Marija Marija Marija

Брауни

🍓 Брауни со Малини 🍓

брауни со малини - Хедер
брауни со малини

Ова брауни со малини е еден многу стар рецепт (уште од 2011, пред да имам сајт) и го правев како дел од серијалот „10 браунис од овошје, зеченчук и цели зрна“. Епа 5 години подоцна, еве ги сите, едно по едно на сајт. Плус, Каи мораше да го проба и сакаше заедно да го правиме па немав избор 🙂

Инаку, постојат десерти што ги јадеме „набрзина“, со чувство дека правиме нешто погрешно. Но, постојат десерти што ги јадеме свесно, со уживање, баланс и благодарност. Епа, ова брауни со малини се токму такво.

Совршена комбинација од богато чоколадо и освежителна, киселкаста малина. Длабоко, сочно, меко одвнатре, со текстура што се топи во уста. А сепак, направено од состојки што го поддржуваат телото, наместо да го оптоваруваат. Целиот рецепт е подолу во оваа објава, а имате и кратко видео од подготовката, кај мене на инстаграм во reels

И пак ќе повторам, многу сум среќна што буквално во секој мој рецепт има многу овошје или зеленчук (понекогаш и тоа и тоа).

Како да го направите ова брауни со малини

Браунито има вкупно 8 состојки и се прави многу лесно, во еден сад. Јас како мајка и жена што работи неколку работи, сметам дека не смееме да бидеме робови на оброци што се подготвуваат со саати. За мене колку побрзо, толку подобро. Бонус е ако нема многу садови за миење :))

Е сега, од нутриционистички аспект, како некој што работи со жени кои сакаат да намалат тежина без рестрикции и казни, верувам во едно правило:
кога десертот е направен со квалитетни целосни состојки, тој станува дел од балансиран начин на исхрана, секако во модерација.

Па така, доколку си во фаза на регулирање на тежина, намалување на воспаление или едноставно сакаш подобар однос со храната, ваквите рецепти се мостот помеѓу „сакам нешто благо“ и „сакам да се чувствувам добро“. Затоа што јас не верувам во елиминација. Јас верувам во подобри избори.

брауни со малини
брауни со малини

Зошто баш комбинацијата чоколадо и малина?

Кога го подготвував серијалот „10 браунис од овошје, зеченчук и цели зрна“ немав идеја што конкретно правам, само сакав да ги прибам сите чудни комбинации на овошје, зеленлук и цели зрна што можат да бидат брауни. И ова ми беше меѓу фаворитите.

Чоколадото дава длабочина, богатство и чувство на сатисфакција. Малините додаваат свежина, природна сладост и лесна киселост што го балансира вкусот.

И не е само вкусот во прашање. Малините се богати со:

  • антиоксиданси
  • растителни влакна
  • природни фитонутриенти

Комбинацијата со квалитетно какао создава десерт што е интензивен по вкус, но не претежок за дигестијата.

Доколку сакаш поздраво благо, длабок, интензивен чоколаден вкус што во исто време ќе те освежи, тогаш моето брауни со малини е совршено за тебе. Многу е вкусно, и сочно и се прави навистина лесно и брзо. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍓 Брауни со Малини 🍓 Read More »

🎄 Брауни со јапонски јаболки 🎄

Брауни со јапонски јаболки - Хедер
брауни со јапонски јаболка

Не знам како порано не сум се сетила да направам брауни со јапонски јаболки, особено на толку многу браунис што имам направено. Не знам дали памтите, но пред некоја година имав серија од 10 здрави браунис од овошје, зеленчук и зрна што се уште не ми се додадени на сајтов – ветувам, ќе ги додадам наскоро.

Инаку, ова брауни со јапонски јаболки, го правев три пати. Првиот, за да го истестирам рецептот. Вториот за да го снимам и сликам за објава, но го сакајќи да биде новогодишен рецепт, го ставив во калапчиња елки па не беа баш фотогенични. И ова е трета мајка. Тргнав да сечам елки со калап за колачи, но малку ми се распадна и решив дека ќе го исечам на коцки, бидејќи ќе требаше да го правам по четврти пат.

Инаку, освен што сум многу среќна што во сите мои десерти има овошје или зеленчук и тоа ги прави супер здрави, ова брауни е супер и на вкус!

Како да го направите ова брауни со јапонски јаболки

Браунито има вкупно 10 состојки и се прави многу лесно, во еден сад. Единствено треба да ги изблендате јапонските јаболки. Плус, за да го збогатам вкусот, го премачкав со мојот чоколаден сос, којшто малку го адаптирав за овој рецепт. Состојките и за преливот и за браунито ќе ги најдете на крајот на овој пост. А кај мене на инстаграм во reels има и кратко видео. Јас го украсив со мрвици, и откако го направив ми текна на новогодишните чадорчиња, дека требаше да ги употребам нив. АМА, нив ги оставам како декорација на моето брауни со малини, бидејќи така и го направив оригинално.

Исто така, минимално е засладено и доколку јапонските јаболки ви се зрели, вкусот ќе биде налик карамела.

брауни со јапонски јаболка
brauni so japonski jabolki

Супер здраво колаче за празниците

Ова брауни со јапонски јаболки е супер опција за благо за празниците, доколку сакате да се заблажите а да не внесете бел шежер или процесирани благи. Има многу здрави масти и диететски влакна што нели, купечките благи го немаат. Нема брашно, само јатки, а моја препорака е да користите високо квалитетно какао. Затоа што какаото ќе го диктира интензивниот чоколаден вкус. Мене ми излегоа вкупно 25 коцки а како и секогаш, нутритивната вредност е засметана и е на крајот на овој пост.

Доколку сакате поздраво благо за празниците, тогаш ви препорачувам да го пробате моето брауни со јапонски јаболки. Сега им е сезона и ова е супер начин да ги искористите. многу е вкусно, не е многу благо и се прави навистина лесно. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🎄 Брауни со јапонски јаболки 🎄 Read More »

🫘 Чоколадни мафини со Грав 🫘

мафини со грав - Хедер
мафини со грав

Овие чоколадни мафини со грав, се уште еден супер експеримент од мојата кујна. Супер за кога ви се јаде благо а од друга страна сакате да внесете и протеини. Патем, луѓето што мислат дека со растителна исхрана не може да се внесат протеини, не се запознаени со моќта на гравот!

Сè што треба да знаете за црниот грав

Како и другите мешунки, како што се кикиритките, грашокот и леќата, црниот грав содржи висока содржина на протеини и диететски влакна. Но, црниот грав исто така содржи и неколку други клучни витамини и минерали кои имаат одлични бенефити врз нашето здравје. Можете да го јадете на секаков начин, а овие чоколадни мафини се само уште една идеја плус. Инаку, еве некои од најзначајните продобивки од црниот грав:

Го помага здравјето на коските

Железото, фосфорот, калциумот, магнезиумот, манганот, бакарот и цинкот што инаку црниот грав ги содржи, придонесуваат за градење и одржување на структурата и силата на коските.

Го намалува крвниот притисок

Црниот грав има ниско количество на натриум, а содржи калиум, калциум и магнезиум, минерали коитшо помагаат при намалувањето на крвниот притисок.

Ја подобрува дигестијата

Поради високата содржина на диететски влакна, црниот грав помага во спречување на констипацијата и одржување на здрав дигестивен тракт. Плус, црниот грав обезбедува гориво за здравите бактерии во дебелото црево.

Помага во управувањето на дијабетесот

Храната богата со диететски влакна, помага во намалувањето на нивото на гликоза во крвта кај лицата со Тип 1 дијабет. Дополнително, и лицата со дијабетес тип 2 може да имаат подобрени нивоа на шеќер во крвта, липиди и инсулин..

Да се вратиме на моите чоколадни мафини со грав

Доколку сакаш сочен и чоколаден десерт, но сепак сакаш да внимаваш на калорискиот внес или пак доколку водиш евиденција за внес на протеини, тогаш моите чоколадни мафини со грав се полн погодок. Немаат воопшто масло, јас ги засладив со јаворов сируп, но може да се засладат и со сируп од урми или пак да ги направите комплетно без засладувач. Дополнително, содржат и антиоксиданси поради какаото. Јас има додадов смрзнати јагоди, што е сосем опционално, но тоа ги направи уште посочни и повкусни. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео за подготовка.

Доколку си љубител на интензивен чоколаден вкус и сочни десерти, а сепак сакаш тие да бидат здрави тогаш дефинитивно те охрабрувам да ги пробаш овие чоколадни мафини со грав. Се прават лесно и многу се вкусни и сочни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Чоколадни мафини со Грав 🫘 Read More »

🫘 Протеинско Брауни од Наут 🫘

протеинско брауни од наут - Хедер

Во мојата серија од здрави браунис од овошје, зеленчук и цели зрна тогаш не вклучив брауни од наут, па еве, пред да ги објавам останатите и на веб страната, почнувам токму со ова протеинско брауни од наут.

Протеинско – затоа што протеините се многу актуелни и буквално на секој рецепт со наслов протеински, му се посветува повеќе внимание.

Ова протеинско брауни од наут е навистина протеинско, со 8,2 грама протеин и 102 калории во едно парче. Има вкупно 6 состојки, се подготвува за буквално 5 минути и се пече за 30. Значи за 35 минути имате готов десерт (или ужина) со супер состав!

Ова, и останатите рецепти за брауни можете да ги најдете во категоријата брауни и сите се различно вкусни и здрави и дефинитивно вредат да се направат.

протеинско брауни од наут

Како да го направите ова протеинско брауни од наут?

Најпрво, одберете си го омилениот чоколаден протеин во прав. Потоа, одберете убаво и квалитетно какао, вкусен и течен путер од бадем (колку потечен, толку подобро). Засладувачот е опционален, па доколку внимавате на внесот на јаглехидрати, можете да го направите и без него. Чоколадните капки се исто така опционални но, препорачливи (затоа што, зошто да не) 😀😆 Плус, антиоксидансите од какаото и црното чиколадо придонесуваат за уште поздрав десерт. Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels.

Зошто Наут?

Наутот е здрав и одличен извор на растителен протеин. Наутот е богат со диетални влакна, особено растворливи влакна наречени рафиноза. Со самото тоа што е богат со растворливи влакна, наутот го помага варењето и здравјето на цревата, а може да помогне и во намалувањето на холестеролот. Наутот е исто така добар за зацврстување на коските како и во намалување на ризикот од одредени ракови.

Доколку се уште го немаш направено моето протеинско брауни од наут, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина многу вкусно, чоколадно и богато со протеини и растителни влакна. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🫘 Протеинско Брауни од Наут 🫘 Read More »

🍰 Чоколадна Киноа Торта “Rudolph’s Cake” 🍰

чоколадна киноа торта - Хедер

Оваа чоколадна киноа торта излезе сосем случајно, размислувајќи како би можела да направам уште поздрава чоколадна торта. Го носи името “Rudolph’s Cake”, бидејќи тоа го дадовте вие на наградувањето што го имав на мојот инстаграм профил.

И совршено и прилега. Оваа торта/колаче има длабок чоколаден вкус, мека е и сочна а можете да си играте со филување, полнење или декорации.

Се прави лесно, потребен ви е само процесор за храна и е супер здрава, поради тоа што главната состојка е киноата. Природно е засладена со урми и богата со антиоксиданси од какаото и растителни влакна и омега 3 од лененото семе.

Епа кога една торта е здрава, тогаш дефинитивно треба да се проба, нели? Не се двоумете, сварете си киноа и направете си ја оваа чоколадна киноа торта уште денес.

Чоколадна Киноа Торта
Чоколадна Киноа Торта

Зошто чоколадна киноа торта?

А зошто да не? Доколку ви се јаде нешто благо, а сепак не сакате да изедете еден тон процесиран шеќер, плус сакате да внесете добри состојки за коишто вашето тело ќе ви биде благодарно. Епа, оваа чоколадна киноа торта ги задоволува сите овие параметри.

Плус, можете да да ја декорирате како сакате и многу лесно ќе ја трансвормирате во роденденска, новогодишна, пролетна, есенска…

Можете да ја јадете за појадок, ужина или десерт со многу свежо овошје и путер од јатки или крем од индиски ореви.

Како и да ја послужите, се надевам дека ќе уживате!

А доколку ви се допадне, слободно разгледајте ги и другите рецепти од киноа кај мене на сајт

Инаку, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а едно кратко видео имате и кај мене во reels на инастаграм.

Доколку си љубител на чоколадни колачиња, оваа чоколадна киноа торта е дифинитивно создадена за тебе! Те охрабрувам да ја направиш и пробаш најбрзо што можеш, и доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍰 Чоколадна Киноа Торта “Rudolph’s Cake” 🍰 Read More »

🥧 Брауни од тиква 🥧

Ова брауни од тиква нема никакво брашно и има вкус како да е од нутела. Не преувеличувам – но сепак ќе оставам на вас да го пробајте и да кажете! Инаку, доколку го следите мојот инстаграм профил од поодамна, сигурни ќе се сетите на мојот мини-проект здрави браунис од зеленчук овошје и цели зрна (рецептите за сите, наскоро и овде). Почнав со 10 здрави браунис:
сладок компир,
тиквичка,
грашок,
цвекло,
спанаќ,
киноа,
малина,
авокадо,
црвен грав,
урми
За да колекцијата да продолжи со брауни од аквафаба и сега ова, брауни од тиква.

Океј, можеби почнувам по обратен редослед, но подобро е да започнам од некаде отколку од никаде, нели! Плус, сега е сезона на тикви и добро е да ги искористиме колку што може повеќе.

Брауни од тиква

Богат чоколаден вкус

Пред се поради блажината на тиквата и путерот од лешник, ова брауни од тиква има неверојатно кремаст и чоколаден вкус. Буквално како да јадете чоколаден крем, а всушност, јадете целосна и здрава храна. Има само 7 состојки, се прави во еден сад и готово е само за 30 минути, што го прави ова брауни од тиква совршен десерт кога немате време или кога имате остаток сварена тиква. Плус, доколку имате пребирливи јадачи дома – овој рецепт е полн погодок како да им „подметнете“ тиква без воопшто да приметат. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу, а кај мене во reels на инстаграм имате и видео!

Есенската убавица – тиквата

Освен што е многу вкусна (печена, варена, во чорба, во палачинки, во мафини… Тиквата е богата со витамини, минерали и антиоксиданси, што ја прави навистина неверојатно здрава. Уште повеќе, тиквата има релативно малку калории, што ја прави погодна доколку сакате да изгубите или одржите тежина. Хранливите материи и антиоксидансите во тиквата го зајакнуваат имунолошкиот систем, помагаат во заштитата на видот, и можат да го подобрат здравјето на срцето и кожата.

Брауни од тиква
Брауни од тиква

10 причини зошто мора да го пробате ова брауни од тиква

До сега мислам дека ги набројав сите причини, но ајде да сумираме:

  1. Многу е вкусно. МНОГУ
  2. Чоколадно е, меко и кремасто
  3. Нема никакво брашно, значи нема глутен
  4. Се прави многу лесно, во 1 сад
  5. Брзо се подготвува и се пече за 30тина минути
  6. Здраво е и е супер начин да вметнете тиква во исхраната
  7. Има вкус на нутела и тиквата нема шанси да ја осетите
  8. Супер сезонски рецепт, за да ја искористите тиквата кога е во сезона
  9. Доколку му додадете протеин, многу лесно ќе го избалансирате и ќе го направите протеинско брауни од тиква
  10. Богато е со витамини, минерали, диететски влакна и антиоксиданси, нешто со што купечките десерти не можат да се пофалат.

Можам да набројувам уште, но мислам дека е време да скролнете до рецептот и да го направите. Чекам коментари!

Доколку си љубител на брауни, сакаш поздрава варијанта, не сакаш да поминуваш часови во кујна а сакаш длабок чоколаден вкус, тогаш ова брауни од тиква е дефинитивно за тебе. Нема никакво брашно, нема глутен, минимано е засладено а има вкус на нутела. Чоколадно и превкусно!  Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥧 Брауни од тиква 🥧 Read More »

🍪 Брауни со Аквафаба 🍪

брауни со аквафаба - Хедер

Искрено, немам оправдување зошто до сега го немам направено ова брауни со аквафаба. Всушност, никогаш и не ја употребував аквафабата (водата од наутот во конзерва). Секоја конзерва си викав “ајде барем еден мус” и ништо… АМА после ова брауни, дефинитивно ќе ја “активирам” повеќе и почесто.

Ова брауни со аквафаба е премеко, пресочно, превоздушесто, пречоколадно, превкусно, препре! 🤣 Од засладувач има кокосов шеќер (сакав да го направам без никаков засладувач ама ќе си го јадев сама така 🤣). Шала на страна, ако имате конзерва наут, утре направете си ручек а течноста зачувајте ја и направете го брауниво. Заблагодарете ми се потоа 😍

Брауни со Аквафаба

Ова брауни со аквафаба има точно 10 состојки и иако можеби ви звучи многу, сепак се прави прилично лесно и е МНОГУ вкусно и сочно. А тоа е всушност и поентата на едно брауни, нели?

Аквафаба е течноста од конзервата наут, што најчесто се користи како замена за јајце. За наутот веќе знаеме дека е здрав и дека е добар извор на растителен протеин, а дел од хранливите состојки се пренесуваат и во водата во којашто стои. Иако протеините и влакната не се пренесуваат, сепак, течноста прима дел од витамин Б, фолат, железо, фосфор, здрави масти, како линолова и олеинска киселина итн. Плус, антиоксидансите од какаото и црното чиколадо придонесуваат за уште поздрав десерт. Доколку внимавате на внесот на јаглехидрати, можете да го направите и без шеќер или со соодветен засладувач.

Доколку се уште го немаш направено моето брауни со аквафаба, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина превкусно, премеко, пречоколадно... Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍪 Брауни со Аквафаба 🍪 Read More »