Marija Marija Marija

🌯 Протеински плескавици со зеленчук (без месо) 🌯

Протеински плескавици со зеленчук - Хедер
протеински плескавици со зеленчук

Овие протеински плескавици со зеленчук се уште една варијанта без месо, а овој пат и без тофу. Ги направив случајно, експериментирајќи за оброк што би го јаделе сите дома (особено Каи). Дозата е за 3 порции и има 22 грама растителен протеин, во порција. Доколку искомбинирате со хумус и лепче или тортиља од цели зрна, количината на протеин уште повеќе ќе се зголеми. А, главната ѕвезда во овие плескавици е црвената леќа!

Повторно храна со леќа?

Секако дека да!! Леќата е одличен извор на витамини од групата Б, железо, магнезиум, калиум и цинк. И секако, одличен извор на растителни протеини и влакна. Иако веќе имам превкусни ќофтиња од леќа, бургери од леќа, овие плескавици се поинакви, и многу многу вкусни. Можете да ги јадете со сос по желба, со свежа салата или во тортиља врап – каква комбинација и да направите, нема да погрешите. Ова е оброк што изобилува со многу диететски влакна, убави јаглехидрати и здрави масти што дефинитивно ќе ве држи сити!

Влакната во леќата го поддржуваат редовното празнење на цревата и растот на здрави цревни бактерии. Јадењето леќа може да ја подобри целокупната функција на цревата. Исто така, леќата содржи широк спектар на корисни растителни соединенија наречени фитохемикалии, од кои многу штитат од хронични болести како што се срцеви заболувања и дијабетес тип 2.

протеински плескавици со зеленчук

Како да ги направите овие протеински плескавици со зеленчук

Целото потребно време за подготовка на овие плескавици е помалку од час, но иако тоа можеби ви збучи долго, имајте предвид дека 20 минути одат во варење и 25 во печење… така што вашата работа ќе биде 15тина минути, што и не е така многу за вкусен и нутритивен оброк.

Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате најдолу во овој пост, а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео од подготовката.

Можете слободно да додадете други зачини со што ќе си го модификувате вкусот.

И тоа е тоа! Доколку немате идеја за ручек, овие протеински плескавици со зеленчук се дефинитивно нешто што вреди да го пробате. Брзо, здраво и многу вкусно, плус е супер опција да внесете протеини во лето без да јадете месо! Направете со салата со ладен домат и краставичка и уживајте!

Доколку се уште немаш пробано ќофтиња од леќа, направи ги овие. Прво затоа што се ПРЕВКУСНИ, потоа затоа што се многу здрави, крцкави а сочни. Секако, доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🌯 Протеински плескавици со зеленчук (без месо) 🌯

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 4-5 мали компири, сварени
  • 1 шоља Црвена леќа, сварена
  • 1 поголем Морков, изрендан
  • 2 месечинки Лук, изрендани
  • 1 шоља Брокула, сварена и исецкана
  • 1 помала Тиквичка, изрендана и исцедена
  • 1 шака Спанаќ
  • 2 Млади кромитчиња, исецкани може и стар кромид
  • 5 Маслинки, исецкани опционално, но препорачливо
  • 4 с.л. Брашно од наут
  • 2 с.л. Нутритивен квасец
  • ½ к.л. Кукрума
  • 1 к.л. Димена паприка
  • ½ к.л. Кимион
  • 1 к.л. Сол

Инструкции

  • Во подлабок сад додадете ги сварените компири и брокула и изгмечете.
  • Додадете ја сварената леќа и убаво промешајте.
  • Во меѓувреме издинстајте го или пропржете го зеленчукот (кромидот, морковот, лукот, спанаќот и тиквичката) додека да омекне.
  • Додадете го зеленчукот во смесата со компири леќа и брокула.
  • Потоа, додадете го брашното од наут, нутритивниот квасец и зачините и повторно промешајте.
  • Формирајте плескавички и печете ги во air-fryer или во претходно загреана рерна на 160, 20-тина минути или додека да оформат златна коричка.

Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 4 парчиња)
Нутритивни вредности од порција: ** само плескавици
Калории: 378,93 kcal
Протеини: 22,03 гр.
Јаглехидрати: 56,8 гр.
Масти: 2,7 гр.
Влакна: 12,5 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .