Овие чоколадни мафини со грав, се уште еден супер експеримент од мојата кујна. Супер за кога ви се јаде благо а од друга страна сакате да внесете и протеини. Патем, луѓето што мислат дека со растителна исхрана не може да се внесат протеини, не се запознаени со моќта на гравот!
Сè што треба да знаете за црниот грав
Како и другите мешунки, како што се кикиритките, грашокот и леќата, црниот грав содржи висока содржина на протеини и диететски влакна. Но, црниот грав исто така содржи и неколку други клучни витамини и минерали кои имаат одлични бенефити врз нашето здравје. Можете да го јадете на секаков начин, а овие чоколадни мафини се само уште една идеја плус. Инаку, еве некои од најзначајните продобивки од црниот грав:
Го помага здравјето на коските
Железото, фосфорот, калциумот, магнезиумот, манганот, бакарот и цинкот што инаку црниот грав ги содржи, придонесуваат за градење и одржување на структурата и силата на коските.
Го намалува крвниот притисок
Црниот грав има ниско количество на натриум, а содржи калиум, калциум и магнезиум, минерали коитшо помагаат при намалувањето на крвниот притисок.
Ја подобрува дигестијата
Поради високата содржина на диететски влакна, црниот грав помага во спречување на констипацијата и одржување на здрав дигестивен тракт. Плус, црниот грав обезбедува гориво за здравите бактерии во дебелото црево.
Помага во управувањето на дијабетесот
Храната богата со диететски влакна, помага во намалувањето на нивото на гликоза во крвта кај лицата со Тип 1 дијабет. Дополнително, и лицата со дијабетес тип 2 може да имаат подобрени нивоа на шеќер во крвта, липиди и инсулин..
Да се вратиме на моите чоколадни мафини со грав
Доколку сакаш сочен и чоколаден десерт, но сепак сакаш да внимаваш на калорискиот внес или пак доколку водиш евиденција за внес на протеини, тогаш моите чоколадни мафини со грав се полн погодок. Немаат воопшто масло, јас ги засладив со јаворов сируп, но може да се засладат и со сируп од урми или пак да ги направите комплетно без засладувач. Дополнително, содржат и антиоксиданси поради какаото. Јас има додадов смрзнати јагоди, што е сосем опционално, но тоа ги направи уште посочни и повкусни. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео за подготовка.
Доколку си љубител на интензивен чоколаден вкус и сочни десерти, а сепак сакаш тие да бидат здрави тогаш дефинитивно те охрабрувам да ги пробаш овие чоколадни мафини со грав. Се прават лесно и многу се вкусни и сочни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🫘 Чоколадни мафини со грав 🫘
Oпрема
- процесор за храна или појак блендер
- тавче за мафини или силиконски модли
Состојки
- 1 конзерва Црн грав убаво исцеден и исплакнат
- 3 с.л. Пире од јаболка најдобро е да си го направите дома
- ½ шоља Какао
- ¼ шоља Јаворов сируп или засладувач по желба
- 1 к.л. Прашок за печиво
- 4 с.л. Путер од кикирики или путер од јатки по вкус
- 2 ленени „јајца“ 2 с.л. мелено ленено семе откиснати во 5 с.л. вода
- 2 с.л. Ванила екстракт
- ¼ шоља Црно чоколадо во капки или иеецкано
- ½ шоља Смрзнати јагоди опцнионално (или друго шумско овошје)
Инструкции
- Додадете ги сите состојки сем црното чоколадо и овошјето во процесор за храна или блендер.
- Блендајте додека да добиете еднолична смеса.
- Додадете го црното чоколадо и смрзнатото овошје (доколку користите) и убаво промешајте.
- Наполнете од смесата во калапи или тавче за мафини и печете во претходно загреана рерна на 170, 20тина минути (зависно од рерната).
Вкупно парчиња: 13
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка **** Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте ги да не ви загорат или пак да не случајно не се добро испечени
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .