Marija Marija Marija

🍅 Томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси 🍅

Томато рижото со зеленчук, маслинки - Хедер

Неодамна ме исконтактираа од Убавина и Здравје, со прашање дали би сакала да подготвам некој медитерански рецепт, прво нешто што ми падна на памет беше оваа грчка салата со авокадо и тофу а веднаш потоа, ова томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси.

Рижото инаку, многу сакам и често пати експериментирам со варијанти и вкусови. Но ова томато рижото со медитерански шмек е совршено во летниов период. А за мене нема помедитерански шмек од комбинацијата домат, маслинки и каперси. Плус многу зеленчук и леќа за нутритивно богат оброк. Се надевам дека ќе ви се допадне! 

Како да го подготвите моето томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси

Како и секое друго рижото, па така и ова, се прави релативно лесно, само е потребно време и внимание (поради постепеното додавање на течност). Потребни ви се 10 состојки (плус зачини) и едно тенџере. Целата постапка ја имате во рецептот подолу.

Томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси
Томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси

Медитерански шмек

Мислам дека поради солта што ја имаат каперсите, комбинацијата домат, маслинки и каперси ме потсетува на Грција и на море. Ова е една од оние комбинации што се карактеристични за Медитеранската кујна. А и да не се, дефинитивно потсетуваат!

Нутритивен и освежителен, а сепак лесен и здрав оброк

Освен што е многу вкусно, моето томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси е нутритивно и освежително, а сепак лесно и здраво.

🥦 Брокула: содржи антиоксиданси коишто го штитат имунитетот и соединенија што придонесуваат за намалување на воспалението.
🫘 Леќа: богатa e со растителни влакна, протеини, фолати и калиум што ja прави одличнa за срцето и за управување со крвниот притисок и холестеролот.

🫒 Маслинки: имаат многу витамин Е и други моќни антиоксиданси, добри се за срцето и можат да штитат од остеопороза.
🍅 Домат: одличен извор на ликопен, антиоксиданс кој е поврзан со многу здравствени придобивки, вклучително и намален ризик од срцеви заболувања. Одличен извор и на витамин Ц, калиум, фолат и витамин К.
🍚 Ориз: лесен e за дигестивниот систем, дава енергија и нема глутен.
🥒 Тиквичка: богата со витамин Б6 – витамин кој може да помогне во регулирањето на гликозата во крвта. Тој нуди неколку здравствени придобивки – од подобрено варење до помал ризик од срцеви заболувања. Тиквичката исто така може да им помогне на коските, тироидната жлезда и простатата.
🧄 Лук: го зајакнува имунолошкиот систем, помага во намалување на високиот крвен притисок, во намалување на нивото на холестерол и има антибиотски својства.
🧅 Кромид: содржи антиоксиданси и анти-инфламаторни соединенија кои ги намалуваат триглицеридите и го намалуваат нивото на холестерол – што може да го намали ризикот од срцеви заболувања.

Доколку си љубител на рижото, тогаш дефинитивно треба да го направиш ова томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси. Едноставно, потсеќа на море! Многу е вкусно и се прави многу лесно. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍅 Томато рижото со зеленчук, маслинки и каперси 🍅

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење25 minutes
Вкупно време35 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • сецко опционално
  • тенџере

Состојки

  • 1 помал Кромид или ½ голем
  • 3 месечинки Лук
  • ½ дршка Праз
  • 1 Тиквичка
  • 1 шоља Ситни цветови брокула
  • 1 Домат ситно исецкан
  • 2 с.л. Црвена леќа
  • ½ шоља Ориз
  • 500 мл. Доматен сос едно пакување
  • 1 с.л. Маслиново масло
  • ½ к.л. Сол
  • ½ к.л. Димена пипер
  • ½ к.л. Оригано
  • 1 к.л. Зачин сув зеленчук

Инструкции

  • Ситно исечкајте го целиот зеленчук и оставете го на страна.
  • Во поголемо тенџере на оган ставете маслиново масло
  • Додадете го празот, кромидот и лукот и гответе додека да омекнат.
  • Додадете ги тиквичката, брокулата и зачините и гответе неколку минути.
  • Потоа додајте ги леќата, оризот и доматот. Гответе на среден оган додека да испари течноста.
  • Потоа, намалете го огнот и постепено додавајте од доматниот сос и повремено мешајте.
  • Варете додека да се свари оризот – 20тина минути со повремено мешање.
  • Сосем на крај, додадете ги маслинките, убаво промешајте и тргнете од оган.
  • Ставете во чинија, наросете со капари и ситно сецкан магдонос.
  • Оставете го малку да се подолади пред да о јадете – многу е вкусно!

Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 276,6 kcal.
Протеини: 9,05 гр.
Јаглехидрати: 38,9 гр.
Масти: 8,625 гр.
Влакна: 8,275 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .