Marija Marija Marija

🌈 Воздушести палачинки од киноа 🌈

quinoa-pancakes-header

Освен што се меки, овие воздушести палачинки од киноа се можеби едни од најздравите палачинки што можете да ги пробате. Киноата е моќна житарка којашто освен што е многу здрава и нутритивно богата, нејзиниот неутрален вкус ја прави многу погодна за подготовка во секакви јадења: како каша за појадок, во лепчиња, во пици, и секако, палачинки! Без разлика во каков облик ќе одберете да ја консумирате, нема да згрешите, бидејќи киноата е богата со растителен протеин, антиоксиданси, го штити срцето и другите органи од разни заболувања.

воздушести палачинки од киноа

Киноата е исто така богата со растителни влакна коишто го одржуваат нивото на шеќер во крвта, што ја прави супер-храна за намалување на ризикот од дијабетес и срцеви заболувања. Таа е одличен извор и на:

  • Фолат
  • Железо
  • Тиамин
  • Магнезиум
  • Манган
  • Фосфор
  • Калиум
  • Цинк

Сето ова ги прави овие палачинки СУПЕР-ПАЛАЧИНКИ 💖

Погодни за појадок, ужинка или десерт, овие меки и воздушести палачинки се дефинитивно одличен избор!


vozdushesti palachinki od kinoa

Брзи, лесни, едноставни и здрави

Овие воздушести палачинки од киноа се прават лесно, потребен ви е само блендер и нелепливо тавче за палачинки (ова е многу важно!). Ги печете без никакво масло по неколку минути од секоја страна, односно, додека да се појават меурчиња – како и за секои други американски палачинки.

Од оваа доза јас направив 18 мали парчиња (~8 цм во дијаметар, но вие можете да ги направите во големината што вам ви одговара.

Послужете ги со свежо овошје, путер од јатки, јогурт, гранола, непечени јатки или само полијте ги со јаворов сируп.

(‼️) Како и за повеќето палачинки, и за овие е МНОГУ важно да ги печете на нелепливо тавче. 

Доколку си љубител на палачинки, дефинитивно те охрабрувам да си покиснеш киноа за утре и да ги направиш овие воздушести палачинки од киноа. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🌈 Воздушести палачинки од киноа 🌈

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење20 minutes
Вкупно време25 minutes
Порции: 18
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер
  • нелепливо тавче за палачинки

Состојки

  • 1 шоља киноа киснета во вода, преку ноќ
  • 1 шоља растително млеко
  • 1 с.л. сок од лимон
  • 1 к.л. прашок за печиво
  • 1 с.л. јаворов сируп опционално, или засладувач по ваша желба
  • 1 к.л. екстракт од ванила

Инструкции

  • Ставете ја киноата во 1 шоља вода да се кисне преку ноќ.
  • Исцедете ја и исплакнете ја искиснетата киноа и ставете ја во блендер заедно со сите останати состојки.
  • Блендајте додека да добиете хомогена смеса.
  • Печете на тивок оган на нелепливо тавче за палачинки додека да се појават меурчиња.
  • Превртете и печете од другата страна.
  • Послужете со овошје, путер од јатки, јогурт, гранола… или со што ви душа сака

Вкупно парчиња: 18 мали парчиња
(препорачана порција: 4 парчиња)
Нутритивни вредности од порција (** без топинзи):
Калории: 90,9
Протеини: 2,7 гр.
Јаглехидрати: 15,5 гр.
Масти: 1,34 гр.
Влакна: 1,6 гр.
Витамин Е, витамин Б6, железо, магнезиум, фолат
, калциум, калиум

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
**** Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте го да не ви загори или пак да не случајно не е добро испечено

А доколку не си љубител на Киноа, разгледај ги сите палачинки што ги имам објавено, сигурна сум дека ќе го најдеш твојот фаворит!


‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .