Ова лепче од јапонски јаболки настана сосема случајно, како еден супер успешен експеримент. Како и повеќето од вас и јас имав цела гајба јапонски јаболки, и освен што ги јадев така свежи и во најдобриот чоколаден пудинг (ќе го објавам и него иако веројатно сите го јадете) немав идеја како да ги направам за да ги искористам сите и да не ми скапаат. Епа така излезе ова лепче (и уште пар рецепти, што ќе ги објавам наскоро).
Многу е вкусно. Многу. Не преувеличувам. Има вкус на медена карамела, сочно е и сосем доволно слатко. Одлично е за појадок со свежо или смрзнато овошје, за ужина или за десерт. Плус, најважно од се, е што е многу здраво и се прави многу едноставно и во еден сад. Изобилува до антиоксиданси и диететски влакна што е дефинитивно причина плус да си го направите веднаш. Па така, доколку и вие имате гајба јапонски јаболки на тераса, земете неколку, скролнете на дното на овој пост и засукајте ракави.
Зошто лепче од јапонски јаболки?
Ова портокалово овошје, иако всушност потекнува од кина, кај нас е познато како „јапонско јаболко“ и не знам дали има друг термин на македонски 9пишете ми коментар доколку знаете). Се јаде илјадници години и има карактеристичен сладок вкус, налик мед. Но освен убавиот вкус, има и многу здравствени придобивки.
Богати се со диететкси влакна, витамин А, витамин Ц, витамин Е, витамин К, витамин Б6, тиамин (витамин Б1), рибофлавин (витамин Б2), фолат, магнезиум, фосфор и калиум.
Ова ги прави одличен извор на антиоксиданси, што мешу другото, можат да помогнат при срцеви заболувања. Исто така, ја намалуваат инфламацијата, можат да го подобрат видот, и здравјето и еластичноста на кожата.
Слично како и моето двослојно банана лепче и моето протеинско чоколадно банана лепче, така и ова лепче од јапонски јаболки се прави многу лесно и во еден сад. Од опрема ви е потребен само блендер за да ги испасирате јапонските јаболки. Целиот рецепт и начинот на подготовка го имате подолу а кај мене на инстаграм во reels имате и кратко видео за подготовка. Состојќите за коишто велам дека се опционални но препорачливи – навистина препорачувам да ги употребите, бидејќи совршено го дополнуваат вкусот.
Доколку си љубител на слатки лепчиња, како на пример моето двослојно банана лепче, те охрабрувам да го пробаш и ова лепче од јапонски јаболки. Се прави лесно и многу е вкусно и сочно. Доколку го направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija или остави ми коментар под овој пост
🍞 Лепче од јапонски јаболки 🍞
Oпрема
- блендер за блендање на јапонските јаболка
- сад за мешање на состојките
- калап за печење леб
Состојки
- 1 ½ шоља Овесно брашно мелени овесни снегулки
- ½ шоља Мелени бадеми или бадемово брашно
- 2 к.л. Прашок за печиво
- ½ к.л. Сол
- 2 Ленени „јајца“ 2 с.л. сомелено ленено семе, накиснато во 5 с.л. вода неколку минути – згоснато во гел форма
- 1 шоља Пире од јапонски јаболки изблендани јапонски јаболки
- 1 с.л. Ванила екстракт
- 1 с.л. Сируп од урми може да се изостави
- 1 с.л. Путер од лешник опционално но препорачливо
- ½ шоља Суво грозје опционално но препорачливо
- ½ шоља Ореви опционално но препорачливо
- ¼ шоља Чоколадни капки од црно чоколадо опционално но препорачливо
Инструкции
- Загрејте ја рерната на 170 степени.
- Во подлабок сад измешајте ги сите суви состојки, односно, овесното брашно, бадемовото брашно, прашокот за печиво и солта.
- Додадете ги течните состојки, односно, лененото јајце, пирето од јапонски јаболки, ванилата, сирупот од урми и путерот од лешник (доколку користите, а ви препорачувам да користите) и убаво промешајте.
- Сосем на крај, додадете го сувото грозје и оревите, доколку користите и убаво измешајте.
- Јас додадов и чоколадни капки од црно чоколадо и препорачувам да ги додадете.
- Смесата истурете ја во калап за печење лепче обложен со хартија за печење (или силиконска модла, за што нема да ви треба хартија) и печете во претходно загреана рерна, 40тина минути.
- Пред да го извадите, употребете го методот со чепкалка за да проверите дали лепчето е добро испечено.
- Оставете го да се олади пред да го исечете.
Вкупно парчиња: 12
(препорачана порција: 1 парче)
Нутритивни вредности од порција:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка **** Времето на печење зависи од типот и моќноста на рерната. Проверувајте го да не ви загори или пак да не случајно не е добро испечено
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .