Marija Marija Marija

🧁 Мафини од бадеми и боровница 🧁

мафини од бадеми и боровница - Хедер
мафини од бадеми и боровница

Овие мафини од бадеми и боровница се еден од оние рецепти што настануваат случајно, кога сакате десерт што не е благ а е здрав и нутритивно богат. Тоа до некаде и го постигнав. Брзи, лесни и здрави мафини (со помалку шеќер, а може и без ич шеќер) и многу минерали, влакна и антиоксиданси. Одлични за појадок или ужинка. Првиот пат ги правев со само 1 лажица кокосов шеќер. Но, ги правев и со сируп од урми и без никаков засладувач. Зависно од потребата и желбата, функционираат и така. Секако, вие можете да додадете повеќе засладувач (или пак малку црно чоколадо) доколку сакате да се поблаги. Имајте на ум, дека доколку ставите повеќе течен засладувач, ќе треба да додадете уште малку брашно од бадеми или кокосово брашно.

И за рецептот на овие мафини од бадеми и боровница отприлика толку, на вас останува да го направите, а во продожение и неколку причини зопто…

Обезбедете си остар ум!

Веќе знаеме дека бадемите (здрави масти) одат добро со боровинките (делумно кисело овошје). Но, уште поважно е бадемите и боровинките се подобра храна за мозокот отколку каков било купечки десерт. Го намалуваат шеќерот во крвта, и ги подобруваат когнитивните способности. Односно, омега-3 масните киселини во бадемите и антиоксидансите во боровинките помагаат во одржување на правилно функционирање на мозокот.

Справување со тежината

Јаткастите плодови (во случајов бадемите) и боровинките се одлична ужина доколку сакате да изгубите тежина. Протеинот во бадемите и влакната во јбадемите и боровинките дефинитивно ќе ве заситат и ќе ви помогнат во губење на килограмите. Но, сепак, имајте предвид дека вкупниот калориски внес одредува колку ќе бидете успешни во губењето на килограмите.

мафини од бадеми и боровница

Придобивки од бадемите…

Има навистина многу! Но, ајде да наброиме барем дел од нив. Како и сите јаткасти плодови, бадемите содржат протеин, којшто го гради телесното ткиво и создава хормони. Бадемите можат да го забават темпото на празнење на стомакот, со што прават да се чувствувате сити подолго. Бадемите исто така, се главен извор на незаситени масти, коишто спаѓаат во категоријата надобри масти кои одржуваат здраво ниво на холестерол.

Придобивки од боровинките…

Боровинките имаат малку калории (само 57 во 100гр.), но заситуваат, пред се поради тоа што се богати со влакна. Високиот внес на растителни влакна, меѓудругото, може да помогне во губење на тежината. Исто така, богати се со витамин А и Ц – два моќни антиоксиданси! За антиоксидансите веќе знаеме дека ги штитат вашите клетки од оштетување од слободните радикали. Антоцијаните, сините пигменти на боровинките, исто така делуваат како антиоксиданси и можат да ве заштитат од одредени хронични заболувања.

Доколку сакаш брзи и едноставни бомбици, а се уште ги немаш направено овие мафини од бадеми и боровница, еве прилика да ги направиш. Те охрабрувам, здрави, меки и сочни! А, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija 

🧁 Мафини од бадеми и боровница 🧁

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време25 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • силиконски / хартиени модли за мафини
  • тавче за мафини

Состојки

  • 1 шоља Мелени бадеми или бадемово брашно
  • 1 с.л. Кокосов шеќер може да се изостави
  • ¼ шоља Растително млеко
  • 1 „Јајце“ од лен 1 лажица мелено ленено семе натопена во 2,5 лажици вода
  • 1 к.л. Прашок за печиво
  • ¼ к.л. Сол
  • ¼ к.л. Цимет
  • шоља Боровинки може замрзнати, може и свежи

Инструкции

  • Загрејте ја рерната на 170.
  • Измешајте ги сите состојки (сем боровинките) во длабок сад.
  • Откако смесата ќе стане еднолична, додадете ги боровинките (сосем на крај) и нежно измешајте.
  • Доколку имате силиконски корпи за мафини, овде вршат многу работа, во спротивно, треба да намастите тавче за мафини и да обложите со хартиени (исто така малце намастени, најдобро со кокосово масло во среј) корпи за мафини.
  • Печете 20тина минути (времето на печење зависи од рерната).

Вкупно порции: 6
(препорачана порција: 1 мафин)
Нутритивни вредности од порција:

* к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .