Marija Marija Marija

🎄 Ароматично веганско сирење 🎄

Ова ароматично веганско сирење се канам да го „скоцкам“ за на сајт веќе подолго време, но некако цело време „искрснуваат“ други рецепти. Епа сега, во духот на празниците, решив дека конечно ќе го фотнам, во „празнично руво“ и ќе го споделам, затоа што навистина заслужува простор овде.

Новогодишните и божиќните празници за мене се нешто магично (ептен сум christmas sucker 🎄) па вака „дотерани“ рецептчиња ми се многу драги. Инаку, лани ја правев салатата божиќно венче (нема рецепт, затоа што многу е едноставно објаснета во видеото). А оваа година оваа елка од моето ароматично веганско сирење.

Се надевам дека ќе имам уште малку време деновиве, па ќе смислам уште некој рецепт што ќе добие празнична презентација. А до тогаш, скролнете надолу во постов за да го видите целиот рецепт и да си го направите час поскоро. А кај мене на инстаграм во reels ви оставив и кратко видео од подготовката.

Зошто моето ароматично веганско сирење?

Затоа што празничниот период кај нас е период на пости и верувам дека секој што пости би сакал да го има ова кремасто ароматично „сирење“. Освен тоа, мнооогу е вкусно и е супер здраво за вас, затоа што се прави од индиски ореви. А за индиските ореви имам поопширно пишувано во повеќе наврати. Па, додека сте тука, читнете го мојот рецепт за Веганска павлака.

Во однос на аромата – слободно додавајте колку сакате и какви сакате зачини и мирудии. Мојот оригинален рецепт е со лук, буковец, прованса мешавина, свеж рузмарин и магдонос. Но, веќе нагласив дека е лесно прилагодливо, па вие можете да го прзачинитеилагодите според вашиот вкус и расположение. Можам да потврдам дека супер оди со свежо чили (за сите љубители на лута храна). Единствени две намирници што се константни во овој рецепт се индиските ореви и нутритивниот квасец.

Доколку постиш или од којабило причина сакаш да паузираш со сирење ама сепак ти недостасува, тогаш пробај го моето ароматично веганско сирење. Те охрабрувам, бидејќи се прави навистина брзо и лесно и е баш превкусно. Плус, можеш да си играш со зачини и мирудии и секој пат да добиваш различен вкус. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🎄 Ароматично веганско сирење 🎄

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење10 minutes
Киснење на индиските ореви2 hours
Вкупно време15 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • процесор за храна

Состојки

  • 250 гр. Индиски ореви, непечени накиснати во зовриена вода, 2 часа
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Провансалска мешавина
  • ½ к.л. Лук во прав
  • ½ к.л. Буковец
  • 2 с.л. Сок од лимон
  • 1 с.л. Рузмарин, свеж ситно исецкан

Инструкции

  • Накиснете ги индиските ореви во зовриена вода минимум 2 часа.
  • Откако индиските ореви же накиснат, додадете ги сите состојки во процесор за храна и пулсирајте со повремено запирање. исобирање на смесата од страните на садот.
  • Блендајте додека да ја добиете саканата густина.
  • Формирајте топка или форма по ваша желба (јас направив конус за елка), декорирајте со ситно исецкан магдонос или мирудии по вкус.
  • Ставете го во фрижидер, малку да се стврдне.
  • Послужете со крекери, намачкајте на лепче или како додаток со јадење.
  • Складирајте во добро затворен стаклен сад.

Вкупно парчиња: 250 гр.
(препорачана порција: 1 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .