Овие шпагети во сос од спанаќ и индиски ореви ја имаат најзелената боја на светот! Вкусни се, здрави, богати со железо, протеини и здрави масти. Шпагетите што јас ги користам се од киноа. А сосот… Сосот е густ, кремаст, кадифен и освежителен. Нутритивниот квасец им ја зголемува протеинската вредност и дава вкус на сирење а лимонот дава свежина и го зголемува железото во спанаќот.
Како да ги направите овие шпагети во сос од спанаќ
Сите придобивки на спанаќот, веќе ги имам објавено и мислам дека нема потреба да повторно да ви објаснувам зошто да го направите овој сос од спанаќ и индиски ореви. Сепак, за да ви дадам причина плус ќе ви кажам дека се прави ултра лесно, и потребен ви е само блендер.
Целата постапка ја имате во рецептот подолу, но всушност подготовката на овие шпагети во сос од спанаќ се одвива паралелно на три фронта:
1. варење на шпагети
2. динстање на зеленчук (со масло или вода)
3. блендање на сос
Доколку ви звучи долго и комплицирано – верувајте, воопшто не е. Се ќе биде готово за 20тина минути
Спакувајте си ги за на работа
Од останатите предности на ова јадење, ќе издвојам дека можете да си го спакувате и за на работа – особено ако имате метален или стаклен сад што добро се затвора со капак. Нема да пречи да ги изедете и малку подоладени – иако идеално е да ги јадете веднаш откако ќе ги подготвите.
Јас ги искомбинирав со маслинки но одлично одат со свеж домат.
Еден сос – повеќе намени
Инаку, иако рецептов е за шпагети, сепак овој сос можете да го направите независно, бидејќи одлично оди со печени компири, можете да го додадете во сварена киноа, леќа, па дури и ориз. Исто така, можете да си испечете коцки тофу и да си ги полиете со сосов – за одличен протеински оброк! Во секој случај, како и да го искомпбинирате, нема да погрешите.
За подобар баланс, препорачувам да користите тестенини од леќа или киноа а доколку имате свилено тофу, можете да го додадете во сосот за уште повеќе протеини.
Сумирано – брзо, лесно и здраво!
Доколку си љубител на паста сосови, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш моите шпагети со сос од спанаќ и индиски ореви. Одлични на вкус, со јака зелена боја и многу здравствени бенефити. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.
🍝 Шпагети во сос од спанаќ 🍝
Oпрема
- тенџере за варење на тестенините
- тава за подготовка на зеленчукот
- блендер за подготовка на сосот
Состојки
Сос
- ⅓ шоља Индиски ореви накиснати во зовриена вода, 20тина минути
- 300 гр Спанаќ свеж или смрзнат
- 2 с.л. Нутритивен квасец
- 1 к.л. Сол
- 1 к.л. Зеленчуков зачин
- ½ шоља Вода во којашто се вареа тестенините
- ½ сок од лимон
Зеленчук
- ⅓ глава Брокула помала
- 200 гр. Шампињони свежи, или печурки по желба
- 1 к.л. Сол
- 1 к.л. Зеленчуков зачин
- 1 к.л. Димена пипер
- 1 к.л. Микс зелени зачини
- 1 с.л. Маслиново масло
Тестенини
- 150 гр Шпагети од киноа или тестенини по вкус, за двајца
- 1 к.л. Маслиново масло
- 1 к.л. Сол
- 500 мл. Вода
Инструкции
- Сварете ги тестенините според упатството на пакувањето во посолена вода со маслиново.
- Во меѓувреме, на тава загрејте маслиново масло и ставете ја брокулата, печурките и залините да се динстаат во маслото и водата што ќе ја пуштат печурките, на среден оган.
- Во блендер ставете ги сите состојки за сосот и изблендајте.
- Во тавата кадешто се готви зеленчукот, додајте го сосот, па потоа и тестенините.
- Внимателно мешајте (најдобро со штипка) додека сосот еднакво да се распредели.
- Доколку смесата е премногу густа, можете да додадете малку од водата во којашто се вареа тестенините.
- Послужете со маслинки или свеж домат.
Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 455,5 kcal.
Протеини: 19,95 гр.
Јаглехидрати: 51,65 гр.
Масти: 27,4 гр.
Влакна: 15,16 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .