Marija Marija Marija

🥮 Тирамису на мој начин 🥮

тирамису - Хедер

Да бидеме реални, сите знаеме како се прави тирамису, и ова дефинитивно не е класично тирамису. Ова е поинаков рецепт, без бискоти, без шеќер, минимално засладен и супер алтернативна верзија на овој италијански класик.

Не велам дека не треба да си направите и регуларно тирамису, но велам дека ова рецептче го заслужува вашето внимание, и треба да се проба особено во периодот на пости.

Италијански класик во малку поздрава варијанта

Иако кога почнав да го мислам ова тирамису, бев малку скептик. Зошто да го направам, како ќе излезе… Целата убавина на тирамисуто се бискотите, и крем сирењето… Но, сепак решив да го направам и мислам дека не погрешив! Има навистина симпатичен вкус, крамасто е и се прави едноставно. Се што ви треба е процесор за храна за да ги направите кремовите.

тирамису
тирамису

Зошто ова тирамису на мој начин?

Затоа што понекогаш сакаме да имаме поздрава варијанта од некој десерт. Плус, затоа што е навистина многу кремасто и вкусно и се прави прилично лесно.

Сепак, за сите оние кои не се љубители на кафе (имам еден таков дома), тогаш ви препорачувам да ја направите мојата 🥕 Сирова торта од морков 🥕

Но, да се вратиме на моето тирамису, целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу во рецептот. А имате и кратко видео кај мене на инстаграм во reels. Како и секогаш, доколку го споделите или зачувате, многу ќе ми значи ♥️

Доколку сакаш едно поинакво, но подеднакво вкусно тирамису, тогаш дефинитивно треба да го пробаш ова тирамису на мој начин. Знам, многу е невообиаено, но дај му шанса, навистина е многу кремасто и вкусно. Плус, се прави релативно лесно. Така што, доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост.

🥮 Тирамису на мој начин 🥮

Автор: Марија Марија Марија

Состојки

Чоко-кафе слој

  • 80 гр. Индиски ореви накиснати во вода минимум 3 часа, најдобро преку ноќ или зовриени во вода и отстојани 30 мин.
  • ¼ шоља Кокосов крем од конзерва или друго растително млеко
  • 3 с.л. Јаворов сируп или засладувач по вкус
  • 3 с.л. Еспресо или инстант кафе, растворено
  • 60 гр. Црно чоколадо растопено

Ванила слој

  • 130 гр. Индиски ореви накиснати во вода минимум 3 часа, најдобро преку ноќ или зовриени во вода и отстојани 30 мин.
  • 1 с.л. Ванила екстракт
  • 2 с.л. Јаворов сируп или засладувач по вкус (да не е сируп од урми, бидејќи има темна боја)
  • 2 с.л. Кокосово масло растопено
  • 1 к.л. Еспресо или инстант кафе, растворено
  • 2 с.л. Какао – за декорација
  • 1 к.л. Цимет – за декорација со какаото Опционално

Инструкции

  • Накиснете ги индиските ореви во вода минимум 3 часа, најдобро преку ноќ или пак, зовријте ги во вода 30 мин. Убаво исцедете ги и исплакнете ги.
  • Во блендер или процесор за храна ставете ги состојките за чоколадниот слој, сем чоколадото и блендајте додека да добиете густ крем.
  • Растопете го чоколадото и измешајте го со кремот.
  • Истурете ја смесата во тавче или модла и ставете во замрзнувач додека го подготвувате ванила слојот.
  • Во блендер додадете ги состојките за ванила слојот и блендајте додека да добиете густ крем.
  • Истурете ја смесата врз чоколадниот слој и вратете во замрзнувач неколку часа.
  • Откако ќе се стегне, наросете со какао + цимет (опционално) и исечете на коцки.

Вкупно парчиња: 6 коцки
(препорачана порција: 1 коцка)
Нутритивни вредности од порција:
Калории: 421,5 Kcal
Протеини: 8,6 гр.
Јаглехидрати: 28,8 гр.
Масти: 30,6 гр.
Влакна: 3,3 гр.

* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи.  
** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка 
*** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка 

‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .