Marija Marija Marija

🍳 Тофу омлет 🍳

тофу омлет - Хедер

Ова сум го кажала неколку пати, но ќе го повторам пак: една маана на тофу е што е бесвкусно. Но, една од предностите на тофу е што може да има каков вкус и да посакате, зависно како ќе го зачините и подготвите. Ова значи дека можете да додавате различни вкусови и секој пат да имате поинакво вкусен тофу-оброк. Овој тофу омлет е доказ за тоа. Плус, неверојатно ама и на изглед и на вкус е ИДЕНТИЧЕН како да е од јајца. Сликите се доказ 👇🏻

не може да се јајца порака

👈🏻 Реакција та на Диме (маж ми) беше priceless. Па набргу потоа заклучивме дека ова не е омлет, туку е Тофлет 🤣

Инаку Тофуто, освен што може да се прави во омлет, може да се прави и како кајгана, да биде фил во галети, пити и фритати. Буквално замена за јајца, урда, сирење (со соодветни зачини). Исто така, тофуто е еден од најдобрите извори на растителен протеин. Во една порција од 100 калории, тофуто има 11 грама протеини (односно 8 грама протеин на 100 грама тофу). За споредба, 100 калории мелено говедско месо обезбедуваат 8,9 грама протеини, а порција сирење со 100 калории содржи 6,2 грама протеини.

Но, да се вратиме на мојот тофу омлет

Јас го правев со меко „свилено“ тофу (silken tofu) што кај нас за жал го нема. Но, го направив и со обично тофу и излезе подеднакво вкусно – имам оставено забелешка во начинот на подготовка кога се користи тврдо тофу.

Задолжително го правам со нутритивен квасец и многу зачини. Го наполнив со веганска моцарела, чери домати и маслинки. Од горе наросив сол со тартуфи и копар и си потскокнував од среќа колку беше вкусно. Исто така, можете да го направите со пропржен млад кромид, печурки, спанаќ и вегански чедар. А, одлично оди и со свежа краставичка, хумус и маслинки. Како и да го искомбинирате – „тофлетот“ е превкусен, ве најадува и ви обезбедува супер количина на протеин.

Зошто овој Тофу омлет е добар за вас

🤒 Содржи неколку антиинфламаторни, антиоксидантни фитохемикалии што го прави одличен додаток на антиинфламаторната диета.

💪🏻 Одличен извор е на „целосен“ протеин – што значи дека има добро избалансиран профил на аминокиселини – покрај влакна, калиум, магнезиум, железо, бакар и манган.

🦴 Содржи високи количини на калциум и витамин Д, што е добро и за здравјето на коските.

🩺 Може да помогне во намалувањето на „лошиот“ ЛДЛ холестерол.

👸🏻 Изофлавоните во сојата може да и помогнат на кожата да изгледа помлада со помалку фини брчки.

Сепак, поради бројните придобивки, повеќе за тофуто мислам дека ќе објавам во засебен пост.

tofu omlet
Доколку си еден од оние што мразат тофу, мислам дека МОРАШ да го пробаш мојот тофу омлет (тофлет).🤣 Те охрабрувам да го направиш уште денес за појадок или ручек (причините зошто се набројано погоре) и доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🍳 Тофу Омлет 🍳

Време на подготовка5 minutes
Време на готвење7 minutes
Вкупно време12 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • блендер
  • нелепливо тавче за палачинки

Состојки

  • 150 гр. Меко, свилено Тофу доколку го правите со обично, потребно е да додадете ¼ шоља вода или растително млеко
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • 2 с.л. Оризово брашно
  • 1 с.л. Растително млеко
  • ¼ к.л. димена црвена пипер
  • ¼ к.л. лук во прав
  • ¼ к.л. куркума во прав
  • ¼ к.л. сол за автентичен вкус на јајца, потребно е да употребите црна сол.
  • 1 с.л. Маслиново масло за пржење

Инструкции

  • Ставете ги сите состојки, освен маслиновото масло во блендер и убаво изблендајте.
  • Ставете тавче за печење и загрејте го маслиновото на највисока температура.
  • Истурете ја тофу смесата и пржете 2 минути.
  • Намалете ја температурата и пржете додека комплетно не се испржи.
  • Додадете го филот што ќе го користите и внимателно полека со силиконска шпатула, преклопете го омлетот.
  • Гответе го уште некоја минута преклопен за да се соединат аромите (и доколку користите сирење, да се стопи).

Вкупно парчиња: 1 омлет
(препорачана порција: 1 омлет)
Нутритивни вредности од порција: (** без додатоци, само омлет)
Калории: 333 kcal
Протеини: 21,6 гр.
Јаглехидрати: 26,26 гр.
Масти: 22,9 гр.
Влакна:
4,85 гр.
Витамин А, Витамин Д, Рибофлавин, Витамин Б-12, Калциум, Калиум, Железо

* с.л. = супена лажица, го користам како кратенка
** к.л. = кафена лажичка, го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .