Во овој водич ќе прочитате:
- Што значи да „го јадеме виножитото“
- Зошто е важно да „го јадеме виножитото“
- Сите бои на виножитото: објаснети и каде ќе ги најдете
- Како најлесно да дојдеме до виножитото
- Што можеме да заклучиме
Што значи „го јадеме виножитото“
Една од моите филозофии во однос на исхраната е да го јадеме виножитото. И тоа значи буквално тоа што го кажуваат зборовите: колку повеќе боја во вашата чинија, толку подобро! Секоја боја на овошјето и зеленчукот има различни здравствени придобивки и ниту една боја не е супериорна во однос на друга. Затоа, според мене, потребен е, и многу е важен балансот на сите бои. Колку повеќе фитонутритиенти, толку подобро. Одовде, исто така, доколку можете, обидете се да не ги лупите јаболките, праските и модрите патлиџани. Дел од најмоќните фитонутритиенти се наоѓаат токму во нивните лушпи.
Зошто е важно да „го јадеме виножитото“
Јадењето на различни бои го зголемува внесот на огромен спектар на хранливи материи коишто позитивно влијаат на различни сегменти од вашето здравје. Разновидната и избалансирана исхрана му го дава на вашето тело потребното гориво за да може да работи правилно и во полн капацитет. Без добра, квалитетна и пред сè здрава исхрана, голема е веројатноста вашето тело да страда од болести, нарушувања или едноставно да не работи во полн капацитет.
Сите бои на виножитото: објаснети и каде ќе ги најдете
Постојат пет различни категории на бои на овошјето и зеленчукот:
🍓 црвена,
🫐 виолетова и сина,
🍌 портокалова и жолта,
🥦 зелена,
🧄 бела и кафеава.
Секоја група на бои има посебни карактеристики, бидејќи во себе има посебен сет на уникатни материи за борба против болести. Во продолжение следува детален преглед на сите групи, како и сите овошја и зеленчуци подредени по соодвентата боја, заедно со фитонутриентите коишто ги содржат.
Црвена
Црвеното овошје и зеленчук е природно обоено и богато со растителниот пигмент таканаречен каротеноид ликопен. Ликопенот е моќен антиоксиданс (чистач на слободните радикали). Црвената храна помага во борбата против ракот (посебно рак на простата), го намалува ризикот од дијабетес, срцеви заболувања, заболувања на белите дробови, го подобрува квалитетот на кожата и многу повеќе!
Ликопенот ќе го најдете во сите природно црвено обоени овошја и зеленчуци како што се: јагоди, брусница, малини, домати, цреши, јаболка, цвекло, лубеница, црвено грозје, црвени пиперки, црвен кромид, калинки, рибизли…
Портокалова и жолта
Жолтото и портокаловото овошје и зеленчук го подобруваат имунитетот, го намалуваат ризикот од срцеви заболувања, го подобруваат здравјето на очите и многу повеќе. Живописната боја на оваа група доаѓа од Каротеноидите. Најдобро познат каротеноид е Бетакаротенот којшто се претвора во витамин А, кој помага во одржување на здрави мукозни мембрани и здрави очи. Бета криптотаксинот, пак ја поддржува меѓуклеточната комуникација и може да помогне во спречување на срцеви заболувања. Друг каротеноид наречен лутеин се складира во окото и може да спречи катаракта и макуларна дегенерација (што може да доведе до слепило).
Каротеноидите ќе ги најдете во: моркови, слатки компири, жолти пиперки, портокали, банани, ананас, мандарини, манго, тиква, кајсии, праски, диња, пченка
Зелена
Зеленото овошје и зеленчук го зајакнува имунолошкиот систем, помага во детоксикација на телото, ја враќа енергијата и виталноста и уште многу, многу повеќе. Зелените овошки и зеленчук содржат низа фитонутриенти, вклучувајќи каротеноиди, изоцијанат и индоли и сапонини, од кои сите имаат антиканцерогени својства. Зелените намирници се богати со хемикалии како сулфорафан кои можат да го блокираат ракот, да го инхибираат дејството на канцерогените (соединенија кои предизвикуваат рак). Зелената група е исто така одличен извор на фолати.
Во оваа моќна група спаѓаат: спанаќ, авокадо, аспарагус, артичока, брокула, луцерка, кељ, зелка, зелје, прокељ, киви, блитва, целер, зелен чај, зелени билки (нане, рузмарин, жалфија, мајчина душица и босилек)…
Сина и виолетова
Растителниот пигмент антоцијанин е оној којшто им ја дава карактеристична боја на синото/виолетово овошје и зеленчук. Антоцијанинот има и антиоксидантни својства кои ги штитат клетките од оштетување. Исто така, може да помогне да се намали ризикот од рак, мозочен удар и срцеви заболувања.
Виолетовите и сините зеленчуци и овошја можат да го одложат клеточното стареење, како и да му помогнат на срцето со блокирање на згрутчување на крвта. Исто така, ја подобруваат когнитивната функција, да го намалат воспалението и да го подобрат здравјето на кожата. Во оваа група спаѓаат: боровинки, капини, бозел, грозје, суво грозје, модар патлиџан, сливи, смокви, лаванда, виолетова зелка…
Бела и кафена
Белото овошје и зеленчук содржат низа фитонутриенти коишто го подобруваат здравјето, како што е алицин (се наоѓа во семејството кромид и лук), којшто е познат по своите антивирусни, антибактериски и антитуморни својства.
Некои членови на белата група, како што се бананите и компирите, се исто така одличен извор на калиум. Храната со кафеава и бела боја штити од одредени видови рак, помага за здрави и црсти коски и здраво срце. Некои од овошјата и зеленчуците од оваа група содржат антиоксидантни флавоноиди како кверцетин и кемпферол. Во оваа група спаѓаат: кромид, карфиол, лук, праз, пашканат, даикон, ротквица, печурки…
Како најлесно да дојдеме до виножитото
Прво и најважно – кога купувате! Секогаш, без исклучок обрнете внимание навашата количка. Изборот на намирници што е таму, треба да содржи повеќе од една боја. Доколку увидите дека изборот што сте го направиле се врти околу една или две исти бои, заменете некои од производите. Со ова, ќе ја зголемите палетата на боите (и фитонутриентите) во вашата количка.
Исто така, доста важно – пазарувајте локално (и по можност органски). Посетувајте зелени пазарчиња, пиљари и пак мали локални фарми и производители. Сите овие се одличен извор на свежи производи. Трето и подеднакво важно – и замрзнатите производи се во ред! Точно е дека е најдобро да се јадат сезонски наминици, но воопшто не мора да се ограничувате. Замрзнатото овошје и зеленчук се подеднакво хранливи како свежите. Јас многу често пазарам количини во сезона и потоа замрзнувам за да имам намирници и кога не им е сезона. И сосем за крај – бидете креативни. Уживајте во колоритот на вашата чинија. Запомнете, бојата во овошјето и зеленчукот е ЗАКОН, а колку поголема разновидност, толку подобро и за очи и за тело.
Што можеме да заклучиме
Kолку повеќе боја во вашата чинија, толку подобро! Секоја боја на овошјето и зеленчукот има различни здравствени придобивки и ниту една боја не е супериорна во однос на друга. Kолку повеќе фитонутритиенти, толку подобро. Постојат пет различни категории на бои на овошјето и зеленчукот и секоја група на бои има посебни карактеристики, бидејќи во себе има посебен сет на уникатни материи за борба против болести: ЦРВЕНА (помага во борбата против ракот, го намалува ризикот од дијабетес, срцеви заболувања, заболувања на белите дробови, го подобрува квалитетот на кожата), ВИОЛЕТОВА И СИНА (ги штитат клетките од оштетување и може да помогне да се намали ризикот од рак, мозочен удар и срцеви заболувања), ПОРТОКАЛОВА И ЖОЛТА (го подобруваат имунитетот, го намалуваат ризикот од срцеви заболувања, го подобруваат здравјето на очите), ЗЕЛЕНА (го зајакнува имунолошкиот систем, помага во детоксикација на телото, ја враќа енергијата и виталноста), БЕЛА И КАФЕАВА (штити од одредени видови рак, помага за здрави и црсти коски и здраво срце). Бидете креативни кога ги подготвувате оброците. Уживајте во колоритот на вашата чинија. И, запомнете, бојата во овошјето и зеленчукот е ЗАКОН, а колку поголема разновидност, толку подобро и за очи и за тело.
‼️ Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .