Marija Marija Marija

🥐 Вегански Кроасани 🥐

Овие вегански кроасани се еден мој постар рецепт што до сега не ми беше објавен на сајт. Зошто – ни замата не знам. Но, се си има своја причина, па така еве им дојде редот.

Океј, овие вегански кроасани не се класични кроасани со путер, но се далеку поздрава опција со целосни состојки. Посни се, крцкави од надвор и меки и сочни внатре и одлично одат со кафе или чај.

Можете да ги јадете за појадок, ужина па дури и вечера. А мирисот на цимет ќе ви го исполни домот додека се печат.

Мене ми се супер опција во есенските и зимските денови – иако признавам, знам да си ги направам и во лето 🫢

вегански кроасани
вегански кроасани

Играјте си со полнењето

Јас до сега ги имам правено во најразлични варијации и полнења: со црно чоколадо, со домашна нутела, со чиа џем, со чоколаден крем, со замрзнати боровинки – и во сите комбинации излегуваа превкусни! Последно, овие вегански кроасани ги направив со Mama’s Food какао кремот од тиква и повторно беа превкусни.

Инаку, пишувајќи го овој пост, сфатив дека истото тесто може да се направи и во форма на штрудла, па ќе пробам следен пат да ги наполнам со смеса од суво овошје, за бадник! Мислам дека ќе бидат полн погодок.

Секако, доколку пробате некоја друга варијанта пред мене, оставете ми коментар со импресии.

Како да ги направите овие вегански кроасани?

Како што би правеле и кифлички, само без путер, без јајца, без масло. Всушност – многу полесно од традиционален кроасан, којшто да бидеме реални – се прави многу тешко. Па така, доколку сакате едноставна а здрава варијанта – ова е тоа. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате во рецептот подолу, а имате и кратко видео од подготовката кај мене на инстаграм во reels.

Доколку се уште ги немаш пробано и направено моите вегански кроасани, еве прилика. Те охрабрувам, бидејќи се прават прилично лесно, здрави се и многу вкусна. Плус, можете да си играте со полнењето и секој пат да добиете различен вкус! Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🥐 Вегански Кроасани 🥐

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 140 гр. Овесно брашно
  • 60 гр. Бадемово брашно мелени бадеми или брашно по избор, може спелт
  • 2 „јајца“ од лен 2 лажици мелен лен растворен во 5 лажици вода, отстоен
  • 2 с.л. Јаворов сируп или засладувач по желба
  • 2 с.л. Кокосово масло растопено
  • 2 к.л. Прашок за печиво
  • ½ к.л. Сода бикарбона
  • Прстофат сол
  • Малку растително млеко доколку има потреба

Инструкции

  • Сите состојки се мешаат заедно во длабок сад и се замесуваат така што да се добие тврдо тесто.
  • Тестото се става 10 мин во ладилник да отстои, за ленот да го направи своето.
  • Се расукува, се сечат тријаголници, се филуваат со фил по желба и вкус и се заролнуваат.
  • Се печат 10-13 минути во претходно загреана рерна на 170. Времето на печење зависи од рерната.

Вкупно порции: 5
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција: (** со полнење од какао крем од тиква)
Калории: 283,6 kcal.
Протеини: 7,5 гр.
Јаглехидрати: 29,16 гр.
Масти: 15,24 гр.
Влакна: 4,67 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .