Брзи, лесни, вкусни и полни со протеини – такви се овие протеински колачиња. Плус се прават во Аir-Fryer и се готови за само 7 минути.
Убавината на овие колачиња (освен што се многу вкусни) е што се прават неверојатно лесно. Пожелно е да имате Аir-Fryer, но доколку немате, можете да ги печете и во рерна.
За протеински колачиња – мора протеин
Една од главните состојки на овие протеински колачиња е протеинот во прав. Јас користев чоколаден вегански протеин од грашок и тоа им даде уште повеќе шмек. Доколку немате, можете да ставите 2 лажици какао како замена, но протеинската вредност ќе биде драстично помала.
Крцкави од надвор, сочни и меки од внатре
Периодов ова е еден од моите омилени десерти од повеќе причини. Многу се вкусни, многу лесно се прават, состојките се едноставни и секогаш ги имам дома и се уште еден начин како да внесам повеќе протеин.
Плус, многу е убаво чувството кога ви се јаде благо и знаете дека тоа што го јадете освен што ќе ви ги задоволи потребите за благо, во исто време ќе задоволи и други потреби на организмот и убаво ќе го нахрани (нема да изедете празни калории и преработени шеќери).
Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот, а имате и видео од целата подготовка кај мене на инстаграм во reels
Десерт без додаден шеќер
Гледајте црното чоколадо што ќе го употребите да биде барем 80%. Ако најдете, употребете и 90% – тоа е навистина горко и нема никаков шеќер. А доколку сакате можете и комплетно да го изоставите. Доколку бананата е навистина зрела (темно кафена) тогаш ќе добиете совршена блажина со нота на карамел. Сепак, ве охрабрувам да не се плашите од црното чоколадо, затоа што е одличен антиоксиданс. И на крајот на денот, животот е поубав со чоколадо во него, нели?
Доколку сакаш брз и здрав десерт полн со протеини, еве прилика да ги направиш моите протеински колашиња што се прават во air-Fryer. се прават прелесно и се супер вкусни и без додаден шеќер. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.
🍪 Протеински Колачиња во Air-Fryer 🍪
Oпрема
- air-fryer
Состојки
- 1 Зрела банана колку позрела, толку подобри
- 1 дозерка Протеин од чоколадо, ванила или вкус по желба
- ½ шоља Овесни снегулки
- 1 с.л. Путер од кикирики
- 2 с.л. Црно чоколадо капки или ситно исецкано
- 1 к.л. прашок за печиво
Инструкции
- Испасирајте ја бананата.
- Додадете ги сите останати состојки и убаво измешајте.
- Оформете колачиња (јас оформив 3) и ставете ги во Аir-Fryer да се печат 5-8 минути (погледнувајте ги да бидат кафено-златни но да не загорат.
- Оставете ги малку да се оладат и уживајте.
Вкупно парчиња: 3
(препорачана порција: колаче)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 164,3 Kcal
Протеини: 10,2 гр.
Јаглехидрати: 21,5 гр.
Масти: 4,93 гр.
Влакна: 3,36 гр.
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .