Уште една нова, овој пат карамела гранола, затоа што гранола засекогаш! Пред да преминам на рецептот сакам да објаснам како настана оваа гранола и воедно, односно како го „навлеков“ маж ми на гранола. Факт е дека гранола дома имам секогаш и една вечер седејќи со друштво, дојде со теглата и ме праша:
– „Марија што е ова?“ Му објаснив, проба и ептен му се допадна (пробаа и другарите, и одобрија).
Е, за жал, овие неколку месеци откако се роди Каи, признавам дека ми нема текнато да си направам гранола и пред некој ден токму маж ми ме потсети:
„Како се викаше она крцкавото што го јадеш и многу што ми се свиѓаше?“
– Гранола.
„Епа ај те молам направи ми.“
И тоа беше тоа, решив дека морам да направам, па неможејќи да се сетам која ја имал пробано, и воедно неможејќи да се решам која да си ја направам, направив нова. Ете така настана оваа карамела гранола.
И конечно за мојата карамела гранола
Како и сите мои граноли, така и оваа карамела гранола, се прави навистина брзо и лесно. Едиснтвена разлика е тоа што ви треба блендер или процесор за да го направите карамелот од урми. А кога сме на темата карамел од урми, сакам да ја искористам оваа прилика и да ве потсетам на еден можеби подзаборавен рецепт, што дефинитивно треба да го пробате:
🍊 Највкусните чоколадни бомбици со бадеми & портокал 🍊
Целата доза е готова за 15тина минути (од подготовка до печење) и потоа можете да си ја комбинирате со смути, овесна каша или чиа пудинг и свежо овошје. И традиционално, во секој рецепт за гранола го потенцирам фактото дека доколку ја направите дома ќе знаете дека внесувате нутритивно богат и балансиран оброк полн со здрави масти, јаглехидрати и дури и протеини. Исто така, ќе знаете точно колку шеќер (секако природен) внесувате. И тоа е тоа… Уште само малку скрол за рецептот, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видевце.
Доколку си љубител на гранола, не барај изговори (и победи ја мрзата) и направи си ја мојата карамела гранола. Те охрабрувам, е многу, ама сериозно многу вкусна. Плус, нели, се прави многу лесно и брзо. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🥣 Карамела гранола 🥣
Oпрема
- процесор за храна / блендер
Состојки
- 1 шоља Овесни снегулки
- ⅓ шоља Индиски ореви сирови, непечени
- ⅓ шоља Ореви сирови, непечени
- ¼ шоља Семки од тиква сирови, непечени
- ¼ шоља Семки од сончоглед сирови, непечени
- ¼ шоља Кокос
- 3 с.л. Путер од бадем или од кикирики
- 8 Урми свежи, поголеми
- 2 с.л. Кокосово масло
- ⅓ шоља Вода плус може уште лажица, две за подесување на густината
Инструкции
- Прво направете си го карамелот. Во процесор за храна, ставете ги урмите и водата и блендајте додека да добиете паста. Додадете вода, доколку смесата ви е многу густа.
- Во подлабок сад, додадете ги јатките и семките, кокосот, путерот од бадем/кикирики, карамелот и маслото од кокос и убаво промешајте за смесата да се соедини.
- Обложете поголема тава за печење со хартија за печење и распоредете ја смесата во тенок слој.
- Печењето зависи од рерната, јас ја печев вака:
- Во претходно загреана рерна, на 140 печев 5 минути од едната страна, па ја извадив, ја превртев, па уште 5 минути од другата страна. Внимавајте да не ја изгорите.
- Повторно, зависно од рерната, може да ви требаат уште 2 минути за да не биде влажна.
- Оставете да се излади и складирајте.
Вкупно парчиња:
(препорачана порција: 2 лажици)
Нутритивни вредности од порција:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .