Оваа киноа пица беше првата пица од „алтернативно“ тесто што си ја направив кога решив дека ќе намалам консумирање на бело брашно. Ова беше одамна (не така далечната 2015) и се уште не знам зошто ја немав објавено до сега – веројатно ми е беше толку секојдневие, па поинтересно ми беше да пробувам со други алтернативи.
Ако петок е храна – ќе беше пица!
Затоа што сите сакаат петок и сите сакаат пица! Оваа киноа пица е уште една здрава варијанта како замена за обично тесто за пица. Не дека е лошо понекогаш да јадете и обична пица, но секогаш кога можете, трудете се да си правите сами дома, за да знаете точно што и колку ставате.
Богата со протеини
Лесна, здрава и вкусна киноа пица
Инаку, киноата е една од ретките житарки којашто ги содржи сите 9 есенцијални аминокиселини што ја прават комплетен протеин, иако по составот е јаглехидрат. не содржи глутен, а во една шоља киноа има 8,2 грама протеин и 222 калории. И доколку на пицата си ставите доматен сос, тофу, печурки, маслинки и брокула, ќе имате СУПЕР балансиран оброк!
Како и повеќето мои рецепти, така и оваа киноа пица се прави многу лесно и потребно ви е само блендер. Едноставно накиснете си киноа претходната вечер и следниот ден ќе имате вкусна пица за ручек дома или на работа. Ова ја прави одлична за „meal-prep“ и додава на причините зошто треба да си ја направите.
Доколку си љубител на пица, сакаш да пробаш уште некоја поздрава опција, а се уште немаш направено киноа пица, те охрабрувам да ја направиш оваа киноа пица уште денес. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍕 Киноа Пица 🍕
Состојки
- ¾ шоља Киноа накиснета преку ноќ
- ¼ шоља Вода
- 1 к.л. Прашок за печиво
- ¼ к.л. Сол
- ¼ к.л. Куркума
Инструкции
- Накиснете ја киноата во вода преку ноќ.
- Следниот ден убаво исцедете ја и исплакнете ја и ставете ја во блендер со останатите состојки.
- Истурете го тестото во тавче за пица обложено со хартија за печење.
- Печете во претходно загреана рерна на 180 околу 15 минути (зависно од рерната).
- Извадете ја, внимателно превртете ја, ставете ги топинзите и печете уште 5-10 мин.
Вкупно парчиња: 1 пица
(препорачана порција: 1)
Нутритивни вредности од порција (** без топинзи):
Калории: 166,5 kcal
Протеини: 6,1 гр.
Јаглехидрати: 30 гр.
Масти: 2,7 гр.
Влакна: 3,9 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** к.л. = кафено лажиче - ќе го користам како кратенка ***Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте да не ви загори или пак да не случајно не е добро испечена
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .