Овие плескавици од печурки и карфиол се уште еден постар рецепт. Кога прв пат ги правев, замислата ми беше вооптшо да не употребам леб, па ги правев во мини варијанта како „бургери“ од тиквичка! И верувајте ми, комбинацијата беше сон! Ем многу вкусна, ем многу здрава ем со многу малку калории! Убавината на растителната исхрана е токму во тоа – можете да изедете поголема количина а да внесете помалку калории. И тоа е тоа што јас го сметам за „паметно јадење“. Јадете повеќе, поквалитетно и поздраво а можете да останете во калориски дефицит – секако за сите оние што го сакаат тоа.
Секако, иако јас ги правев во мини верзија, вие можете да ги направите во која големина ви одговара и да ги послужите како ви душа сака.
Како да си ги направите овие плескавици од печурки и карфиол
Признавам, можеби подготовката на овие плескавици не е најлесна (пред се поради карфиолот) АМА, вреди. И тоа вреди од повеќе причини, дел од нив ги набројав во првиот параграф погоре.
🫶🏻 Здрави се,
🌱 Имаат малку калории,
🧄 Имаат помалку јаглехидрати,
🧆 Богати се со растителни протеини, влакна и антиоксиданси,
😍 Многу се вкусни
И мислам дека ова се доволно причини за да ги направите моите плескавици од печурки и карфиол и да ги пробате.
Зошто баш Карфиол?
Карфиолот е одличен извор на витамини и минерали. Содржи голема количина на растителни влакна, коишто се особено важни за здравјето на дигестивниот систем. Плус, карфиолот е нискокалоричен, а богат со вода – факт што може да помогне во губењето на тежина. Исто така, е добар извор на холин, хранлива материја, којашто е вклучена во многу процеси во телото и делува на спречување на неколку болести. И, доколку следите исхрана со помалку јаглехидрати карфиолот е одличен избор за вас. Во една шоља, има вкупно 5,1 грама јаглехидрати, од кои 2,9 се влакна. Ова значи дека нето јаглехидрати има 2,2 грама. И секако, само 28,5 калории.
Доколку сакаш бургери и плескавици, но си подготвен да направиш поздрава и помалку калорична верзија, тогаш овие плескавици од печурки и карфиол се вистинскиот избор. Те охрабрувам да ги направиш, затоа што се МНОГУ вкусни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍔 Плескавици од Печурки и Карфиол 🍔
Oпрема
- тавче за печење
- хартија за печење
- тавче за пржење
- процесор за храна
Состојки
- 2 шољи Печурки
- 1 шоља Карфиол ситно изрендан
- 1 Ленено јајце 1 лажица мелено ленено семе, растворено во 2 ½ лажици вода
- 2 месечинки Лук
- 2 Млади кромитчиња
- ¼ шоља Семки сончоглед тостирани
- 1 с.л. Чиа семе
- 3 с.л. Бадемово брашно или многу фино измелени бадеми и просеани низ сито
- 1 ½ с.л. Маслиново масло
- ¼ к.л. Чили
- ¼ к.л. Димена црвена пипер
- ½ к.л. Лук во прав
- ½ к.л. Сол
- ½ к.л. Бибер
Инструкции
- Загрејте на рерната на 180 и подгответе си тавче за печење, тавче за пржење и процесор за храна.
- Најпрво фино иситнете го карфиолот во процесор за храна (можете и да го рендцдате со рачно ренде). Тргнете на страна.
- Во процесорот за храна, или рачно иситнете ги печурките.
- На тавче истостирајте ги семките од сончоглед, 5 минути.
- Во истото тавче, пропржете ги кромитчето, лукот заедно со карфиолот и печурките. Гответе 5-10 миути додека да испари течноста.
- Додадете ги зачините.
- Целата зготвена смеса ставете ја во процесорот за храна и додадете го лененото јајце, чиа семето, бадемовото прашно и тостираните семки од сончоглед. Пулсирајте додека да добиете еднолична смеса.
- Формирајте плескавици (јас правев мали, но можете да ги формирате во која големина сакате) и ставете ги на тавче за печење обложено со хартија за печење.
- Ставете ги во претходно загреана рерна на 180, 25 минути додека да направат крцкава корка.
Вкупно парчиња: 12 мали парчиња
(препорачана порција: 6 мали парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 270,425 kcal
Протеини: 10,9 гр.
Јаглехидрати: 9,3 гр.
Масти: 14,6 гр.
Влакна: 5,95 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .