Marija Marija Marija

🎄 Брауни со јапонски јаболки 🎄

Брауни со јапонски јаболки - Хедер
брауни со јапонски јаболка

Не знам како порано не сум се сетила да направам брауни со јапонски јаболки, особено на толку многу браунис што имам направено. Не знам дали памтите, но пред некоја година имав серија од 10 здрави браунис од овошје, зеленчук и зрна што се уште не ми се додадени на сајтов – ветувам, ќе ги додадам наскоро.

Инаку, ова брауни со јапонски јаболки, го правев три пати. Првиот, за да го истестирам рецептот. Вториот за да го снимам и сликам за објава, но го сакајќи да биде новогодишен рецепт, го ставив во калапчиња елки па не беа баш фотогенични. И ова е трета мајка. Тргнав да сечам елки со калап за колачи, но малку ми се распадна и решив дека ќе го исечам на коцки, бидејќи ќе требаше да го правам по четврти пат.

Инаку, освен што сум многу среќна што во сите мои десерти има овошје или зеленчук и тоа ги прави супер здрави, ова брауни е супер и на вкус!

Како да го направите ова брауни со јапонски јаболки

Браунито има вкупно 10 состојки и се прави многу лесно, во еден сад. Единствено треба да ги изблендате јапонските јаболки. Плус, за да го збогатам вкусот, го премачкав со мојот чоколаден сос, којшто малку го адаптирав за овој рецепт. Состојките и за преливот и за браунито ќе ги најдете на крајот на овој пост. А кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео. Јас го украсив со мрвици, и откако го направив ми текна на новогодишните чадорчиња, дека требаше да ги употребам нив. АМА, нив ги оставам како декорација на моето брауни со малини, бидејќи така и го направив оригинално.

Исто така, минимално е засладено и доколку јапонските јаболки ви се зрели, вкусот ќе биде налик карамела.

брауни со јапонски јаболка
brauni so japonski jabolki

Супер здраво колаче за празниците

Ова брауни со јапонски јаболки е супер опција за благо за празниците, доколку сакате да се заблажите а да не внесете бел шежер или процесирани благи. Има многу здрави масти и диететски влакна што нели, купечките благи го немаат. Нема брашно, само јатки, а моја препорака е да користите високо квалитетно какао. Затоа што какаото ќе го диктира интензивниот чоколаден вкус. Мене ми излегоа вкупно 25 коцки а како и секогаш, нутритивната вредност е засметана и е на крајот на овој пост.

Доколку сакате поздраво благо за празниците, тогаш ви препорачувам да го пробате моето брауни со јапонски јаболки. Сега им е сезона и ова е супер начин да ги искористите. многу е вкусно, не е многу благо и се прави навистина лесно. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🎄 Брауни со јапонски јаболки 🎄

Состојки

Брауни

  • ½ шоља пире од јапонски јаболки извадена внатрешноста и изблендана
  • ¼ шоља мелени бадеми
  • ¼ шоља мелени пекани / ореви
  • 2 с.л. путер од лешник или јатки по желба
  • 2 с.л. засладувач
  • ¼ шоља растително млеко
  • шоља какао
  • 1 к.л. ванила екстракт
  • ½ к.л. цимет
  • ½ к.л. сода бикарбона

Чоколаден фростинг

  • 2 с.л. Какао
  • 2 с.л. Засладувач
  • 1 с.л. Путер од кикирики
  • 4-5 с.л. Крем (млеко) од кокос, од конзерва може и овесно млеко или вода

Инструкции

Брауни

  • Прво извадете ја внатрепноста од неколку јапонски јаболки и изблендајте го убаво за да добиете мазно пире.
  • Сите состојки додадете ги во подлабок сад и убаво промешајте додека да добиете еднолична смеса.
  • Смесата истурете ја во тавче за печење, обложено со хартија за печење. Доколку тавчето е помало, браунито ќе биде подебело и ќе треба да се пече подолго на потивко.
  • Печете 20тина минути во претходно загреана рерна на 160.
  • Проверете дали е испечено со „метод чепкалка“ односно доколку чепкалката излезе сува, браунито е готово. Доколку на неа има тесто, треба да се пече уште малку.

Чоколаден фростинг

  • Измешајте ги сите состојки во подлабок сад додека да добиете едноличен крем.
  • Премачкајте го браунито со кремот и послужете.

Вкупно парчиња: 25 мали парчиња
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 123,568 kcal
Протеини: 3,144 гр.
Јаглехидрати: 6,32 гр.
Масти: 9,368 гр.
Влакна: 2,784 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .