Искрено, немам оправдување зошто до сега го немам направено ова брауни со аквафаба. Всушност, никогаш и не ја употребував аквафабата (водата од наутот во конзерва). Секоја конзерва си викав “ајде барем еден мус” и ништо… АМА после ова брауни, дефинитивно ќе ја “активирам” повеќе и почесто.
Ова брауни со аквафаба е премеко, пресочно, превоздушесто, пречоколадно, превкусно, препре! 🤣 Од засладувач има кокосов шеќер (сакав да го направам без никаков засладувач ама ќе си го јадев сама така 🤣). Шала на страна, ако имате конзерва наут, утре направете си ручек а течноста зачувајте ја и направете го брауниво. Заблагодарете ми се потоа 😍
Ова брауни со аквафаба има точно 10 состојки и иако можеби ви звучи многу, сепак се прави прилично лесно и е МНОГУ вкусно и сочно. А тоа е всушност и поентата на едно брауни, нели?
Аквафаба е течноста од конзервата наут, што најчесто се користи како замена за јајце. За наутот веќе знаеме дека е здрав и дека е добар извор на растителен протеин, а дел од хранливите состојки се пренесуваат и во водата во којашто стои. Иако протеините и влакната не се пренесуваат, сепак, течноста прима дел од витамин Б, фолат, железо, фосфор, здрави масти, како линолова и олеинска киселина итн. Плус, антиоксидансите од какаото и црното чиколадо придонесуваат за уште поздрав десерт. Доколку внимавате на внесот на јаглехидрати, можете да го направите и без шеќер или со соодветен засладувач.
Доколку се уште го немаш направено моето брауни со аквафаба, еве ти прилика. Те охрабрувам, бидејќи е навистина превкусно, премеко, пречоколадно... Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍪 Брауни со Аквафаба 🍪
Oпрема
- миксер
- тавче за печење / силиконска модла
- хартија за печење
Состојки
Суви состојки:
- 1 ¼ шоља Овесно брашно
- ½ шоља Какао
- ¾ шоља Кокосов шеќер јас го сомелев во прав
- ½ шоља Црно чоколадо (чоколадни капки) јас го стопив дел и беше врв
- 1 к.л. Инстант кафе го појачува вкусот на какаото
- 1 к.л. Прашок за печиво
Течни состојки:
- ½ шоља Аквафаба течноста од конзерва наут
- ½ шоља Пире од јаболка
- ¼ шоља Путер од индиски ореви може и путер од кокирики или други јатки
- 3 с.л. Растително млеко
Инструкции
- Загрејте ја рерната на 170.
- Во длабок сад измешајте ги сите суви состојки, сем кокосовиот шеќер.
- Во друг сад измешајте ги пирето од јаболки, млекото и путерот од јатки.
- Аквафаба: треба да ја матите со миксер додека не се стврдне (како кога матите белки) – ова е процес што одзема околу 10 минути со рачен миксер.
- Потоа, откако ќе се зацврсти, постепено додавајте го кокосовиот шеќер за да добиете сјајна и густа смеса.
- Следно, во изматената аквафаба додајте ги измешаните течни состојки но не матете со миксер туку нежно мешајте ги со шпатула.
- Потоа додадете ги и сувите состојки и мешајте споро на ист начин.
- Истурете го тестото во тавче за печење обложено со хартија за печење (или силиконска модла) и печете околу 25 минути (зависно од рерната) додека чепкалката не излезе сува.
- Оставете го да се олади пред да го исечете!
Вкупно парчиња: 6
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка **** Времето на печење зависи од рерната. Користете чепкалка за да проверите дали е добро испечено.
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .