Marija Marija Marija

🌮 Тако тортиљи од Лен 🌮

тако тортиљи од лен - Хедер
тако тортиљи од лен

Пред да почнам да зборувам за моите тако тортиљи од лен, да дадам краток осврт на Такото – или едно од најпознатите традиционални Мексикански јадења. Мексиканските тако тортиљи се оригинално од пченкарно брашно (и само такви јадев додека бев во Мексико). Исто така, најчесто тако филот е со многу зачинето месо и лут сос, но на мое големо изненадување имаа и вегански опции.

Јас, дома вообичаено ги правам овие тако тортиљи од лен – поради тоа што се прават многу брзо и лесно и пред сѐ, поради придобивките на лененото семе (омега масни киселини, диететски влакна, антиоксиданси…)

За да ги направите буквално ви треба само ленено семе, вода и зачини. Зачините ќе ви го диктираат вкусот и можете секој пат да ставата различни комбинации. Од овој рецепт излегуваат 8 средно-мали тако тортиљи што потоа можете да си ги наполните со што ви душа сака. Јас многу сакам фил од леќа и ореви, свеж спанаќ, авокадо и домат.

Зрнца здравје

Лененото семе или ситните моќни зрнца, е разноврсна состојка која може да го подобри вкусот и текстурата на речиси секој рецепт. Можете да го додадете во утринското смути или да си направите пудинг од лен. Исто така е одличен додаток на тестото за палачинки, домашните веге хамбургери, па дури и овесна каша. Но поважно, лененото семе е преполно со хранливи материи и има многу придобивки за здравјето. Дефинитивно за лененото семе ќе напишам посебен пост кадешто ќе ги вклучам сите придобики што ги има за вашето здравје, но сега ќе набројам само неколку:

Само една порција лелено семе обезбедува добра количина на протеини. Исто така, содржи голема количина на диететски влакна. А најважно од се, одличен извор е на омега-3 масни киселини, заедно со неколку важни витамини и минерали. Може да го намали нивото на холестерол, и крвниот притисок. Исто така, може да го стабилизира нивото на шеќер во крвта. Ленот може да помогне и во одржување или губење на тежината.

Тортиљи дома, во секое време

Без двоумење, овие тако тортиљи од лен треба да си ги направите дома. Можете да ги подготвите од вечер па да ви бидат готови за следниот ден. Единствено важно при подготовката е да имате нелепливо тавче за палачинки. Не ви треба масло, бидејќи лененото семе си пушта масло. А, доколку повеќе сакате бурито од тако, слободно направете ги поголеми. Место 8 ќе добиете 4 што е количина за 4 порции.

Доколку си љубител на мексиканска храна, а особено на такоси, тогаш дефинитивно треба да ги пробаш моите тако тортиљи од лен. Те охрабрувам, бидејќи се прават многу лесно и едноставно а се многу здрави, нутритивно богати и вкусни. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🌮 Тако тортиљи од Лен 🌮

Автор: Марија Марија Марија

Oпрема

  • хартија за печење
  • нелепливо тавче за палачинки

Состојки

  • 1 шоља Ленено семе сомелено
  • 1 шоља Вода
  • Зачини по желба и вкус

Инструкции

  • Ако користите цело семе, убаво сомелете го (јас лично го препорачувам ова, наспроти купување мелено ленено семе). 😍
  • Водата ставете ја во тенџерче на оган да зоврие и додајте ги зачините.
  • Откако ќе зоврие, додајте го лененото семе и мешајте со дрвена лажица додека не се формира топка.
  • Оставете го малку да се олади и потоа формирајте 8 мали топчиња и секое расукувајте го помеѓу две парчиња хартија за печење (јас ги притискав со рака додека да добијам тенок круг со големина што ми одговара).
  • Потоа на нелепливо тавче (не ви треба масло) печете по неколку минути од секоја страна. Полнењето го оставам на вас, но вклучете си домат и авокадо.

Вкупно порции: 8
(препорачана порција: 2 такоси)
Нутритивни вредности од порција (*без додатоци):
Калории: 224,25 kcal.
Протеини: 7,75 гр.
Јаглехидрати: 12,25 гр.
Масти: 17,75 гр.
Влакна: 11,5 гр.
Омега-3, витамин Б1, витамин Б6, витамин Б9, Магнезиум, Цинк, Селен, Фосфор…

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
*** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 

‼️ Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .