БАУНТИ БАРОВИ – едни од 4-те омилени чоколадни десерти, заедно со Твикс, Сникерс и Марс (за сите имам здрави варијанти, без грижи). За жал, оние, вистинските чоколади се процесирани и преполни со шеќери па затоа решив дека ќе ги направам овие, поздрави и со само 7 гр. јаглехидрати од парче! 😍
Овие Баунти барови се прават многу лесно и релативно брзо а за трикот за совршената баунти форма е да ги правите помеѓу палецот и показалецот (како на сликата). Кога ги направив првиот пат, беа хит рецепт објавен на мојот инстаграм профил и од тогаш си ги правам често. Доколку не користите засладувач и доколку користите црно чоколадо со висок процент и без шеќер ќе добиете супер здрав десерт, а сите го сакаме тоа, нели?
Еден #funfact за кокосовиот орев: може да се третира како јатка, како семка или како овошје, во зависност од вашето гледиште и критериум. 😆 Сепак, во кулинарскиот свет, кокосот се третира како овошје. Познат е по специфичниот слаткаст, јаткаст па дури и по малку тропски вкус.
Инаку, од нутриционистички аспкт, кокосовиот орев се смета за извор на здрави масти. Месото од кокосот содржи протеини и диететски влакна и некои минерали како железо, магнезиум, манган. Низ вековите кокосовиот орев се користел во традиционалната медицина за заштита од болести и инфекции. Се користел и за намалување на инфламацијата, уништување на бактериите и како против-отров. Па ако ви требаше и оправдување зошто МОРА да ги направите овие баунти барови, сега го имате! 🥥🥥🥥
Доколку си еден од ретките што се уште ги нема пробано и направено овие баунти барови, еве прилика да ги направиш. Те охрабрувам, бидејќи се навистина вкусни и лесни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🥥 Здрави Баунти барови 🥥
Состојки
- 1 конзерва кокосово млеко стоена во фрижидер
- 100 гр. кокос рендан
- 2 с.л. кокосово масло стопено
- 2 с.л. ванила екстракт
- 1 с.л. рум екстракт опционално, но препорачливо
- 2 с.л. јаворов сируп или друг засладувач, опционално
- 200 гр. црно чоколадо
- 1 с.л. кокосово масло за топење на чоколадото
- прстофат сол
Инструкции
- Ги мешате сите состојки заедно.
- Оформувате барови.
- Ги ставате во замрзнувач 20 минути.
- Го топите чоколадото со кокосовото масло и солта.
- Ги полевате баровите со чоколадо
Вкупно парчиња: 20
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 224,98 kcal
Протеини: 1,225 гр.
Јаглехидрати: 25,86 гр.
Масти: 12,385 гр.
Влакна: 1,995 гр.
* Јас користам кујнска вага, ви препорачувам да набавите, многу е корисна ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .