Околу новогодишните празници, направив еден куп варијации на крекери, па и овие крекери од цвекло и хељда беа едни од нив. Ем розеви, ем супер здрави, ем одличен начин да внесете добри нутритиенти и диететски влакна. Се прават брзо и лесно, и ви требаат вкупно 9 состојки ако ги користите истите зачини како и мене. Главните состојки, како што кажува и самиот наслов, се цвеклото и хељдата.
Плус, ленено семе за екстра омега 3 и семки од сончоглед за уште повеќе витамини, минерали и антиоксиданси.
Крекери од цвекло и хељда за ужина, грицкање па дури и појадок
Доколку имате потреба да грицкате, мојата препорака е да грицкате паметно и здраво. А овие крекери дури можете да ги јадете и за појадок со хумус и свеж зеленчук.
Совршени за љубителите на розова боја
Во 2020, кога почна ковид-карантинот, јас влегов во една розова фаза, под мотото „Quarantine pink food – nothing can bring me down“. Буквално сè пто правев беше розово, обидувајќи се тоа да биде еден вид на занимација што ќе ми ги тргне мислите од пандемијата и воедно ќе ги направи нашите оброци поинакви од вообичаено.
Тогаш правев розова паста, розови палачинки, розово суши, па дури и розов спанаќ (сосот беше со цвекло). Но, зачудувачки, овие крекери од цвекло и хељда, дојдоа на ред речиси 2 години подоцна. Сепак, доколку сакате да експериментирате со различна храна или пак доколку имате некој мал вљубеник во розевата боја – тогаш дефинитивно треба да му ги направите овие крекери.
Цвекло секогаш и во секаков облик
Јас имам некоја посебна љубов за оброци со цвекло. Освен што МНОГУ го сакам печено со зачини и маслиново, често си го правам хумусот со цвекло, пицата и секако, чорбата (доколку не сте ги пробале, морате). Плус, доколку вежбате, цвеклото помага во издржливоста и користењето на кислородот (win-win). Освен се што до сега имам кажано за цвеклото, еве уште неколку придобивки што можете да ги имате доколку редовно консумирате цвекло во вашата исхрана:
🧠 Може да го подобри здравјето на мозокот,
🫃🏻 Може да го подобри здравјето на дигестивниот систем,
🔥 Се бори со инфламацијата,
🩸 Го одржува нивото на крвниот притисок,
💦 Има малку масти и калории, но многу вода, што го балансира внесот на енергија,
💪🏻 Одличен извор на многу хранливи материи, вклучувајќи фолати, манган и бакар.
Доколку сакаш здрави грицки или ужинка, пробај ги моите крекери од цвекло и хељда. Лесно се прават, вкусни се и здрави, за грицкање со помалку грижа на совест. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🫓 Крекери од цвекло и хељда 🫓
Состојки
- 1 Поголемо цвекло ситно изрендано
- 1 к.л. Сок од лимон
- ½ шоља Семки од сончоглед
- 1 шоља Брашно од хељда
- 2 с.л. Ленено семе
- ½ к.л. Сол
- ½ к.л. Лук во прав (+ останати зачини по вкус
- 2 с.л. Маслиново масло
- 3 с.л. Вода
Инструкции
- Загрејте ја рерната на 180°C.
- Излупете го и ситно изрендајте го цвеклото и полијте го со сокот од лимон.
- Сомелете го сончогледот, да добиете брашно и во голем сад измешајте го заедно со брашното од хељда, ленот, солта и зачините.
- Додадете го цвеклото. Во посебен сад измешајте го маслиновото и водата и постепено додавајте во смесата додека да добиете мазно нелепливо тесто.
- Расукајте го тестото помеѓу две парчиња хартија за печење, исечете го во саканата форма и ставете го да се пече 15тина минути.
- Проверувајте ги, бидејќи тие на краевите ќе се испечат побргу, па ќе можете да ги извадите и останатите да ги распределите. (Времето на печење зависи од секоја рерна).
- Откако ќе се испечат, оставете ги да се оладат пред да ги пробате.
Вкупно парчиња: 30 крекери
(препорачана порција: 5 крекери
Нутритивни вредности од порција:
Калории: kcal
Протеини: гр.
Јаглехидрати: гр.
Масти: гр.
Влакна: гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .