Marija Marija Marija

🍥 Крцкави сусам плочки 🍥

Овие крцкави сусам плочки се десерт што настана при немање ништо благо (освен желба). И сосем случајно, излегоа во еден брз, вкусен и малку поздрав десерт. Со својата едноставност и богат вкус, тие се идеални за секојдневно заблажување. А може да бидат ужинка или десерт за време на семејните собири и празници (како што беше и мојот случај). Но, овие крцкави сусам плочки не се само вкусни – тие се и извор на многу хранливи материи како калциум, железо и здрави масти.

Сите придобивки на сусамот

Сусамот е богат со многу важни хранливи материи, вклучувајќи калциум, железо, магнезиум и витамин Б. Одличен извор е на здрави масти, коишто се важни за одржување на здравјето на срцето и мозокот. Калциумот исто така, помага во зајакнување на коските и забите. A, железото игра клучна улога во производството на хемоглобин, кој е важен за транспорт на кислород низ телото.

крцкави сусам плочки
крцкави сусам плочки

Зошто да ги направите овие крцкави сусам плочки?

Една од најдобрите работи (освен што се супер вкусни – печен сусам за мене е СОН) е тоа што се лесни за подготовка. Плус, можат лесно да се прилагодат според ваш вкус. Така на пример, можете да додадете јатки или семки, или пак сушено овошје и така ќе добиете своја верзија. Исто така, можете да пробате со различни засладувачи, за да го најдете вкусот што најмногу ви одговара.

Исто така, овие крцкави сусам плочки се одличен извор на енергија. Идеални се за ужина, особено кога ви е потребен дополнителен поттик за енергија. Така, наместо да посегнете по купечко благо, пробајте една од овие сусам плочки. Ве уверувам дека ќе се чувствувате полни со енергија, заблажени и секако, задоволни!

И како што кажав, се прават навистина многу лесно. Јас ги правев во калап за мафини, но можете да ги направите во тавче и потоа да ги исечете на плочки или само да ги искршите. Целиот рецепт го имате подолу во овој пост а кратко видео од подготовката имате и кај мене на инстаграм во reels. Навистина ќе ми значи секој ваш преглед, зачувување, споделување и секое ❤️

крцкави сусам плочки
Доколку како и на мене ти се јаде благо а немаш нешто многу намирници, ова е еден супер рецепт што дефинитивно ќе ги задоволи твоите потреби за благо. Плус, печениот сусам му дава неодолив вкус!  Дефинитивно те охрабрувам да ги направиш и пробаш и доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави мо коменар под овој пост.

🍥 Крцкави сусам плочки 🍥

Време на подготовка7 minutes
Време на готвење23 minutes
Вкупно време30 minutes
Автор: Марија Марија Марија

Состојки

  • 200 гр. Сусам
  • 4 с.л. Јаворов сируп или засладувач по вкус
  • 1 к.л. Ванила екстракт
  • 6 с.л. Путер од кикирики или јатки по вкус
  • 60 гр. Црно чоколадо
  • 1 с.л. Кокосово масло за топење на чоколадото

Инструкции

  • Измешајте го сусамот со јаворовиот сируп и ванилата и ставете го во калап или тавче обложено со хартија за печење, убаво натапкајте и печете 20тина минути додека сусамот да добие златно-кафена боја.
  • Откако сусамот ќе се испече, премачкајте го со путер од кикирики и ставете го 5 минути во фрижидер да се стегне.
  • Во меѓувреме, стопете го чоколадото со кокосовтото масло.
  • Прелијте со чоколадото врз путерот од кикирики и ставете во фрижидер за чоколадото да се стегне.

Вкупно парчиња: 11 плочки
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 177 kcal.
Протеини: 4,16 гр.
Јаглехидрати: 9,85 гр.
Масти: 12,59 гр.
Влакна: 3,83 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. 
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .