Marija Marija Marija

🥮 Ролнички од тиквичка 🥮

ролнички од тиквичка

Овие ролнички од тиквичка се нискокалорични, со пониско количество на јаглехидрати а многу протеини (поради полнењето од тофу и нутритивен квасец). Релативно лесно се прават, а и многу лесно се јадат. 🤣 Добро се избалансирани и се еден супер здрав и лесен (подеднакво и за подготвување и за консумирање) оброк!

Како наједноставно да ги направите овие ролнички од тиквичка

Најдобро е, доколку имате мандолина (алатка за сечење) или пак алатка за лупење зеленчук или за сечење кашкавал. Тиквичките е важно да се исечени на тенки ленти. Но, ако сте вешти со нож, можете и да ги исечете.

Уште еден многу важен чекор (што сите најчесто го забораваат кога прават оброци со тиквичка) е да ги исцедите тиквичките. Тиквичките се богати со вода и доколку водата не ја исцедите, овие ролнички многу лесно ќе ви станат чорба. За да ги исцедите, наредете ги на подебел слој кујнска хартија, посолете ги и покријте ги со уште еден таков слој кујнска хартија. Оставете ги да отстојат за да ја пуштат водата.

Како лазања, само поздраво

Доколку некогаш сте подготвувале лазања, процесот ви е веќе познат. На дното на тавчето ставате малку доматен сос пред да почнете да редите. Така е и со овие ролнички од тиквичка. Во тавчето ставете доматен сос, потоа, на секоја резанка тиквичка ставате од тофу смесата, заролнувате и редите. Можете да ги редите и хоризонтално и вертикално (како што ги редев јас). Од горе можете да наросите вегански кашкавал или пак павлака од индиски ореви.

rolnichki od tikvichka
rolnichki od tikvichka

Само 274 калории во цела порција

Целиот рецепт е за две порции, значи една порција има вкупно 274 калории, нема додадено масло, има 28 грама растителен протеин и 26,6 грама јаглехидрати, од кои 10,6 се растителни влакна. Значи, нето јаглехидрати, 16 гр. Пресметкиве ги пишувам само во случај да внимавате на внесот на јаглехидрати.

Инаку, овој оброк е доста ниско калоричен па добро е да го искомбинирате со свежа салата (марула, младо кромитче и димено тофу со авокадо или маслинки) оди супер. Секако, комбинациите и начинот на послуќување ги оставам на вас. Доколку сакате да направите поголема количина, слободно зголемете ја количината на намирниците. Во секој случај, не го заборавајте нутритивниот квасец, за да имате добра количина на комплетен протеин.

Исто така, полнењето може да ви биде и со друга протеинска смеса (на пример сејтан или темпе, па дури и со некои од веганските бургери) само што во тој случај ќе треба прво малку да ги запржите. Секако, доколку го менувате полнењето, ќе се сменат и засметаните вредности на макронутриенти.

rolnichki od tikvichka
Доколку се уште немаш пробано моите ролнички од тиквичка, еве супер прилика. Ова е еден одличен летен оброк, прилично се лесни, а во исто време многу вкусни и здрави. Ова е една нова лазања богата со протеини и растителни влакна а малку јаглехидрати. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥮 Ролнички од тиквичка 🥮

Време на подготовка30 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време50 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • мандолина, лупач на зеленчук или алатка за сечење на кашкавал за да ги исечете тиквичките на тенки ленти
  • кујнска хартија или чиста кујнска крпа за цедење
  • подлабоко тавче за печење

Состојки

  • 300 гр. Тофу
  • 3 с.л. Нутритивен квасец
  • 3 Тиквички големи
  • ½ к.л. Сол плус за цедење на тиквичките
  • ½ шоља Доматен сос домашен или купечки, по вкус и желба
  • Зачини по вкус јас користам италијанска мешавина, димена пипер, лук во прав, сол и бибер
  • Рендано веганско сирење опционално

Инструкции

  • Исечкајте ја тиквичката на тенки ленти. Најдобро е да користите мандолина (алатка за рендање), или лупач за зелечнук или алатка за сечење кашкавал.
  • Наредете ги на подебел слој кујнска хартија (или чиста кујнска крпа). Посолете ги и покријте ги со уште еден слој хартија или уште една чиста кујнска крпа. Оставете да отстои 30-тина минути за водата убаво да упие. Овој чекор е важен, за да се апсорбира течноста од тиквичките.
  • Загрејте ја рерната на 170 и подгответе тавче за печење. На дното од тавчето за печење ставете еден слој доматен сос и тргнете го на страна.
  • Во посебен сад убаво изгмечете го тофуто со нутритивниот квасец и зачините.
  • Земете една лента тиквичка (или ако се многу тенки, земете две и ставете ги една покрај друга со преклоп на половина) и ставете малку од тофу-смесата. Замотајте и ставете во тавчето врз доматниот сос. Можете да ги редите вертикално или хоризонтално.
  • Повторете ја постапката со сите тиквички додека да го пополните тавчето.
  • Откако ќе ги наредите, од горе можете да наросите вегански кашкавал или пак павкала од индиски ореви.
  • Печете 15-20 минути (во зависност од рерната) или додека тиквичките да добијат златна боја и а станат малку крцкави (секако, внимавајте да не ги изгорите).

Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 274 kcal
Протеини: 28 гр.
Јаглехидрати: 26,6 гр.
Масти: 10,13 гр.
Влакна: 10,6 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
**** Времето на печење зависи од рерната. Внимавајте да не ги загорите.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .