Овој бургер од леќа е уште еден во низата бургери што често ги правам (а заборавам да ги објавам на сајт). Па еве, конечно да си ја поправам грешката!
Кога станува збор за плескавици, секогаш ја избирам опцијата да ги правам дома. Тогаш точно знам какви состојки имаат, си ги зачинувам по вкус (а кога е вкус во прашање, не правам компромиси). Плус, имитациите на месо, не му одговараат на мојот стомак, па ги избегнувам.
Малку наука
Леќата, иако содржи супер количина на растителен протеин, сепак сама по себе не е комплетен протеин, бидејќи не ги содржи сите есенцијални амино-киселини. Поради тоа, леќата (и останатите мешунки) е добро да се комбинираат со зрна, како на пример ориз, овес, пченица, ‘рж или пченка. Зрната во овој случај се комплементарни протеини за мешунките. Тие содржат цистеин и метионин што ѝ недостигаат на леќата, а леќата пак обезбедува лизин што зрната не го содржат доволно.
Како да го направите овој бургер од леќа
Како и повеќето мои оброци и рецепти, така и овој бругер од леќа, се прави прилично лесно. Се што ви треба е процесор за храна и неколку едноставни состојки (најголем акцент овде е на зачините). Исто така, потребно е да ја накиснете леќата минимум 3 часа претходно.
И иако постов се вика бургер од леќа, овие плескавици можете да ги јадете и само со салата или со прилог ориз, компир или буквално што ви душа сака.
Богати се протеини, многу се вкусни и здрави и дефинитивно заслужуваат да се најдат на вашето неделно мени. Потребните состојки и целиот начин на подготовка го имате подолу, а имате и кратко видео кај мене во reels на инстаграм.
Инаку, ова е уште еден рецепт кадешто мојата домашна павлака се вклопи одлично! Јас ја смешав со малку лут сос и зачини и добив мноооогу вкусен сос! Во однос на лепчето, мојата препорака секогаш е лепче од цели здрна, но за жал јас искористив какво имав дома…
Од овој рецепт излегуваат 4 големи бургери и 4 мали (за деца) или пак 6 големи бургери или 3 порции. Бонус: baby-approved се!
1 порција, односно 2 плескавици содржат скоро 19 грама растителен протеин, и ако додадете уште некој извор, како на пример тофу, ќе добиете супер протеински ручек.
Доколку си љубител на бургери но немаш проблем да пробуваш нови вкусови, тогаш ти го препорачувам овој бургер од леќа. Вкусен е и многу здрав, богат со протеини и растителни влакна и е супер лесна опција за ручек за целото семејство! Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍔 Бургер од Леќа 🍔
Состојки
- 1 шоља Леќа, накиснета во вода минимум 3 часа убаво исцедена
- 1 морков
- 2 Млади кромитчиња
- 2 месечинки Лук
- ¼ Црвена пиперка
- 2 Печурки, поголеми
- 1 с.л. Доматна паста
- ¼ шоља Оризово брашно
- 1 к.л. Димена паприка
- 1 к.л. Сол
- ½ к.л. Зеленчуков зачин
- ½ к.л. Куркума
- ¼ к.л. Кари зачин
- ¼ к.л. Кумин
Инструкции
- Леќата накиснете ја во вода минимум 3 часа. Потоа убаво исцедете ја, исплакнете ја и уште еднаш исцедете ја.
- Додадете ги сите состојки во процесор за храна и пулсирајте додека да добиете хомогена смеса.
- Формирајте плескавици и наредете ги на тавче за печење обложено со хартија за печење.
- Можете да ги попрскате со малку маслиново (опционално).
- Печете 20тина минути во претходно загреана рерна на 160.
Вкупно парчиња: 4 плескавици возрасни и 4 за деца или 4 за возрасни (3 порции)
(препорачана порција: 1 порција, две плескавици)
Нутритивни вредности од порција: (**само плескавиците, остатокот од сендвичот зависи од додатоците што ќе ги употребите)
Калории: 306,36 kcal.
Протеини: 18,6 гр.
Јаглехидрати: 46,6 гр.
Масти: 2,23 гр.
Влакна: 9,36 гр.
* с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка ** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .