Marija Marija Marija

🍲 Неколку варијанти пире 🍲

неколку варијанти пире - Хедер
неколку варијанти пире

Една објава – три рецепти: или неколку варијанти пире. Зошто три рецепти? Затоа што се куси, лесни и слични, па да не трошам страни 🤣

Да, знам дека сите сме навикнати да јадеме пире од компир, но кога може да пробаме нешто ново и поинакво, зошто да не, нели? Овие неколку варијанти пире се малку поинакви и со друг зеленчук, односно пире од грашок, од морков, и од цвекло и целер.

Пире од грашок

Прво од овие неколку варијанти пире е моето пире од грашок. Пире од грашок прв пат пробав во Брајтон, бидејќи вакво пире најчесто се служи како прилог на традиционалната порција fish&chips. Уште тогаш ми се допадна многу, но еве, дури сега си го правам, секако, во моја варијанта.

Нема путер и млеко, нема многу состојки а е многу вкусно и со прејака зелена боја! Здраво е, одличен извор на растителни протеини и најважно од се, малку поинакво од пирето што се јаде често. Плус, доколку имате пребирливи јадачи, зелената боја ќе биде дефинитивно примамлива за да го пробаат! И пред да ми пишете од каде е кремот од соја/овес – имате во ДМ и во Лидл ☺️


Пире од Морков

Второ во низата неколку варијанти пире е моето пире од морков. Ова пире од морков прв пат го направив со моите ќофтиња од тофу, и уште тогаш реков рецепт наскоро, ама никако да го објавам. Епа еве сега му дојде редот.

Морков е секогаш добра идеја, и кога имате прилика да го изедете, не ја пропуштајте! Бојата на ова пире е преубаво портокалова а само по себе ова пире е многу здраво и многу, ама многу вкусно!

Можете да го приготвите како прилог на буквално кое било јадење – плус, обидете се да употребите повеќе зеленчуци во разни бои за да добиете чинија виножито!

неколку варијанти пире

Пире од Цвекло и Целер

неколку варијанти пире

Последно од овие неколку варијанти пире е пирето од цвекло и целер. Како и многу други јадења, така и ова пире го направив тестирајки комбинации и вкусови и многу ми се допадна. Има вибрантна розова боја и специфичен, но многу убав вкус. Дефинитивно нешто што треба да се проба. Здраво е, богато со фолат и изобилува со антиоксиданси. Mоже да помогне во намалување на ризикот од срцеви заболувања, подобрување на здравјето на цревата, и намалување на крвниот притисок.

Пире од цвекло и целер јас најчесто комбинирам со стек од карфиол или со крцкаво тофу, но можете да го вклучите во вашата исхрана како прилог со кое било јадење.

Доколку сакаш пире, но исто така сакаш да пробаш и некоја нова варијанта сем онаа традиционалната од компир, еве ти шанса. Во овој пост имаш три варијанти на пире: од грашок, морков и цвеклои целер што дефинитивно треба да ги пробаш. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍲 Неколку варијанти пире 🍲

Време на подготовка10 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер

Состојки

Пире од Грашок

  • 1 шоља Грашок сварен
  • 1 месечинка Лук
  • шоља Крем од соја или овес
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Зеленчуков зачин или друг зачин по вкус
  • 1 к.л. Сок од лимон
  • 1 с.л. Маслиново масло
  • неколку ливчиња свежо нане

Пире од Морков

  • 7-8 поголеми Моркови сварени
  • 2 месечинки Лук
  • 1 с.л. Јаворов сируп
  • 1 с.л. Бела Мисо паста Опционално
  • ¼ шоља Соја крем
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Бибер
  • 1 к.л. Куркума
  • 1 к.л. Димена пипер

Пире од Цвекло и Целер

  • 2 средни Цвекла
  • 1 корен Целер
  • 1 мал корен Пашканат
  • 3 месечинки Лук
  • 2 с.л. Маслиново масло
  • шоља Крем од соја или овес
  • 1 к.л. Сол
  • 1 к.л. Сусам

Инструкции

Пире од Грашок

  • Сварете го грашокот, во тенџерче, заедно со излупеното лукче.
  • Откако ќе се свари грашокот и лукчето, исцедете ги и ставете ги во блендер со останатите состојки и блендајте додека да добиете посакувана густина.
  • Послужете со њоки, тофу, печурки или јадење по желба.

Пире од Морков

  • Сварете ги морковите, во тенџерче, заедно со излупените лукчиња.
  • Откако ќе се сварат морковите и лукот, исцедете ги и ставете ги во блендер со останатите состојки и блендајте додека да добиете посакувана густина.
  • Послужете со ќофтиња од тофу или јадење по желба.

Пире од Цвекло и Целер

  • Излупете ги цвеклото и целерот, исецкајте ги и ставете ги во фолија.
  • Излупете го лукот и ставете го заедно со цвеклото и целерот.
  • Замотајте ги во фолија и печете во загреана рерна 20тина минути.
  • Откако ќе се испечат, заедно со останатите состојки изблендајте ги додека да добиете посакувана густина.
  • Послужете со стек од карфиол, тофу или јадење по желба.

Вкупно парчиња:
(препорачана порција: )
Нутритивни вредности од порција:
Калории: kcal.
Протеини: гр.
Јаглехидрати: гр.
Масти: гр.
Влакна: гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .