Ова се навистина лесни и здрави палачинки (тенки, француски, или познати како Crêpes). Да бидам искрена никогаш не сум имала желба да правам француски палачинки бидејќи мислам дека се прават непотребно долго време а се јадат нереално кратко.
АМА, откако прв пат ги направив овие лесни и здрави палачинки, за отприлика околу 10 минути, сфатив дека се превкусни и дека воопшто не се комплицирани и тешки за правење. Па, оттогаш наваму, ги правам доста често 😋
Се прават со само 6 состојки и можете да ги јадете со се што ќе посакате, во секоја комбинација се превкусни!
За палачинки мислам дека нема потреба многу да се зборува
Верувам дека нема некој што не сака палачинки. Единствената дилема е дали повеќе сакате француски (Crêpes) или американски палачинки. Сепак, доколку не можете да се решите во кој тип на луѓе спаѓате, можете да ги разгледате сите палачинки што до сега ги имам направено. Сигурна сум дека ќе го најдете својот фаворит. А откако ќе го најдете, ве уверувам дека ќе ги правите барем еднаш во неделата. 🥞🥞🥞
А овие палачинки освен што се многу едноставни и лесни за правење, исто така се многу вкусни и вегански (посни). Релативно се поздрави од оние обичните (што се прават со полномасно кравјо млеко, јајца и бело брашно). Јас најчесто ги правам со домашен чиа џем, со путер од јатки, свежо овошје и мојот чоколаден сос. Но, како што кажав и на почетокот, со што и да ги искомбинирате, нема да погрешите, бидеји се навистина вкусни, воздушести и меки.
(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче.
Доколку се уште ги немаш направено моите лесни и здрави палачинки, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи се навистина превкусни! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или да ми оставиш коментар под овој пост.
🫔 Лесни и здрави палачинки 🫔
Oпрема
- миксер
- нелепливо тавче за палачинки
Состојки
- 1 шоља брашно од спелт
- 1 ½ шоља млеко од соја или друго растително млеко
- ½ шоља кисела вода ако тестото е густо, додадете уште
- 1 с.л. кокосово масло растопено
- 1 с.л. ванила екстракт
- 1 к.л. цимет опционално, но препорачливо
Инструкции
- Ставете ги состојките во подлабок сад и изматете со миксер.
- Доколку е тестото густо, регулирајте ја густината со додавање уште малку кисела вода.
- Печете ги на нелепливо тавче за палачинки.
Вкупно парчиња: 15
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .
Пробани, превкусни се! ♡
Многу ми е драго! Се надевам ќе пробаш и многу други нешта ♥️