Marija Marija Marija

🌯 Тофу Гиро 🌯

тофу гиро - Хедер
тофу гиро

Тофу гиро, затоа што ние што не јадеме месо, нема причина зошто да треба да патиме, нели? Ако сум комплетно искрена, од гиро памтам само како мириса (бидејќи често одам во Грција, ама вкусот вооптшо не памтам каков е). Но, без разлика, ова мое тофу гиро излезе превкусно, прекрцкаво, преароматично и пребогато со растителни протеини. Овој рецепт содржи дури 40гр. протеин.

Јас го направив во готови пити, со микс зелена слата, домати маринирани со балзамико и зачини и цацики од мојата веганска павлака. Вие можете да си додадете и компирчиња во air-fryer со многу малку масло и многу зачини (крцкање насекаде).

И освен што ова тофу гиро е крцкаво и сочно, многу вкусно и веднаш ќе ве транспортира на море, и е супер опција за вашиот следен ручек.

Како да го направите ова Тофу Гиро?

Постапката е навистина брза и лесна! Мене ми требаа: 15 минути за маринирање и печење на тофуто, 5 минути за одмрзнување и затоплување на питата, 30 минути за киснење на индиските и правење на цацикито и неколку секунди да склопување на гирото. А толку ми беше вкусно, што јадењето беше буквално 2 минути 😂

Значи вкупно 50 минути, од кои 30 се за киснење на индиските ореви. Доколку си ги накиснете од претходно, ќе имате готов оброк за 20тина минути. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

тофу гиро
тофу гиро

Зошто да го направите ова Тофу Гиро?

Затоа што може да направите пауза од месо, а сепак да добиете подеднакво вкусен оброк. Исто така, затоа што е брз оброк а сепак е направен дома, од целосни состојки. Затоа што нема мајонези, многу сол и шеќер од купечки сосови. Но и затоа што нема премногу маснотии. И секако, затоа што е вкусно!!

И како некој што постојано експериментира со вкусови и опции на тофу, морам да признаам дека сум ПРЕЗАДОВОЛНА и прегорда како ми испадна ова. Дефинитивно често ќе си го правам, но од друга страна, нема да престанам со испробување на нови опции и вкусови.

Доколку сакате гиро а во исто време ви треба и пауза од месо - повелете рецепт! Моето Тофу Гиро е совршениот избор за вас. Направен од целосни состојки (можете да си ги направите сами и питите ако преферирате) крцкаво и сочно, освежително и вкусно и полно со протеини - буквално нема причина да не го пробате! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🌯 Тофу Гиро 🌯

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

Тофу маринада

  • 150 гр. Тофу, исцедено и исецкано на тенки ленти
  • 2 с.л. Маслиново масло
  • 1 с.л. Соја сос
  • 1 к.л. Сенф
  • 2 к.л. Димена паприка
  • ½ к.л. Зеленчуков зачин
  • ¼ к.л. Лук во прав
  • 1 к.л. Оригано
  • ½ к.л. Чили / Буковец
  • ½ к.л. Кумин
  • 1 с.л. Сок од лимон

Цацики

  • ¼ Краставица, изрендана
  • ¼ к.л. Сол
  • ¼ к.л. Италијанска мешавина
  • 3 с.л. Веганска павлака рецептот е во постот (1 шоља индиски ореви, 1 шоља вода, 1 месечинка лук)
  • малку свеж копар

Гиро

  • 2 гиро пити
  • 100 гр Микс зелена салата
  • 5 мали Чери домати
  • 2 к.л. Балзамико

Инструкции

  • Тофуто исечкајте го на тенки ленти – најдобро со лупач за овошје/зеленчук.
  • Состојките за маринадата убаво промешајте ги заедно додека да добиете еднолична смеса.
  • Наредете го тофуто на тавче за печење, обложено со хартија за печење, во еден слој и со четка нанесете тенок слој од маринадата од едната страна, па внимателно превртете и намачкајте од другата страна.
  • Печете го 12тина минути во претходно загреана рерна на 160.
  • Во меѓувреме, направете го ѕаѕикито така што ќе изрендате краставица и ќе додадете од мојата павлака. Моја препорака е павлаката да си ја направите претходно и да ја чувате во фрижидер, бидејќи така ќе се згусне.
  • Доматите исецкајте ги и полијте ги со балзамико за малку да се маринираат.
  • Откако тофуто ќе се испече, намачкајте една гиро пита со ѕаѕики, па ставете салата, па тофу и на крај домати и преклопете.
  • Повторете и со второто гиро. Enjoy!

Вкупно парчиња: 2 гира
(препорачана порција: 2 гира)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 862,7 kcal
Протеини: 39 гр.
Јаглехидрати: 69,1 гр.
Масти: 48,2 гр.
Влакна: 11,5 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .