Нов ден, нов експериментален мафин: ОДЛИЧЕН – овој пат мафини со карфиол и банана! Иако навидум можеби оопшто не звучат привлечно, морам да напоменам дека карфиолот во овие мафини, сепак не се чувствува. Иако јас сум навикната на карфиол, бидејќи секојдневно го ставам во смути, сепак сите што ги пробаа мафините, не почувствуваа дека има карфиол. 🤣
Во секој случај, мафиниве се навистина ОДЛИЧНИ и ве охрабрувам да ги направите. Пред се – бидејќи карфиолот е многу здрав! Малку повеќе за карфилиот имам напишано во овој пост за чорба од карфиол (направете си ја и неа). Јас секогаш имам количина карфиол во замрзнувач и го ставам во смути за кремаста текстура во замена за банана.
Невозможна комбинација за мафини со карфиол и банана
Да, свесна сум дека комбинацијава звучи невозможно, но мене тоа ми е и целата поента! Да ги испробам сите комбинации што ќе ми паднат на памет и од нив да направам некаков здрав и вкусен оброк.
Инаку мафиниве се супер ужина или десерт, не се воопшто преблаги, напротив блажината им е ептен „таман“. Одлично одат во комбинација со свежо овошје, здрав крем или путер од јатки а мислам дека во лето супер ќе одат и со топка здрав домашен сладолед. Афионот од горе можете да го замените со црн сусам или пак со ленено семе и ќе добиете сличен резултат.
И додека јас размислувам на следната „невозможна комбинација“ се надевам дека вие сте доволно мотивирани да ги пробате моите мафини со карфиол и банана за вашиот следен појадок или ужина! 🤩 😍
Доколку се уште го немаш пробано моите мафини со карфиол и банана, еве прилика! Те охрабрувам, бидејќи се превкусни и секако, здрави. Доколку ги направиш, тагни го мојот инстаграм профил @marijamarijamarija
🍌 Мафини со Карфиол и Банана 🍌
Состојки
- 1 ½ шоља овесно брашно
- 1 с.л. јаворов сируп или засладувач по ваша желба
- ½ к.л. сода бикарбона
- 1 зрела банана колку позрела, толку поблаги мафини
- 1 шоља минимално обарен карфиол
- 2 с.л. таан
- 1 дозерка протеин опционално
- ½ шоља растително млеко
- 1 с.л. семе афион (многу добар шмек)
Инструкции
- Исечкајте цветови карфиол и обарете ги на пареа, буквално 2-3 минути за да омекнат.
- Загрејте ја рерната на 170. Во блендер или процесор изблендајте ги бананата, карфиолот, таанот и агавето додека да добиете еднолична смеса.
- Дојдајте го овесното брашно, афионот и протеинот и мешајте.
- Млекото додавајте го постепено додека да добиете посакувана густина.
- Ако не користите протеин, можете и без млеко.
- Откако ќе добиете еднолична смеса, наполнете корпи за мафини и печете ги 40тина минути во загреана рерна.
- Јас декорирав со афион, но многу се вкусни и со путер од кикирики (откако ќе се испечат).
Вкупно парчиња: 9
(препорачана порција: 2 парчиња)
Нутритивни вредности од порција:
Калории:
Протеини:
Јаглехидрати:
Масти:
Влакна:
* Јас користам мерилки, ви препорачувам да набавите, многу се корисни а воопшто не се скапи. ** с.л. = супена лажица - ќе го користам како кратенка *** к.л. = кафена лажичка - ќе го користам како кратенка **** Времето на печење многу зависи од рерната. Погледнувајте ги по 15 минути печење.
‼️Сите фотографии се оригинални, направени од страна на МаријаМаријаМарија, и истите не смеат да се користат без претходно одобрување. Доколку сакате да користите некои од моите фотографии, слободно исконтактирајте ме 💌 .