки од црно чоколадо опционално
Инструкции
- Загрејте ја рерната на 170.
- Ставете ги сите состојки (сем чоколадните капки) во процесор за храна и убаво изблендајте.
- Ставете ја смесата во калапче за печење, обложено со хартија за печење и убаво измазнете.
- Додајте ги чоколадните капки и печете во загреана рерна 30 минути.
- Оставете убаво да се излади пред да го пресечете.
Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 204 kcal
Протеини 16,4 гр.
Јаглехидрати:
Масти:
Диететски влакна:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка **** Времето на печење зависи од рерната. Користете чепкалка за да проверите дали е добро испечено.
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .