Оваа минестроне супа е совршена за секој период од годината. Затоа што, супа е секогаш добра идеја, нели? Богата е со многу зеленчук и мешунки, а за нив знаеме дека се супер извор на растителен протеин. Плус, се прави во едно тенџере, за 20-тина минути. Многу е вкусна и е супер здрава. Во мојата верзија употребив навистина многу малку масло, што ја прави ниско калорична и одлична и за оние што внимаваат на калорискиот внес.
Од состојките во овој рецепт се добиваат две порции, а една порција има само 371,8 калории и 13 гр. протеин.
Но поважно, одлична е за да изедете многу зеленчук во еден навистина „cosy & comforting“ оброк. А со тоа воедно ќе направите и чистка на зеленчукот во фрижидер, затоа што треба да се направи место за свеж!
Нешто повеќе за минестроне супа
Минестроне е густа супа што потекнува од Италија, и вообичаено се прави со многу зеленчук, мешунки, месо и тестетнини. Состојките вклучуваат грав, кромид, целер, моркови, лиснат зеленчук, супа, домати, и секако во Италија – пармезан. Интересно е тоа што не постои одреден рецепт за минестроне супа, бидејќи она што е карактеристично за оваа супа е што најчесто се прави од кое било месо и зеленчук што се на располагање.
Фактот што мене ми беше најинтересен е дека веројатно најраното потекло на минестроне супа датира уште од пред ширењето на латинските племиња од Рим, односно уште пред Римско Кралство (подоцна Римска Република и Империја). Тогаш локалната исхрана беила „во главно и по потреба вегетаријанска“ состоејќи се претежно од зеленчук, како што се како кромид, леќа, зелка, лук, грав, печурки, моркови, аспарагус и репа.
Fast-forward до денес
Ми текна дека последен пат минестроне супа јадев лани во Верона, и ми пројави толку убаво чувство што морав да ја направам за да си се присетам на тоа прекрасно патување. И вистина, ем ми испадна превкусна, ем мноогу слична на италијанската, ем ме врати на патувањето, што нели, ми беше и целта.
И ете така, доколку дома имате многу зеленчук и малку паста, ова е знакот да си направите минестроне супа. Ќе ве најаде, ќе ве стопли и ќе ви ги исполни срцата со италијански дух. Целиот рецепт и начинот на подготовка е подолу во овој пост, а секако, кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката. А доколку сакате да се инспирирате со уште вкусни супи, погледнете ги сите што ги имам објавено овде.
Доколку си љубител на супи и доколку дома имаш МНОГУ зеленчук и МАЛКУ паста, тогаш дефинитивно треба да си ја направиш мојата минестроне супа. Многу е вкусна, преполна со зеленчук и супер здрава. Плус, ќе те однесе на мини патување до Италија. Доколку ја направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🍲 Минестроне супа 🍲
Состојки
- 2 дршки Целер
- 2 мали Моркови
- 1 мало Кромитче
- 2 млади Кромитчиња
- 2 месечинки Лук
- 1 мала Тиквичка
- 2 с.л. Наут (од конзерва) исплакнат и исцеден
- ½ шолја Зелена Боранија
- 4 с.л. Црвен грав (од конзерва) исплакнат и исцеден
- 1 с.л. Доматна паста
- 1 конзерва Домати (3 домати, изгмечени)
- 2 к.л. Димена пипер
- 2 к.л. Оригано
- 1 коцка за супа, зеленчукова
- 400 мл. Вода
- ½ шолја Тестенини, ситни јас користев Каватапи
- ½ Чили пиперче Опционално
Инструкции
- Во подлабоко тенџере на среден оган ставете ги целерот, морковот, кромидот, младото кромитче, морковот и лукот и гответе ги додека да омекнат.
- Додадете ја доматната паста и убаво промешајте.
- Потоа додадете ги доматите од конзерва и убаво промешајте. Гответе неколку минути.
- Додадете ја тиквичката, боранијата и наутот и убаво промешајте и гответе уште неколку минути.
- Додадете го гравот, зачините и супата (коцката за супа растворена во водата).
- Додадете ги тестенините, и гответе колку што е назначено на пакувањето на тестенините.
Вкупно парчиња: 2 порции
(препорачана порција: 1 порција)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 371.8 kcal
Протеини: 12,3 гр.
Јаглехидрати: 54 гр.
Масти: 9,2 гр.
Влакна: 10,9 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .