Marija Marija Marija

Комбинирање на храната: неколку правила за подобри резултати

combining-food-header

Во овој водич ќе прочитате:

Комбинирање на храната – кои групи овошје и зеленчук одат добро заедно

Верувам дека до сега имате слушнато десетици „правила“ или „насоки“ за комбинирање на храната; што со што оди или не оди и додека некои од тие теории се точни, некои се неточни. Да напоменам, ова е мој личен водич и како јас ги групирам истите за подобро варење. Како и другите слични насоки, не значи дека и оваа е беспрекорна, но јас се придржувам до истата бидејќи ми покажала резултати. (Сем мојот личен пример, има многу и многу познати личности коишто се придржуваат до раститална исхрана, и правилна комбинација на истата а во оваа листа се вбројуваат Новак Ѓоковиќ, Жизел Бундхен, Венера Вилијамс, Натали Портман итн.).

Она што треба да го знаеме е дека овошјето и зеленчукот се варат на различен начин. Овошјето има поголема количина на шеќер од зеленчукот и му треба помалку време да се свари. Тој шеќер од овошјето пак, може да го забави процесот на варење на зеленчукот доколку истите се несоодветно искомбинирани. Сепак, пред да почнеме со комбинациите, сакам да направам соодветна поделба на групите на овошје и зеленчук. 

храна комбинирање
  1. Овошје со многу вода
    • лубеница, диња, цитрон, грозје, јаболко, круша, праска, цреша
  2. Зеленчук со многу вода
    • краставица, домат, пиперка, тиквичка 
  3. Слатко овошје со малку вода
    • урми, суви смокви, банана, папаја, јапонско јаболко
  4. Делумно кисело овошје
    • бобинки, јаболко, праска, кајсија, круша, слива, цреша, грозје
  5. Кисело овошје
    • лимон, портокал, мандарина, цитрон, ананас, калинка, лимета
  6. Листест зеленчук
    • сите зеленчуци што имаат зелена боја како спанаќ, кељ, брокула, прокељ, целер
  7. Зеленчук со скроб
    • тиква, морков, компир, сладок компир, пченка, грашок, костен
  8. Здрави масти
    • авокадо, семки, јатки, кокос
Јас се водам според овој водич за комбинирање на храната:
🥭 Слаткото овошје, оди одлично со делумно кисело овошје и листест зеленчук
🫐 Делумно киселото овошје оди одлично со слатко овошје, листест зеленчук и здрави масти. Може умерено да се комбинира и со Кисело овошје;
🥬 Листестиот зеленчук оди одлично со слатко овошје, делумно кисело овошје и здрави масти;
🍋 Киселото овошје оди одлично со листест зеленчук и здрави масти умерено (модерирано). Умеренното комбинирање со делумно кисело овошје е исто така во ред;
🍠 Зеленчукот со скроб оди одлично со листест зеленчук;
🥑 Здравите масти одат одлично со листест зеленчук и умерено со делумно кисело овошје;

Комбинирање на храната: неколку примери

Водата, како и зеленчукот и овошјето богати со вода (пред сè, лубеницата и дињата) е препорачливо да се пие/јаде посебно, 30-тина минути пред сè останато.

Сепак, нема да направите грешка доклку овошјето и зеленчукот го комбинирате и произволно по ваш вкус, ова е единствено еден вид на водич што може да ви помогне за оптимално варење на храната што ќе ја внесете. Според горниот пример, еве некои комбинации за вашето следно смути или оброк:

  • банана + боровница + спанаќ
  • јаболко + урма + кељ
  • портокал + ананас + спанаќ + бадем
  • сладок компир + марула
  • лешник + јаболко + спанаќ
kombiniranje na hranata

Зошто е добро да не јадете овошје после ручек

Ова правило се однесува единствено за подобро варење. Овошјето содржи многу вода и влакна и најчесто се потребни максимум 45 минути за да се преработи, додека, на зготвената храна и треба повеќе време. Кога овошјето се консумира со или по потешка или термички преработена (зготвена) храна, останува подолго во желудникот, бидејќи на потешата храна и треба повеќе време за да се преработи. Ова значи дека доколку овошјето остане предолго, може да се „превари“ од желудочната киселина што пак може да доведе до процес на ферментација. Така, „влажниот и кисел“ остаток од ферментираната храна, останува во нашиот дигестивен тракт и може негативно да влијае на варењето – да го попречи лачењето на желудочна киселина, апсорпција на нутритиенти и во краен случај да доведе до болки во стомакот поради несварена храна, чувствителност и нетолеранција на храна или воспаление на цревата и желудникот.

комбинирање на храната

За да бидете сигурни дека нема да му ја отежните работата на вашиот стомак, најдобро е да се придржувате до следниве правила за комбинирање на храната:

  • Јадете свежо овошје одделно од останатата храна, најдобро наутро, на празен стомак и барем половина час (идеално 45 минути) пред да внесете друга храна.
  • Лубеница и диња секогаш јадете засебно без да комбинирате со друго овошје или зеленчук.
  • Бобинките се одлични за појадок, но трудете се да не ги јадете попладне. 

Мојот совет е: денот почнете го со храна којшато се вари најлесно и потоа постепено одете кон потешка храна. Консумирајте овошје до 15 часот, доколку ручекот ви е во 16. На пример: наутро лубеница, потоа банана и јаболко, па урма за ужинка и по еден час, зготвен грашок или компири со свежа зелена салата.

Што можеме да заклучиме

Овошјето и зеленчукот е најдобрата храна што можете да му ја дадете на телото и колку повеќе јадете, толку подобро. Сепак, за да си го олесните варењето, добро е да внимавате како ги комбинирате. На овошјето му треба помалку време да се свари и најдобро е да се јаде наутро и барем 30-40 минути пред друга храна. Идеално е да не јадете овошје во попладневните часови, за да ја избегнете можноста истото да се задржи долго во вашиот желудник и да ферментира со што може да создаде воспалување во цревата. Сепак, слушајте што телото има да ви каже, тоа е најдобриот начин за правилно да се храните.

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .